Прашајте педијатар: Фимоза, фебрилни конвулзии, атописки дерматит

Наташа Чучкова Никчевска e специјалист-педијатар во Жан Митрев Клиника. Доколку имате било какво прашање или дилема во врска со здравјето на вашето дете, напишете ги на профилот на Фејсбук на порталот „Мајка и дете“ и очекувајте ги одговорите од нашата соработничка.

0
210

Нашата соработничка Наташа Чучкова Никчевска, специјалист-педијатар во Жан Митрев Клиника, одговара на прашањата на нашите читателки.

Почитувана, можете ли да ми кажете нешто за адхезиолизата. Имам син од 3 години и 6 месеци и иако на почетокот успевав да му ја повлечам кожичката на полниот орган, веќе цел месец не ми дозволува да го правам ова и почна да му се зараснува па го однесов на уролог. Тој советуваше да се направи адхезиолиза, но мене некако не ми се носи детето затоа што мојата пријателка има лошо искуство со својот син кој по овој зафат не сакаше да мокри  па мораше да му стават катетер. До кога може да се одложува овој зафат?

Во врска со вашето синче кое е на возраст од 3 години би ви советувала да закажете преглед кај детски хирург. Во нашата институција од неодамна работи Д-р Чадиковски. Претпоставувам дека се работи за фимоза, состојба која треба да се лекува хируршки.

Имам осуммесечно бебе кое наскоро треба да почнеме да го носиме во градинка. Бидејќи речиси сите ми кажуваат дека кога ќе почне да оди во градинка, ќе биде често болен, сакав да ве прашам дали склоноста кон фебрилни грчеви може да е запишана во гените. Децата на моите две сестри на возраст од 2 ипол-3 години добија грчеви при покачена температура па се плашам да не е ова наследно. Досега моето синче не било болно. Ви благодарам однапред.

Наследна предиспозиција за фебрилните конвулзии постои, но тоа не е гаранција дека детето кое имало родители или браќа и сестри со фебрилни конвулзии ќе има и самото фебрилни конвулзии. Во однос на тоа што може да правите кај вашето дете доколку качи температура, мој совет е да се хидрира правилно и да ја следите неговата општа состојба.

Имам петмесечно бебе со атопичен дерматит….од време на време е поизразен, а некогаш се смирува. Распостранет е само на стомачето и градите, во вид на ситни мозолчиња, а околината им е црвена. Користам само памучна облека, се бањаме секој втор ден, за бањање и за мачкање користам Мустела стелатопија, ама нема некој ефект. Кажете ми дали како што ќе расте бебето ќе исчезне и овој дерматит …со оглед на тоа што и сопругот има тешка форма на атопичен дерматит?    

Атопичниот дерматит може само да се менаџира, со хигиено-диететски режим. Склоноста кон атописки болести ќе постои. Би ви советувала вашето дете да биде следено од страна на педијатар пулмоалерголог.

Фото: Pixabey

loading...