Прво се роди љубовта, а после и нејзините плодови – бендот, Кристијан и Јована

Ирена и Даниел Митревски од групата „Памперс оф д фол“ иако се млади по години, по брачниот и музичкиот стаж се веќе во 'сериозни' години. Бендот постои веќе 17 години, нивниот син Кристијан има 7, а ќеркичката Јована - 3 години

0
652

Ирена и Даниел Митревски се запознале на проба на мешаниот хор „Стив Наумов“, додека Даниел собрал храброст да ја викне да излезат поминало некое време, ама кога излегле, уста не затвориле. Љубовната врска била првиот чекор, а потоа, спонтано, благодарение на заедничките интереси и музички афинитети, почнала и нивната професионална приказна, онаа на Памперс, или по ново –  Памперс оф д фол.

Во меѓувреме, од двајца, станале тројца, а потоа и четворица. Кристијан има 7 години и е второ одделение, а Јована – три.

Тој учи да свири клавир, а има мерак и на гитара и на тапани, Јована пак, на пеење.

Ирена и Даниел на музичката сцена се веќе 17 години, препознатливи и уникатни, симпатични и позитивни, од оние кои ви даваат надеж дека вистинската љубов, инспирацијата и семејството, не умираат, напротив, сите заедно, чуда прават.

„Со Даниел не поврза музиката, се запознавме на проба на мешаниот хор „Стив Наумов“. Бидејќи бевме многу млади, на Даниел му требаше долго време за да ме покани да излеземе заедно. Кога конечно излеговме, не можевме да престанеме да зборуваме. Имавме многу заеднички теми уште на почетокот. Професионалната соработка ни започна малку подоцна, сосема случајно. Даниел ја зеде гитарата в раце засвири неколку акорди и ми рече: Ајде стави текст и мелодија на пеење. Tака настана нашата прва заедничка песна“, раскажува Ирена за почетокот на нивната љубовна и професионална приказна.

Признаваат дека понекогаш им е многу тешко да ги разграничат приватното и професионалното.

„Дури и кога сме на прошетка со децата, ние многу често зборуваме за музиката и нашите професионални планови, а од друга страна се случува на проба да споделиме нешто поитно во врска со децата или некое од нив да влезе во студиото среде проба.

Тоа што работиме заедно има многу предности; како непосредноста во творењето, постојаната комуникација, тоа што патуваме заедно и не сме доживеале оттуѓување од партнерот како што понекогаш се случува со луѓе кои не се во истата професија, сме поминале безброј прекрасни авантури. Заедно и ја доживуваме и делиме љубовта кон сцената, публиката и благословот на доживувањата на секој нов концерт. Сепак, има и недостатоци: мешањето на професионалното и приватното, неможноста недоразбирањата во музиката да се исклучат во домот и обратно. Во секој случај преовладуваат предностите и кај нас се случува многу интересен феномен, кога едниот нема инспирација или едноставно има тежок творечки период, другиот да иницира и буквално, да турка напред“, велат тие.

Освен во бендот, тие имаат и други професионални ангажмани благодарение на кои, со оглед на ситуацијата, се во малку подобра ситуација од нивните колеги.

Даниел е наставник и како и сите наставници работи во отежнати услови заради пандемијата. Тој годинава води второ одделение и работи со физичко присуство, со две групи на дечиња одделно. Ирена пак е наставник по англиски јазик и книжевност, но не работи во настава, туку соработува со компанија за детски книги, па благодарна е што може работата подеднакво квалитетно да ја извршува од дома.

„Во овие услови кога многу луѓе ги губат своите работни места, а нашите колеги музичари се веќе со месеци без никаква заработка, многу е тешко да се зборува за егзистенција, а уште помалку за некаков напредок. Благодарение на нашите други професии, ние сме поблаго погодени.

Повлеченоста од сцената и изолацијата ги користиме максимално конструктивно. Постојано создаваме, снимаме и аранжираме во нашето студио „Ателје“. Сепак контактот со публиката е непроценлив за нас и едвај чекаме да продолжиме со концерти бидејки сцената е домот на еден музичар, а споделувањето на музиката со публиката е неопходност“, вели Ирена.

Нивниот првенец Кристијан од декември е на онлајн настава, а на истиот начин посетува и музичко училиште и од годинава учи да свири пијано.

„Бидејќи сум дома, јас му помагам за домашните работи, но наставата си ја следи самостојно и си работи по инструкциите на наставничката.

Јована има три години и не оди во градинка, заради ситуацијата. И дома деновите ѝ се исполнети со игра, цртање, боење, читање и неизбежните цртани филмови. Кога сум презафатена со работа, за децата се грижат бабите и дедовците. Даниел им е специјалист за игри, шеги и борби. Со децата сме многу блиски и важно ни е да знаат дека се сакани и заштитени, да имаат колку што е можно побезгрижно детство. Како семејство многу сакаме прошетки во природа, во изминатиот период најчесто ги посетуваме Пелистер или Тумбе-кафе. Даниел како и повеќето татковци е попопустлив. Јас редовно сум „лошиот полицаец“, постојано ставам ред, ограничувам колку време ќе поминат на таблет,  забранувам премногу слатки и ги прекинувам борбите“, се смее Ирена и додава дека децата се најмирни навечер кога ќе дојде време за читање за добра ноќ.

Таа во последните седум години, откако за првпат станала мајка, има одредена шема. Претпладнето е посветено на децата и на работните обврски (работа од домашната канцеларија), а попладнето е резервирано за работа во студиото.

Во меѓувреме се трудат да најдат време и да прошетаат.

„И нам и на децата ни недостигаат големите, весели родендени, слободната комуникација со луѓето кои ни значат.

Даниел е особено посветен на работата во студиото бидејки покрај компонирањето работи и на продукција, а јас си давам два до три слободни термини неделно. Во врска со работните обврски во домот, Даниел си дава слободни термини“, се смее Ирена.

Нивните деца ја сакаат музиката на Памперс, но се разбира, тоа не е единствената музика што ја слушаат дома.

„Слушаме музика и на плочи и на јутјуб, а најмногу во автомобилот.

Многу сакаат рок музика, Кристијан ги сака Квин и Мјуз а благодарение на Ајронмен ги засака и темите на Еј-си-ди-си кои се дел од франшизата. Јована особено ги сака и ги пее песните од цртаните и анимираните филмови за Дизни принцезите, а особено темите од Фроузен 1 и 2.

Децата од многу рана возраст пројавуваат афинитети за музика. Кристијан покрај пијаното има желба да научи да свири и на гитара и тапани, а Јована го користи секој момент да пее.

Овој период како и во секоја тешка борба, (впрочем како и сите колеги музичари) работиме на збивање на редовите и реорганизација. Но во лошото има и добро. Тешките периоди од секогаш кај сите уметници претставувале поттик за подобра и попосветена работа, свртување кон себе, лично и професионално унапредување. Ова се времиња кои треба да ги искористиме како извор на инспирација за идеи и дела во кои се наѕира отпор кон сѐ што не прави да не сме луѓе, и надеж за подобро утре.

Уметниците секогаш се стремат кон нешто поголемо, па и ние имаме неостварени соништа. Она што би сакале да се оствари прво е повторно да ја споделуваме нашата музика и љубов со публиката на малите клупски концерти, како и на големите сцени“, велат нашите соговорници.

loading...