Приказната за мајстор Гоце кој работел како бебиситер во Лондон

Мајстор Гоце Спирковски како помлад чувал деца во две семејства во Англија, а тригодишниот Кинез поради кој претходно бегале сите бебиситерки, го припитомил до толку што секогаш кога си одел дома, малиот обесен на неговата нога, плачливо го молел: „Godja, please don`t leave me!“. 

0
2799

За мајсторите обично важи она, дека е најдобро никогаш да не ви затребаат затоа што од една белја за која сте ги повикале, на крајот ќе излезат барем уште две-три, а откако ќе си заминат, веројатно водата пак ќе протече, плочките ќе паднат или, во најдобар случај, после нив ќе чистите два дена и две ноќи.

Но тие се сепак, неизбежни затоа што некогаш некаде нешто сигурно ќе се расипе или пак нешто ќе треба да се направи, па тогаш ќе се чудите каде да најдете мајстор од доверба. И почнувате да вртите по роднини, по соседи и пријатели и да прашувате да не знае некој од нив добар водоводџија, плочкар, електричар и слично.

Тие пак, се недопирливи, речиси како нашите министри. Де се зафатени, де имаат работа, де немаат време,…

Ако најдете некој преку „врска“, од што му е непријатно да ве одбие (затоа што, како што обично велат: не се исплати за ваква ситница да си го губам денот), ќе ви „опне“  цена со надеж дека го одбиете. Ако сте незналица за чинењето на мајсторските услуги како мене, може и да прифатите.

По неколку недели, ако имате среќа, мајсторот ќе ви се јави и ќе го слушнете неговото долгоочекувано: доаѓам во 8 сабајле!

Така кај мене дојде мајстор Гоце Спирковски.

Слабичок младолик, со огромен телефон од кој, се разбира, низ прашината која ја крена во купатилото додека работеше, се разлеваа звуците на некои поп-балади, а потоа, кога домаќинката наместо со пиво, го послужи со лимонада, почна и полоша варијанта – нешто во стилот на Цеца или Јеца…како и да е…не беше многу бучно, ако баш не му висиш над глава.

Но во паузата, додека чекаше да се исушат плочките во купатилото, мајстор Гоце ми раскажа една интересна приказна поради која и заслужи да се најде на нашиот портал.

Имено, кога имал малку повеќе од 20 години мајстор Гоце работел во Лондон како бебиситер.

И иако обично сме навикнати бебиситери да бидат девојки на оваа возраст или помлади, Гоце покажал дека и „мажите го можат тоа“! Дури и подобро од жените.

„Првата работа ми беше во едно мало место надвор од Лондон, во семејство од Јамајка кадешто имаше три деца од 6, 12 и 16 години кои требаше само да ги возам до автобуската станица и да ги земам од таму кога се враќаа од училиште и да им направам појадок или ручек, во зависност од периодот на денот. Тоа беше и потешкиот дел од работата затоа што, искрено, едвај знаев и јајца да испржам. Ама затоа, и се јавував на мајка ми и по нејзините упатства полека се поднаучив па можев да си готвам и за себе во текот на тие 6-7 години колку што останав во Англија“, ја почнува приказната мајстор Гоце.

На почеток не знаел баш најдобро англиски, односно знаел само толку колку што успеал да научи во текот на редовните часови по англиски во училиште, но со време го усовршил јазикот, па сега, вели, „зборувам како вистински Енглез“.

„Бидејќи гледав дека таму се обрнува внимание и на декорирањето на порциите со храна, што кај нас во тој период баш и не беше толку важно како што е тоа денеска, се обидов и јас да правам интересни декорации но кога првиот пат кога им ги сервирав на децата моите јајца на око врз лист зелена салата, а тие зачудено ме прашаа „што е ова“, сфатив дека можеби и не ме бидува баш многу за ова. Како и да е, таму останав само два месеци, затоа што местото беше ужасно здодевно а јас пак, колку и да бев сериозен додека бев на работа, толку сакав и да запознаам дел од оној урбан живот за кој ми зборуваше брат ми кој веќе живееше во Лондон.

Затоа, втората работа што ми ја најде агенцијата беше токму Лондон.

Бев бебиситер во едно кинеско семејство со две деца, на 3 и 6-годишна возраст. Моја обврска беше чувањето на помалото дете за кое мајка му уште на старт ме предупреди: „Детето е ужасно проблематично и сите бебиситерки досега ми побегнаа поради него, а јас немам друг избор, освен да барам нови“.

Јас пак толку многу се здружив со малиот што секогаш кога си одев дома, тој ми висеше обесен на ногата и викаше: „Godja, please don`t leave me!“

Иако таму требаше да бидам само две недели, додека не им дојде нова бебиситерка од Чешка, останав подолго баш заради малиот. Го носев во пабови за деца, се шетавме, му правев јадење, си игравме, уживавме и двајцата. Којзнае дали и ќе заминев некогаш, но оваа работа беше многу малку платена, а сестра ми требаше да се мажи наскоро, па ми требаа пари за пат, а и секако не можев да опстанам со тие пари, па решив да одам во градежништво. Така заврши мојата бебиситерска кариера, но останаа многу фотографии и сеќавања од тој период“, раскажа мајстор Гоце и си ја продолжи работата.

Инаку, токму работејќи во градежништво во Лондон Гоце го научил занаетот со кој сега „оперира“ низ Скопје.

loading...