Притисок од врсниците

Ако некој скокне во Вардар, и ти ќе скокаш по него?

0
236

Сигурно се сеќавате на оваа реченица со која сите родители се обидуваат да ги отрезнат своите деца и да ги натераат да се ослободат од феноменот наречен притисок од групата. Дали успеваат во тоа? Никој никогаш!

Притисокот од врсниците е нормална појава во текот на растењето, која се јавува во адолесценцијата и укажува на желба за прифаќање од страна на врсниците. Најчесто се рефлектира во негативниот дел од однесувањето, такашто адолесцентите почнуваат да пушат, да пијат алкохол или се вклучуваат во некои други неприлагодени однесувања како што се тепачки и слично.

Поради постоењето на тој феномен, опстануваат и ритуалите на иницијација кои се јасно дефинирани во племенските заедници, додека во западното општество правилата не се толку јасно дефинирани. На запад, иницијациите зависат од поднебјето на кое му припаѓате или од субкултурата во која се движите.

Истражувањата покажуваат дека колку што се построги правилата на иницијација, а можните последици поголеми, толку повеќе поединецот ќе изрази поголема желба да се вклучи во тоа општество, односно во групата која врши иницијација. Овие правила се особено забележливи во спортско опкружување каде на пример, влегувањето во сениорски тим може да биде придружено со прилично детален и насилен обред на иницијација во соблекувалната.

Значи, порано или подоцна, вашето дете ќе се најде во ситуација кога некој навистина ќе му понуди ‘да скокне во Вардар’. Како да го направите детето доволно силно за да каже одлучно ‘не’ во дадена ситуација?

Додека имате можност, не го учете вашето дете дека е добро да направи нешто затоа што на тој начин ќе ве задоволи (на пр. ‘Направи го тоа за љубов на тато’) и обидете се да го прифатите ставот на вашето дете за околината и ако тој е различен од вашиот став (на пр. ‘Јас не мислам така’, ‘Јас знам подобро’,  итн.) Прифатете ја неговата различност секогаш кога имате можност.

Ако го научите детето на прифаќање, сте го направиле силен за сите идни ситуации кога ќе се најде ‘на кејот’ и некој ќе му каже ‘скокни’!

Здравото прифаќање не значи дека се согласувате или дека се предавате на нешто, прифаќајќи (особено различности) го пуштате мирот во себе и си давате стабилност. Прифаќањето носи слобода од осудување, а истѕовремено ни дава слобода да избереме промена.

Адолесцентот кој ја прифаќа различноста, ќе може да биде различен. Клучот е во прифаќањето. Колку сте подготвени за овој чекор?

Фото: Unsplash

loading...