Проблемите поради бојата на нивната кожа, им се секојдневје во родното Скопје

Тафталиџанката Милена Милошевска Авиа која неодамна на Фејсбук проговори за расистичкиот напад што им се случил на нејзините деца на скопскиот плоштад вели дека и самата на своја кожа чувствувала како е да се биде на удар поради бојата на кожата, но дека реалноста ги надминала нејзините најлоши очекувања. Наместо космополитизам, во 21.век кај нас сѐ уште владеат примитивизам и расизам.

0
1541

Милена Милошевска Авиа е скопјанка, поточно, како што гордо вели и самата: тафталиџанка, која во оваа населба, во мирно и безбедно опкружување, ги помина првите години од својот живот. Не е дека тогаш немаше предрасуди кон луѓето со темна боја на кожата, напротив, токму предрасудите им го одредија потешкиот пат во животот неа и на нејзината мајка, но денеска ги има и повеќе, а и луѓето се многу посурови. Така вели Милена, а таа точно знае што зборува. Искусила на себе, а сега со тоа се соочуваат и нејзините четири деца.

Ние, староседелците во Тафталиџе 1, си ја знаеме како Миленче на Симка, глувонемата жена која беше доволно храбра во тоа време да биде самохран родител, а згора на тоа и мајка на дете со африканска крв.

Живееја на улица „Виенска“, кадешто ние, девојчињата од маало, кои во тоа време бевме пубертетлики, која во основно, која во средно училиште, со радост одевме речиси секој ден за да ја видиме тогаш малечката Милена или да ја земеме на прошетка за да може мајка ѝ да заврши некоја работа по дома. Симка беше жена со преубава руса плетенка и сини очи. Читаше од усни, а испушташе и гласови кои иако не беа убаво артикулирани во зборови, сепак можевме да ги разбереме затоа што Симка беше дел од нашите животи.

Сите ја сакавме и неа и нејзината ќеркичка Милена. Паметам дека еднаш, кога беше болна, сестра ми ѝ направи кукла со плетенки и со темна боја на лицето, затоа што во тоа време сите кукли имаа бели лица и сини очи. Токму како оние на нејзината мајка.

Милена како низ магла се сеќава на еден разговор со неа, на возраст од 3-4 години. Ја прашала: „Мамо, и јас имам вакви очи како твоите, нели?“ Симка ѝ рекла: „Не, твоите се кафеави“. Се сеќава и како потоа си ги гледале рацете, а мајка ѝ и објаснувала зошто нејзината кожа е потемна.

Откако се отселија во Карпош 3, не ја гледавме повеќе толку често, но одвреме навреме се среќававме. Секогаш имавме по некоја информација за нив, па така и онаа последната, од Фејсбук, за нападот врз децата на Милена на скопскиот плоштад. Тоа беше повод да се видиме, да седнеме и да си поразговараме, да ја рашириме приказната за ова прекрасно семејство, да раскажеме за нив од прва рака, а најмногу од сѐ, да се соочиме со нашата реалност, со примитивизмот и расизмот кои за жал, ги имаме во изобилие. Милена тоа најдобро го знае, таа е наша, од тука е, не може само да се спакува и да си оди. Мајка ѝ почина, но нејзиното минато и нејзината сегашност се тука, во Тафталиџе 1, во Карпош 3, во Скопје. Се видовме и таа ми раскажа сѐ што сум пропуштила.

„Додека живеевме во Тафталиџе 1, одев во градинката „Мајски цвет“, а мојата најдобра другарка Јуле, беше моја врсничка од соседната улица со која бевме неразделни и таа, иако сега живее во Лондон, е сѐ уште дел од мојот живот. Тука немав никакви проблеми со средината и сите ме сакаа, иако во тој период мислев дека мојата боја на кожата е потемна затоа што нешто не е во ред со мене. Во моето опкружување немаше деца слични на мене.

Иако имав само пет години кога со мајка ми трчавме по институции и по општини за да ги собереме сите документи потребни за да си го решиме станбеното прашање, ја научив цела процедура, јас бев нејзиното уво и често ѝ „преведував“ што ѝ кажуваат.

Како и да е, добивме свој стан и кога имав 6 години се преселивме во Карпош 3. Мајка ми ме запиша во „Лазо Трповски“. Таму, во новата средина, ретко кој ми се обраќаше со вистинското име, веднаш ме прекрстија и од Милена наеднаш станав Фарина, а некои од врсниците ме нарекуваа и бушман, циганка, итн.

Бев нова, на некои од децата во училиште им се погодив  таман за да им бидам мета за мајтапење, па незнам дали со возраста или со менувањето на средината, но кај мене тогаш ми се појави чувството на различност.

Мајка ми беше глува, не слушаше, па најчесто морав сама да се штитам. Така научив да се справувам со неубавите нешта што почнаа да ми се случуваат, такашто им враќав на насилниците како што знаев и умеев, а знаев и да се пресметам физички и да им ја затворам устата на оние кои ме задеваа.

Милена со мајка ѝ и со „тетките“ од студентскиот дом

Во тоа време имаше многу студенти од Африка, меѓу кои беше и мојот таткокој тука студираше медицина, а беше од Того,  Африка. Имаше студенти и од Ирак, од секаде, и секогаш се чувствував убаво кога одев со мајка ми кај нејзините пријателки во студентскиот дом „Гоце Делчев“. Таму се ширеа мириси од различни кујни, африканска, арапска, грчка, српска, а се слушаше и различна музика, се правеа забави, а јас бев прцул и уживав во сето тоа. Пријателките на мајка ми беа главно студентки од Заир, од Мали, Ангола, од Конго, од секаде низ Африка. Таа атмосфера нема никогаш да ја заборавам. Тие пријателки на мајка ми и до ден денеска, иако мајка ми почина пред 8 години, се мои „тетки“. Од овие африкански убавици (тетки) научив да правам африкански фризури и повеќе за тоа како да ја негувам мојата коса. И до ден денеска го правам тоа. Првата сплетена плетенка беше онаа на мајка ми која ѝ беше заштитен знак, а јас обожавав да ѝ ја плетам и расплетувам, и тоа беше наш ритуал“, раскажува Милена.

Симка и Милена на „Виенска“

Инаку, таа и мајка ѝ меѓусебе ретко комуницирале на јазикот на глувонемите. Освен, вели Милена, кога мајка ѝ и таа сакале да си кажат нешто скришум, за да не ги разбере никој друг.

„Овој јазик го научив гледајќи ја неа како комуницира со други глуви лица. Ние две имавме свој уникатен јазик и си се разбиравме. Мајка ми од секогаш беше многу креативна, постојано многу црташе, имаше направено еден куп мои портрети, но и други цртежи со кои беа преполни ѕидовите од нашиот изнајмен дом во Тафталиџе 1. Токму таа ме поттикна да се запишам во средното уметничко училиште и овој период ми е најубавиот период во животот. Кога станав тинејџерка, некаде на 16-17 години, научив како да се справувам со различноста.

За жал, кога бев четврта година се случи голем пресврт во мојот живот. Мајка ми доби мозочен удар и ние комплетно си ги сменивме улогите. Морав сега јас да бидам мајката, да подготвувам јадење, да пазарам, да плаќам сметки, да се грижам за домот и за неа. Ѝ правеа операција на главата, после која беше 1 месец во кома, а потоа ѝ требаше цела година за да застане повторно на нозе. Операцијата ѝ го продолжи животот за 10 години, но беше сосема друг човек. Сепак, драго ми е што го дочека раѓањето на сите четири внуци. Јас успеав некако да завршам четврта година вонредно, но не продолжив на студии, иако го сакав тоа“, бидејќи немав можности“, раскажува Милена.

Таа не е тип што кука и се жали. Напротив, ги зема работите во свои раце и прави сѐ што треба и мора да се направи. На 21 година го запознала човекот во кој се вљубила.

„Беше фудбалер од Нигерија, ангажиран во Скопје. Не запознаа за да му правам плетенки и така почна сѐ. Се спријателивме, почнавме да се дружиме, а потоа ми стана љубов. Во 2004.година се земавме, бевме во облаци, а јас бев многу среќна затоа што си имам партнерче во животот. Така, бидејќи мајчинското во мене се разбуди уште многу рано и едвај чекав да бидам мајка, се случи и тоа и на 24.години го родив Нишон. Тој сега ќе полни 14 години. После само една година и 11 месеци се роди и Брајан. Живеевме малку тука, малку во Албанија, постојано тука некаде, во регионов

Потоа дојдоа и близнаците Миа и Мевин кои сега ќе полнат 9 години.

Кога направија една година, мајка ми почина. После неколку години, ми се случи и развод, по што јас продолжив сама да се грижам за децата“, раскажува Милена.

На модна ревија

Ја прашав како се снаоѓа, а таа ми рече:

„Четворица се, ама се многу послушни и се еднакви на едно многу немирно, хиперактивно дете. Се договараме за сѐ, ги седнувам и им кажувам што очекувам од нив и тие тоа го исполнуваат. Нишон е во пубертет, ама не е бурен, сака многу да спие, има голема смисла за хумор, па секогаш кога јас „се тресам“ поради нешто, тој се обидува да ме насмее. Оди на пливање и во основното музичко училиште кадешто свири на тромбон. И Миа и Мевин одат на музичко, но сѐ уште немаат одбрано инструмент. Само Брајан не оди на музичко, но тренира атлетика (трчање на куси патеки и скок во далечина), а почна да оди и на часови по глума во драмското студио „Неверленд“.

Миа тренира одбојка, само Мевин не тренира ништо. Тој знае да отиде некогаш на фудбал, ама потоа ми вели: „Уф, многу ми беше тешко, морав да правам 10 стомачни.

Сите дома ја сакаме музиката, во моментов ним им е актуелен рапот, но ја трпат и музиката која јас ја слушам, пеат заедно со мене, а јас уживам во тоа. Мислам дека да беше ситуацијата поинаква, односно, да не беше мајка ми глува, ќе можеше да го забележи тоа и да ме насочи. Но барем имав можност да слушам музика на цел глас и да пеам гласно. Како и да е, сега јас ќе се обидам да им помогнам на моите деца да се пронајдат себеси и своите интереси.

Додека беше Нишон мал, бидејќи јас и татко му меѓу себе комунициравме на англиски, нему му беше полесно да се изразува на овој јазик, па почна да зборува македонски дури кога се запиша во прво одделение. Со татко им сите комуницираат на англиски, но со мене си зборуваат македонски.

Сите многу ми помагаат. Поголемите знаат да готват, да си ја испеглаат облеката, и тие се одговорни за малите, па кога јас не можам, на пример, ако правам некому плетенки, а тоа знае да трае и по 12 часа, тогаш тие ги носат на музичко. Знаат да земат правосмукалка и да исчистат, а знаат и да пазарат, но сепак, најчесто пазари Брајан зашто е најбрз и ги знае цените во сите маркети, знае каде се намирниците на акција и од каде може да ги купи по најповолна цена. А нормално, бидејќи сме петорица фрижидерот постојано треба да се полни.

Кога плетам плетенки, сите се заинтересирани, сакаат да ми помогнат, најчесто Миа и Брајан. Но не им дозволувам затоа што сепак, јас сакам клиентот да биде задоволен. А Брајан и онака постојано ме следи и ме имитира во сѐ. На пример, гледајќи ме мене како плетам, научи и тој да плете, или ќе види дека сум си направила алка, ќе ја проучи и тој ќе си направи иста таква. Такашто, размислувам да си почнеме сите заедно некое семејно креативно бизнисче“, се смее Милена.

Но, нивниот живот не е многу едноставен.

Голем дел од јавноста веќе знае за она што неодамна им се случи на нејзините деца. Имено, додека таа дома плетела некому плетенки, Нишон и некој негов другар, ги носеле Миа и Мевин на музичко, но на плоштадот биле нападнати од две момчиња.

„Случајот со нападот врз моите деца и тоа среде плоштад, навистина ми дојде премногу. Јас сум го преживеала многу пати тоа, и сама, како дете, но и подоцна, заедно со моите деца и со поранешниот сопруг. Ми се случило барем два пати додека бев бремена со близнаците, да ме навредат, па дури и да се обидат да ме нападнат физички затоа што сум со потемна боја на кожата. Прво кога ќе не видат сите заедно, мислат дека не разбираме македонски, а кога ќе им се свртам и ќе изреагирам на нивните погрдни зборови, стануваат агресивни. Често се тоа невоспитани тинејџери, но уште почесто, возрасни мажи што седат по кафани и цел ден коментираат и озборуваат. Тоа ни е секојдневие и мене ми е навистина преку глава, особено кога ова им се случува на моите деца. Во нашето соседство ние сме среќни и немаме такви проблеми, но кога ќе излеземе од оваа наша безбедна зона, се менува приказната. Ми се случило да поминувам бремена преку училишниот двор на гимназијата „Никола Карев, додека тука сѐ уште беше и „Зефљуш Марку“, учениците кои беа во дворот да викаат по мене: „нигер, нигер“ и да ме каменуваат, а наставникот да се прави дека не гледа ништо. Но знаете, кога нешто такво ќе му се случи на вашето дете и кога секое нивно излегување од дома и од населбата вие мора да се плашите дека нешто слично повторно ќе им се случи, не е воопшто лесно. А Нишон имаше потрес на мозокот од ударот што го доби во тилот од момчињата кои ги следеле моите деца од нивното симнување од автобус на Рекорд. И знаете што е најнеразбирливо и најлошо од сѐ? Тоа што никој не мрднал со прстот да им помогне на децата иако Нишон бил нокаутиран. Јас морав да се обратам и во Хелсиншки комитет. Сакам сторителите да се пронајдат и да се казнат за да запре веќе ова што се случува затоа што следниот пат, ако секогаш ваквите напади минуваат неказнето, некој може и нож да им извади, а јас немам деца за фрлање.

Во манастирот Бигорски

Очекував дека ќе имаат вакви проблеми, ама не очекував дека ќе биде тоа до овој степен. И другпат сум пријавувала во полиција инциденти, но од таму секогаш не подучуваат да не обрнуваме внимание, да игнорираме. На почеток си велев, ајде, можеби јас претерувам, можеби премногу паничам, но ова беше премногу сериозно за да кажам уште еднаш само „благодарам и пријатно“. Секој ден зборуваме на оваа тема, јас пред секое одење некаде, дали е тоа роденден, кино, театар, парк, ги подготвувам за тоа што може да се случи, што може да ни каже некој, како може да ни се обрати, и секогаш ги советувам да ги игнорираат насилниците. Тие се мирољубиви и јас сакам да останат такви до крај. Не сакам да им се множат ваквите ситуации и да направат од нив гневни и огорчени луѓе“, порачува Милена.

loading...