Разводот повеќе ги погодува тинејџерите отколку малите деца

Според новата студија спроведена во Велика Британија, колку се децата постари, толку е поголем ризикот дека ќе се впуштат во несакани однесувања и непослушност, во чија заднина ќе биде нивната повреденост поради разводот на родителите.

0
114

Многу двојки ќе кажат дека биле долго несреќни и отуѓени во бракот, но дека долго го одложувале разводот поради децата, односно за нивните мали деца да не страдаат премногу. Но новата студија покажала дека тинејџерите многу повеќе страдаат поради разводот или одвојувањето од едниот родител, отколку малите деца. Резултатите на студијата покажале дека колку се децата постари, толку е поголем ризикот дека ќе се впуштат во несакани однесувања и непослушност, а во заднината на тоа ќе биде нивната повреденост поради разводот на нивните родители.

Студијата ја спровел University College London, на 6.000 деца во Обединетото Кралство. Било проучувано менталното здравје на децата од 3, 5, 7, 11 и 14 години. Во едната група биле децата на разведени родители, а во другата група деца чии родители не биле разведени. Ги проучувале потешкотиите во психо-емоционалното подрачје како лошото расположение, наглите промени на расположението, напнатоста и анксиозноста, социјалната изолираност и проблемите во однесувањето.

Резултатите покажале дека колку биле децата постари, толку имало повеќе проблеми. Децата на возраст од 7 до 14 години најмногу страдале заради разводот на родителите и имале најизразени емоционални проблеми, а во однос на децата на иста возраст од групата чии родители не биле разведени. Психо-емоционалните проблеми се појавувале без оглед на економскиот статус на семејството, односно, и кај оние побогатите, и кај оние од посиромашните семејства. Но кај децата помлади од 7 години, немало некои значајни разлики во однесувањето или емоционални потешкотии помеѓу децата на разведени и неразведени родители.

Што велат психолозите кои не учествувале во истражувањето? Меѓутоа, психолозите и психијатрите кои работат со двојки што се разведуваат и со нивните деца, велат дека тоа нема врска со возраста на детето. Очекувано е дека тинејџерите потешко го поднесуваат разводот затоа што се и онака на возраст кога допрва развиваат рационално и разумно размислување, кога се под голем притисок од страна на врсниците, очекувањата, пронаоѓањето на сопствената индивидуалност, но и чувството на припадност на група. Пубертетот е тежок сам по себе, а ако го додадеме и грдиот развод на родителите, некомуницирањето помеѓу членовите на семејството, стравот од губење на родителската љубов и сигурноста, поверојатно е дека кај постарите деца ќе дојде до проблеми во однесувањето.

Според нивното искуство, најважниот фактор кој влијае на тоа дали детето ќе има емоционални проблеми или проблеми во однесувањето е како родителите се презентираат себеси во процесот на развод и колку искрено зборуваат за своите емоции.

Тинејџерите се паметни и можат да сфатат дека нивните родители повеќе не се согласуваат и не можат да бидат заедно. Но важно е како секој родител посебно ќе управува со своите чувства и како ќе разговара со детето.

Постарите деца ќе обрнуваат најголемо внимание на тоа како родителот се портретира и се доживува себеси во текот на разводот. Дали родителот се претставува како немоќен, повреден, слаб, кутар или е „возрасен“ во смисол – цврст, одговорен, стабилен, иако е тажен и разочаран. Отворената комуникација со децата е најважна компонента, велат психолозите и тоа без оглед на возраста на детето.

Без оглед колку години имаат, мора јасно да се стави на знаење дека тие не се причина за разводот и дека не направиле ништо лошо. Треба да се уверат дека се сакани и дека ќе бидат сакани од двајцата родители, како и дека ја имаат поддршката и помошта и понатаму, иако родителите повеќе не живеат заедно. Притоа, треба да се биде искрен и исто така, да се слуша што децата чувствуваат и мислат.

Фото: Pixabey

loading...