Родителите се плашат да им кажат „не“ на своите деца

Но на децата им требаат граници. Смислени, разумни, прилагодени на нивната возраст и карактер, но дефинитивно им требаат.

0
57

Во интервју за српскиот портал „Детињарије“, писателот и социолог Бруно Шимлеша зборува за дилемите и проблемите со кои најчесто се соочуваат денешните родители.

Според него, денеска владее епидемија на премногу попустливо воспитување, па на многу родители им е страв да им кажат на своите деца „не“, затоа што се плашат дека тогаш нема да им се допаднат на своите деца или пак сметаат дека било која граница ќе ја уништи убавината на нивниот дух. 

„Но на децата им требаат граници. Смислени, разумни, прилагодени на нивната возраст и карактер, но дефинитивно им требаат“, вели Шимлеша.

Во однос на влијанието на интернетот и социјалните мрежи на родителството, тој вели:

Мислам дека никој не може да се смета за ангажиран и посветен родител ако не разбира како функционира неговото дете и на социјалните мрежи.

Денешните деца се технолошки писмени пред да се описменат емоционално па доживуваат многу удари, а немаат претстава како да излезат на крај со нив. И затоа им е потребна нашата помош. Не за да ги заштитиме од животните удари затоа што е тоа и онака невозможно, туку за да ги подготвиме да се справат со нив. Треба да се подготват во овој реален свет па полесно ќе се справуваат со предизвиците на виртуелниот свет“.

На прашањето како да се најде вистинска мерка помеѓу покажувањето на љубов на детето и поставувањето на граници, Шимлеша вели: „На децата им требаат граници, точка! Дури, нашата љубов може да биде бескрајна само ако им поставиме граници. Иако на децата од почеток нема да им се допаднат некои граници и секако дека краткорочно ќе ни замерат за тоа, тоа е сеедно нашата улога. Љубовта не се покажува такашто ќе им дозволиме сѐ, туку такашто ќе им обезбедиме најдобри услови за раст и за развој, а ако е секогаш по нивно, сигурно ќе имаат проблеми во подоцнежниот живот. Иако мислам дека границите треба да бидат цврсти и јасни, никако не сум за тоа децата физички да се казнуваат ако ги преминат. Секогаш постои алтернатива – посмислена, похумана и поефикасна“.

Во однос на тоа пак, зошто модерните родители сакаат да бидат „другари“ со своите деца, вели дека е така затоа што тие не ја разбираат својата улога.

„Секако дека треба пријателски да се однесуваме кон децата, секако дека не би требало да бидеме нивни непријатели, но секако не сме ниту нивни другари. Верувам дека можеме да учиме едни од други, но родителите се тие кои ги одредуваат правилата и ритамот на односите. Секако, тоа не значи дека своите комплекси треба да ги лечиме врз нив затоа што тие не се наша играчка, но дефинитивно е природно да сме подоминантни“, објаснува Шимлеша.

Фото: Pixabey

loading...