Савка Тодоровска: Споделеното родителство после развод е корисно за жените!

Според претседателката на Националниот совет за родова рамноправност, предлогот на граѓанската Иницијатива за заедничко и одговорно родителство после развод е корисен за жените: „Во нивниот предлог-Закон за семејство не само што нема фаворизирање на еден од родителите туку, напротив, тие се рамноправни, а со тоа жената добива време и за работни и општествени обврски и напредувања во општеството .

0
839

На јавната расправа која се одржа во собраниската Комисија за труд и социјална политика, а по предлогот за измени на постојниот закон за семејство поднесени од Иницијативата за заедничко и одговорно родителство после развод во чија основа е идејата, доколку дојде до развод на брак, секој од родителите да има можност годишно да поминува од 120 до 180 дена со своето дете во сите случаи, освен исклучоците опфатени во еден член од законот кои се однесуваат на родители кои не сакаат, не можат или не се подобни за заедничко вршење на родителското право (зависници, осудени насилници, душевно болни).

По расправата зборувавме со претседателката на Националниот совет за родова рамноправност госпоѓа Савка Тодоровска, инаку, долгогодишна активистка за женски права која застана зад предлог-измените на Иницијативата оценувајќи дека тие не само што не фаворизираат еден од родителите, туку напротив, ги изедначуваат, а тоа пак, е корисно за жените.

„Јас, по некоја случајност сум во ова од самиот почеток. Имено,оваа група на родители кои ја почнаа Иницијативата, незнам од каде, ја добиле мојата адреса и се обратија за средба и разговор со мене на оваа тема.

Секако, јас прифатив и ја закажав средбата во нашите простории и на истата средба ги поканив и претставничките од здруженијата ‘Една може’, односно, претседателката на ова здружение Дороти Пачкова и Здружението на самохрани родители, односно, неговата претседателка Билјана Страмсек. Од Иницијативата за заедничко родителство после развод беа тројца претставници, Наум Рибароски, уште еден негов колега на чие име не се сеќавам и неговата сестра.

Јас само ја модерирав средбата, а потоа ги следев активностите на Иницијативата, сѐ до расправата во Комисијата за труд и социјална политика на која се зборуваше за нивните предлог измени на актуелниот закон за семејство. Според мене, нивниот предлог е корисен за жените, затоа што нашата организација се залага за родова рамноправност на сите нивоа на семејното и општественото вклучување на жената. Оттука, ако во недостаток на сервиси за помош и поддршка на семејството жената биде одговорна за децата, кога таа ќе има време и за работни и општествени обврски и напредувања во истите? Така, од таа гледна точка ние се залагаме за споделено родителство по развод.

Јас не гледам дека со новиот предлог-Закон има фаворизирање на ниту еден од родителите туку напротив, тие се залагаат за тоа да нема родител број 1 и родител број 2.

Јас така го разбирам и немам забелешки освен што дадов мој предлог во членот во кој станува збор за тоа кој не треба да добие родителство, покрај другото, треба да биде пријавен за семејно насилство, а не како што е во предлогот, да биде осуден за семејно насилство“, објаснува Тодоровска и додава дека споменатата расправа секако не е крајна и ќе трпи предлози, сугестии.

Нашата соговорничка е активистка која му е посветена  на женското прашање целиот свој живот.

„Јас сум во ова уште одамна, од време на социјализмот кога бев вклучена во активностите на Синдикатот, Работничкиот Совет, женските организации на работничко ниво на Месната Заедница и Општина Карпош, кадешто како претседателка на жените ме затекна и промената во 1991.година.

Се основаше Организацијата на жени на град Скопје и бев избрана за нејзина претседателка и од тогаш па сѐ до денес, ги направивме промените во животот на жените во нашата земја.

Во 1994. година ја отворивме првата СОС линија за жени и деца, жртви на семејно насилство, со поддршка на холандска меѓуцрковна организација која воедно донираше и дел од средствата за првото прифатилиште…Таа година во октомври 13 локални организации на жени од земјата, во Пробиштип ја основавме првата мрежа на НВО, а тоа беше СОЖМ.

Работевме на хуманитарни, мировни, но и на многу други развојни програми. Со поддршка на Пактот за стабилност и соработка со МТСП,и Елена Грозданова ,се донесе измената на Изборниот законик за 3о % на листите,од помалку застапениот пол за да сега има 45 жени…

Воедно го основавме првиот Клуб на жени во Парламентот со 3 лица вработени од наша страна, за поддршка и помош на парламентарките.

Се донесе првиот Закон за Родова Еднаквост, Законот против семејното насилство..Во таа 1991 година беа само четири жени во парламентот, од Насилството ни буквата Н, а камоли Комисија за еднакви можности (КЕМ) во сите општински Совети….и сега Ратификуваната Истанбулска Конвенција, сѐ во интерес на жртвите и воопшто, на жените.

Секако, имаме и многу други активности, како истражувања, работа со младите, жените во бизнисот, екстремниот радикализам…Односно сѐ што е нашето опкружување.

Жените се половина од популацијата и ако ја исклучите од активностите, дали ќе имаме праведен свет?!“, прашува госпоѓа Тодоровска.

loading...