Сакате да имате љубезни деца? Воспитајте ги на тој начин

Во овие неизвесни времиња сите се трудиме да бидеме љубезни и емпатични. Не се грижиме за многуте правила и малите грешки, но веруваме во љубезноста и разбирањето на другите (дури и ако другите не ни возвраќаат на истиот начин). Пред сè, веруваме дека можеме да се креваме, да си помагаме и да се поттикнуваме меѓусебе. Ги вреднуваме овие верувања секојдневно – дури и во тешките денови.

0
297

Актуелната дебата од областа на психологијата се однесува на дилемата дали алтруизмот е вроден или не. Дали некои деца се дојдени на овој свет со љубезност и алтруизам во нивните души? Студија од 2006 година, која вклучила деца на 18-месечна возраст, посочува дека можеби е тоа навистина така – додека неколку психолози од „Стенфорд“ не одлучиле да навлезат подлабоко во алтруистичните однесувања на малите деца.

Родолфо Кортес Бараган, дипломиран студент на „Стенфорд“, и Карол Двек, професор по психологија на „Стенфорд“, ја продлабочиле студијата. Таа покажува дека практиката на алтруизмот не е само вродена, туку е под влијание и на околината. Изгледа дека реципроцитетот на интеракциите поттикнува љубезност кај младите деца. Накусо, ако сакате да имате љубезни деца, мора да ги научите да бидат такви преку поддржување на нивните емоционални потреби и покажување безусловна љубов.

За време на студијата децата што биле вклучени во реципроцитетна игра со возрасни лица трипати повеќе им помагале на возрасните подоцна отколку оние што биле вклучени во паралелна игра со возрасните. Поврзаноста е важна. Кога возрасните создаваат врски со децата (дури и кратки) и градат доверба со нив, тоа доведува до поттикнување на љубезноста кај децата.

– Мислам дека откритијата ќе ја поттикнат контроверзијата, но на добар начин. Луѓето често велат дека нешто е вродено бидејќи не ги разбираат видовите суптилни искуства што можат да направат нешто да цвета, како на пример алтруизмот. Родолфо открил навистина суптилно искуство кое имало моќно влијание – вели Двек.

Како родителите да креираат љубезност и алтруизам во домот? Можат да започнат со овие лесни чекори:

  1. Моделирање

Родителите често им велат на децата да бидат љубезни, да користат љубезни зборови и да им помагаат на другите. Но, децата имаат тенденција да бараат социјални знаци околу нив, особено во текот на младите години. Бидете љубезни и во вашите дела и зборови. Вежбајте трпение. Помагајте им на другите, на семејството и на заедницата. Поставете основа за позитивни интеракции во домот наместо да се фокусирате на корекција на негативните.

 

  1. Создадете време за игра

Играта е јазикот на кој зборуваат децата. Така градат врски, учат за светот околу нив и изразуваат емоции. Сепак, многу деца немаат време за слободна игра. Важно е да го имаат тоа време, но еднакво важно е и родителите да се вклучуваат во играта со своите деца. Секогаш прифатете покана за играње – тоа е начинот на кој вашето дете ви кажува дека вашата врска му е важна.

  1. Изградете доверба

Децата повеќе искажуваат алтруистичко однесување кога искусуваат врски засновани на доверба. Често родителството остава чувство дека на обврските и задачите им нема крај. Без разлика на која возраст е детето, секогаш има нешто што треба да се направи. Време е родителите да забават малку и да остават простор за зацврстување на односите. На децата им треба време поминато со родителите и браќата и сестрите, за да играат сите заедно, да бидат тука еден за друг и да уживаат во малите моменти од животот. Негувајте ги тие односи помеѓу вас и децата. Сето тоа им помага додека растат.

  1. Почнете со мали нешта

Приклучете се во некој проект што промовира љубезност. Започнете со едно мало љубезно дело на ден и наскоро тоа ќе премине во навика, во која ќе се приклучи и најмалиот член на семејството. Во овие хаотични денови кога многу работи се неизвесни, тоа е нешто на кое сите треба да му се радуваат.

Фото: Pexels

loading...