Салија Бекир Халим: Некои доктори не сакаат да работат со ромската заедница

Нашата соговорничка од Иницијативата на жени од Шуто Оризари која одбележува годишнина од немање на матичен гинеколог во општина Шуто Оризари, смета дека, меѓудругото, една од причините за ова е и тоа што кај одредени доктори постојат стереотипи и незаинтересираност за работа со ромската заедница

0
99

Иницијативата на жени од Шуто Оризари одбележува една година од немање на матичен гинеколог во општина Шуто Оризари и апелира до Министерството за здравство што поскоро да даде зелено светло за отпочнување со работа на новиот гинеколог, но и за системски трајни решенија.

„Докторот кој треба да почне со работа во гинеколошката ординација во Шуто Оризари, гинекологот Божидар Бошковски, кој доаѓа од една приватна болница и е гинеколог со долгогодишно искуство, е и една година пред пензија, па веднаш треба да се размислува и што потоа, односно да се размислува за неговата замена.

Инцијативата на жени од Шуто Оризари апелира до Министерство за здравство најитно да ја заврши постапката за отпочнување на работа на гинеколошката ординација во Шуто Оризари, како и да обезбеди трајно решение за овозможување на пристап до гинеколошки услуги на жените Ромки“, вели нашата соговорничка и претставничка на Иницијативата, Салија Бекир Халим.

Таа смета дека сепак, од страна на Државата постои одредена незаинтересираност за решавање на проблемите на Ромите/Ромките.

„Токму во периодот кога се наоѓаме среде пандемија со ковид-19, во општина каде има најголем број на невработени и граѓани кои се во социјален ризик, не им се придава приоритет. Од друга страна, повторно ќе кажам дека ова е мое лично мислење, кај одредени доктори постојат и стереотипи и незаинтересираност за работа со ромската заедница. Постојат и одредени гинеколози кои им наплаќаат незаконски на пациентките, а Шуто Оризари не им претставува профитабилна ординација токму поради фактот што тука живеат лица во социјален ризик“, вели таа.

Во меѓувреме, 8.000 до 13.000 жени во репродуктивен период немаат матичен гинеколог во Шуто Оризари, откако пред една година гинекологот д-р Вјолца Мбиара ја затвори својата гинеколошка ординација.

„Иако Министерството за здравство најави отворање на нова гинеколошка ординација, истата се уште не е отворена и репродуктивното здравје на жените од нашата општина веќе подолго време е ставено во ризик.

Многу од жените си одбраа веќе матични гинеколози во другите околни  општини, но голем е бројот и на жени кои се оставени практично сами на себе т.е се снаоѓаат која каде ќе успее. Голема е бројката на оние кои го одбраа за  матичен гинеколог Д-р Нуман од Чаир кој за жал почина и токму сега голем број на жени се повторно без матичен гинеколог.
Немањето на матичен гинеколог се одразува многу лошо врз здравјето на жените бидејќи се оставени без соодветна здравствена заштита, особено бремените жени кои не можат да ги прават потребните антенатални прегледи. За жал, сведоци сме на случај, кој се случи кон крајот на 2020 година, кога почина родилка заедно со нејзиното новороденче, а семејството на починатата обелодени дека таа немала матичен гинеколог за уредно следење на бременоста“, потсетува Салија.
Таа вели дека би можел да се мотивира и некој од ромската заедница кој во иднина би работел како гинеколог во оваа поликлиника.
„Ние имаме дипломирани доктори-Роми, но сметам дека треба државата да ги субвенционира специјализациите и со самото тоа да ги мотивира да придонесат за заедницата.
Уште еднаш апелираме до Министерството за здравство да го забрза процесот за започнување на гинеколошката ординација на д-р Бошковски, и воедно, за системски трајни решенија“, порачува Салија Бекир Халим.
loading...