Самохран татко посвоил пет деца со посебни потреби

Работел долго време во училиште за деца и возрасни со тешкотии во развојот, па сакал да посвои деца кои имаат некаква попреченост. Денес, ужива во љубовта на пет деца.

0
286

Бен Карпентер бил прогласен за супер татко во една ТВ-емисија, кога ја раскажал својата приказна за посвојувањето на пет прекрасни деца, сите со некаква попреченост.

Работел долго време во училиште за деца и возрасни со тешкотии во развојот, па сакал да посвои деца кои имаат некаква попреченост. Денес, ужива во љубовта на пет деца.

За титулата супер татко, вели дека не е, туку е обичен родител кој им дава внимание и љубов на децата.

„Отсекогаш сакав да бидам родител, иако на почетокот планирав да посвојам само едно дете. Имав шест, но во 2019 година, за жал, почина моето двегодишно момче Ноа, по инфекција на желудникот што доведе до компликации. „Родителството е многу повеќе од тоа да бидеш биолошки поврзан со детето“, рекол Бен.

Со различни попречености, неговите деца Џек (13), Руби (9), Лили (8), Џозеф (5) и Луис (2), имаат сложени потреби. Џек има аутизам, девојчето Руби има Пјер-Робинов синдром и ограничена употреба на рацете поради недостаток на коски, Џозеф има Даунов синдром, Лили е глува, а Луис има церебрална парализа.

Овој самохран татко со полно работно време признава дека бил долг процесот за да биде прифати како самохран родител кога го посвоил своето прво дете, но дека тој процес сега е побрз затоа што „новите правила и прописи стапуваат на сила“.

Денес, тој се обидува да ја уреди куќата за да може да ги задоволи потребите на децата и да направи сите да се чувствуваат удобно во неа. На прашањето како се снаоѓа со толку многу деца, Бен одговорил:

„Сето тоа е рутина. Имам одлични пријатели и мајка која ми е вистинска поддршка. Тие се најпрекрасните деца, знаете, луѓето велат „децата се среќни што те имаат“, но јас велам дека јас сум многу среќен што ги имам нив. Тие го збогатуваат мојот живот во секој поглед“, рекол Бен.

Не ја исклучил можноста еден ден да стане биолошки татко и со тоа да го прошири семејството.

„Никогаш не вели никогаш. Мислев дека ќе посвојам само едно дете, па брзо се зголеми на две, а потоа на три. Можеби ќе имам повеќе деца, никој не знае што го чека зад аголот“.

Приказни за неговото херојско дело и пофалби за тоа дека чува пет деца, тој дури и не сака да слуша.

„Јас сум само јас. Јас не сум супер татко. Јас само го сакам тоа што го правам. Претпоставувам дека е тоа извонредно, но тоа сум само јас и секој што ме познава го знае тоа. Без премногу помпа и истакнување“, заклучил Бен.

loading...