Секое шесто дете во Шпанија е во депресија во текот на пандемијата

Секое шесто дете во Шпанија се чувствува депресивно за време на епидемијата на коронавирус, при што повеќе погодени се оние од посиромашните семејства, соопштило хуманитарното здружение Save the Children.

0
94

Шпанија воведе еден од најстрогите карантини во светот, вклучувајќи го и фактот дека децата цели четири недели не беа во можност да ги напуштат своите домови, за да се сузбие пандемијата од која починаа речиси 28.000 луѓе.

Здружението Save the Children соопшти дека истражувањето во април открило дека и покрај тоа што семејствата поминуваат повеќе време заедно, 17 проценти од децата се чувствувале депресивно секојдневно или често и дека карантинот ги нагласил економските нееднаквости.

Во повеќето сиромашни семејства, 32,3 проценти од децата имале потешкотии во спиењето, а 30,1 процент стравувале од ковида-19, речиси третина повеќе отколку во побогатите семејства.

Посиромашните деца, исто така, почесто плачеле, покажала студијата заснована на повеќе од 1.800 интервјуа со деца и нивните семејства.

Од Save the Children велат дека секое четврто ранливо семејство доживеало загуба на работното место или пад на приходите, што предизвикало децата да се чувствуваат напнато и несигурно. Во некои случаи, семејствата морале да делат дом со странци за да ги намалат трошоците за киријата.

„Изолирањето во мали станови со луѓе кои не се дел од семејството е ризично затоа што тие семејства се изложени на двоен стрес. Тие ги загубиле своите работни места затоа што не можат да работат и се изолирани во многу мали простори“, вели Андрес Конд, шеф на шпанскиот огранок на Save the Children.

Здружението ги повика властите да им помогнат на сиромашните семејства да ги покријат основните трошоци за живот.

Шпанската влада во неколку наврати вети дека нема да остави никого на цедило и дека ќе ја финансира минималната плата за околу еден милион најсиромашни домаќинства.

Фото: Pexels

loading...