Семејството денес: под ист покрив, а секој сам за себе

Зошто семејството се изменило во однос на периодот пред пола век, зошто се изгубила блискоста и зошто додека некогаш се инсистирало на поврзаност, денешните семејства се емотивно одвоени?

0
319

Сликата на семејството од пред 20 години се сменила во многу нешта. Некогаш имало поголем број на деца во семејството, а ист покрив делеле повеќе генерации.

Поделбата на улогите и на моќта била појасна и се знаело која работа чија е во односот родител-дете. Семејствата биле поповрзани и функционирале по системот „сите за еден, еден за сите“, а во нив имало малку место за независност. Денешните семејства се емотивно одвоени, а се поттикнува независноста на сметка на блискоста и заедништвото.

Психолозите нагласуваат дека денешното семејство се преобразило во обична група од сродници, поединци кои живеат паралелни животи во ист станбен простор. Секој се забавува во својот простор со помош на технолошките уреди, игра или разговара, и се дружи виртуелно. Поединецот останува сам во својата соба со илузија дека е во контакт со илјадници пријатели. А една од најголемите недостатоци на современото семејство е неусогласениот однос на родителите кој децата секогаш го забележуваат.

Освен инстант оброци, на децата им се сервира и инстант воспитување. Покрај големиот број обврски на родителите, но и на децата, останува многу малку време за разговор. Родителите би сакале да знаат што им се врти на децата низ глава, но тоа често не им поаѓа од рака. Помалите деца не умеат да ги опишат прецизно настаните, ниту јасно да ги изразат мислите, а оние малку поголемите би сакале да побегнат од родителската закрила. Од друга страна, ниту родителите не се способни за комуникација, па уште од врата ги пречекуваат со директни прашања, најчесто во врска со оценките, а кога детето ќе изрази желба за разговор, често немаат време.

Имено, според психолозите, најкритични се семејствата во кои има деца на училишна возраст. Во оваа фаза родителите имаат повеќе време за професионалните активности, а во истиот период се јавуваат проблеми со децата поврзани со учењето, однесувањето…Зад овие проблеми пак речиси секогаш стои нерешен родителски или брачен судир. Конфликтите се најчести околу поставувањето на нови граници, поделба на моќ, нови улоги, нерешени проблеми.

Кај младите сѐ повеќе исчезнува и познатиот култ на неделните ручеци. Сѐ повеќе се  практикува ручек надвор од домот или јадење „од нога“. Наместо на трпезата, семејствата се собираат околу малиот екран.

Оние кои можат нешто да спасат во овој период се бабите и дедовците. Кирк Блор, истражувач од Универзитетот Охајо, утврдил дека внуците кои имаат блиски односи со дедовците и бабите, постигнуваат подобри резултати во училиште, поемотивни се, поприлагодливи, имаат поголема самодоверба и подобра способност за развивање и одржување на пријателства.

loading...