Семејство Беговски: Кога родителите ти се глумци, нема бегање од театар

Рујиш, Суад, Теа и Енес Беговски се семејство од уметници, секој успешен во својата бранша - родителите актери, ќерката - режисер и синот – автор на музика за театар. И ако ги прашате дали го носат театарот дома, искрено ќе ви кажат: Да, многу често!

0
872

Брачната двојка Рујиш и Суад Беговски се на сцената цели 30 години. Заедно се од студентските денови. Обајцата претходно живееле во Штип, но не се знаеле, се запознале на Факултетот за драмски уметности во Скопје и оттогаш не се разделиле.

Рујиш  и Суад дипломирале во класата на Слободан Унковски. За време на студиите соработувале и со театарот на Љубиша Ристиќ во Суботица, а потоа и со хрватскиот режисер Бранко Брезовац.

По завршувањето на студиите се вработиле во Театарот на народностите – Турска драма. Таму работеле две години и во тој период почнале да работат и независни алтернативни претстави. Првата таква била „Клинч“ на покојниот Горан Стефановски. Се играла во кафез.

„На премиерата дојде и Горан. Претставата многу му се допадна па ни даде дури и касета со домашни снимки од Влатко со предлог дел од снимките да вметнам во претставата“, се потсетува Суад.

„Брачна игра“, Едвард Олби, режија Суад Беговски – Сухи

Тие во текот на тридецениската кариера имале многу заеднички проекти во театрите, но и  многу независни проекти. Рујиш во Скопје многу работела со Рахим Бурхан, театарскиот режисер кој од ромското културно-уметничко друштво „Пралипе“ од Скопје успеа да направи еминентен европски театар и со него и заминале во Германија, кадешто две години работеле во театарот на Роберто Чули. Додека работеле во Германија, со нив била и нивната тогаш едноиполгодишна ќерка Теа.

Сите деца за Петар Пан, само едно за Капетан Кука

„Теа секаде одеше со нас, на проби, на претстави, а кога одевме на турнеи ја чуваше една наша пријателка во Скопје, но главно беше со нас и порасна во театар, од јадење, пресоблекување, чување, секој што беше слободен за време на претстава, ја чуваше зад сцената и ја забавуваше за да не излета на сцена“, раскажува Рујиш.

Теа за ова не се сеќава, но затоа пак се сеќава на двете детски претстави во кои играле нејзините родители, а кои таа ги гледала толку многу пати што ги знаела нивните реплики и ги извикувала од публика уште пред тие да отворат уста. Исто така, била единственото дете во публиката кое на претставата Петар Пан, во која татко ѝ го играл Капетан Кука, наместо за Петар Пан, нормално, навивала за Капетан Кука.

„Првите две детски претстави што сум ги гледала се „Волшебното бисерче“ во која мајка ми го играше девојчето, и „Петар Пан“ во која татко ми го играше Капетан Кука. Тоа беа две претстави кои ги гледав цело време и тоа ми е најсвежото и најпрвото сеќавање од периодот кога почнав нешто да разбирам. Гледав од публика и кажував реплики пред да ги изговорат“, раскажува Теа, а татко ѝ се потсетува дека кога на сцената го врзуваат Капетан Кука, а тој повторува: Јас сум БУ, БУ, БУ, од публика се надоврзувала Теа и ја довршувала неговата реченица извикувајќи на цел глас: БУДАЛА!  Можете да замислите колку зачудено сите гледале во ова девојче кое било и единствено дете од цела сала што навивало за Капетан Кука.

Кога станува збор за спомените на децата за театарот и детството кое го поминале таму, Рујиш раскажува дека сега 23-годишниот Енес кој е 5 години помлад од сестра му, бил во театар уште пред да се роди. Имено, додека бил во утробата на мајка му, таа ја подготвувала и ја играла на сцената улогата на Велика, во монодрамата на Петре М. Андреевска.

„Почнавме да ја играме претставата кога бев 5-6 месец, а ја игравме речиси до моето породување. Баш скоро му ја покажував снимката од претставата и му раскажав дека и тој беше дел од неа“, се смее Рујиш.

Инаку, Енес како дете настапувал во две претстави, во првата на 5-6 годишна возраст, кога го играл внукот на Горски, по текст на Војдан Чернодрински, во режија на Горан Тренчевски, а втората улога ја имал на 9 години во претстава на Пројковски во која имал монолог од една минута. Зборувал нешто за универзумот но не се сеќава што. За својата определба за музиката вели:

„Завршив гимназија, иако сакав да се запишам во музичко. Ме мрзеше да учам и да читам и повеќе сакав да слушам музика. Татко ми ми го купи мојот прв инструмент, гитарата и од тогаш почнав да ја истражувам музиката. Со сестра ми почнав да работам на претстави пред 5-6 години, а свирев и во неколку бендови, но сепак, сфатив дека подобро функционирам сам“, вели Енес.

Тој ја правел музиката за 6 претстави на Теа, вклучувајќи ја и последната – „Јас сум актер-човек“, која се играше деновиве во галеријата „Колектив“ и беше повод да го договориме овој разговор со целото семејство Беговски.
Енес и Теа

Вроден талент за музика

„Не дека ми е брат, ама навистина е одличен во тоа што го работи. Енес студира филмска музика и има многу своја, авторска музика направена и за моите  претстави и за испитите.

Она што го паметам од нашите детски години е дека Енес како дете секогаш ни правеше дома шоу, се облекуваше, се подготвуваше, па ќе не наредеше сите во дневната како публика и ни правеше шоу. Секогаш знаел да направи позитивна атмосфера, а и денеска го прави тоа, ќе направи некоја нова музика и ќе не собере сите за да ни ја пушти да ја слушнеме заедно“, раскажува Теа, а татко ѝ се надоврзува и вели дека Енес има вроден талент за музика.

„Работевме една претстава во Штипскиот театар во која ни гостуваа Бранко Ставрев и Сенко Велинов, додека ние тројцата седевме во бифето после претставата, Енес кој се врткаше наоколу, седна на тапаните кои беа таму и почна да свири како да има барем 2-3 години искуство. Всушност, тогаш првпат во животот седна на тапани. Сенко се воодушеви и ми кажа дека морам да му купам на детето тапани. Кога му кажав дека немам пари, ми рече, најди ти половина, а втората половина ќе ја дадам јас. И навистина се обидовме да му најдеме тапани, ама не успеавме и така пропадна ова, но сега тој може да направи инструмент од било што. Прави најразлични импровизации и навистина има вродена дарба за тоа“, вели Суад.

Алтернативниот театар и егзистенцијата

Рујиш и Суад се горди на своите деца и иако никогаш не ги притискале при изборот на нивните професии, секогаш ги поддржувале, но и ги критикувале кога треба.

Сепак, сметаат дека веројатно и тие имаат индиректно влијание врз изборот на Теа да создава главно алтернативни претстави.

Имено, Теа која веќе три години е вработена во Драмскиот театар, сѐ уште во него нема поставено ниту една претстава, но сепак постојано работи токму такви, независни, алтернативни проекти.

Екипата од мултимедијалниот перформанс „Гледај, чувствувај. слушај..“

„Глупаво е да размислуваш дека можеш да егзистираш од алтернативен театар или од било каков друг вид на алтернативна уметност. Прво, нашиот пазар е многу мал, а второ, и стандардот е таков каков што е, па во една од најсиромашните држави како што е нашава, можеш да создаваш одлични дела, ремек-дела, но не можеш да опстанеш. Затоа ние секогаш бевме вработени во државна институција па потоа се занимававме и со алтернативни, независни проекти. Театарот е скапа работа, не е како сликарството, или како работата на писателот. Тие можат да работат и во кујна или купатило, но на режисерот му треба екипа која треба да ја плати, му требаат простор и финансии“, вели Суад.

И во оваа дискусија, како и во сите други помеѓу членовите на семејството, се развива полемика, па Рујиш вели:

„Ние сме работеле доста претстави надвор од театарот, па се случувало да не ни ја отворат вратата за да одржиме проба во театар, па сме си работеле и дома, во кујна. И Теа понекогаш со глумците прави проби дома. Значи, не е ни сѐ во парите“.

Теа потсетува на нејзините ангажмани па вели:

„Јас откако дипломирав, земајќи го примерот од дома, наместо да чекам некој да ми даде шанса, решив да почнам самата да работам. Повеќето алтернативни претстави сум ги правела дома, имав огромна поддршка од мајка ми и татко ми, тропав по врати сама и наоѓав простор. Сега сум толку истренирана во таа област што воопшто не се плашам дали ќе најдам простор. Имав еден од најкомплицираните алтернативни проекти „Контрола во автобус“, кој го работев со 17 актери. Имавме само една проба во автобус, цела претстава ја спремивме пробувајќи во кафуле, па дури еднаш кога не можевме ниту таму да пробаме и немавме друга алтернатива, одржавме проба во 11 ноќе на уличка во чаршија. Сите мои алтернативни проекти се сработени со нула буџет. Јас сум воспитана на секој проблем да гледам како на предизвик. Секој од моите проекти бил на работ да не се оствари, доколку не постоеше таа моја огромна волја и упорност. Практично, во сите проекти надвор од институција, бев сама со моите актери, а тоа значи организација буквално на сѐ, и сето тоа е непроценливо искуство. Точно, од алтернативниот пат нема заработувачка! Има само љубов, но таа љубов носи и креативност“.

И се разбира, целиот овој разговор би одел до бескрај, но времето брзо минуваше и беше ред да завршиме и да ставиме точка.

За крајот, ги запрашавме, дали ја носат работата и дома, или кога се дома, тие не се актери, режисери, музичари, туку се само Рујиш, Суад, Теа и Енес.

И секако, дека не се. Театарот, улогите, ангажманите, проектите, секогаш се дел од нив и со нив.

„Нашиот живот секогаш бил театар. Сме присуствувале на многу проби на моите родители и во театар, но и дома. Тие двајца се исклучителни уметници и ние растевме во дом кадешто цело време се зборуваше само за театарот. И најмногу научив од нив двајца. Моите родители, нивното мислење  и нивниот коментар ми се единствените што ми значат. Јас никогаш немам трема пред претстава, но после секоја претстава, без оглед на тоа како таа поминала кај публиката, најбитен ми е коментарот на родителите“.

Татко ѝ смета дека е тоа погрешно и ѝ објаснува дека може да се случи и тие да направат погрешна проценка и да не бидат во право, но Теа изгледа убедена во тоа што го кажува. И можеме да ја разбереме, впрочем, свесна е дека до себе има вистински професионалци.

Засега не режирала претстава во која би било вклучено целото семејство. Најблиску до еден ваков „семеен проект“ била дипломската претстава на Теа, за која Суад ја правел музиката, а мајка ѝ добила една од главните ролји.

„Слугинки“, Жан Жене, режија Теа Беговска

И иако досега како комплетно семејство немале некој заеднички јавен проект, честопати имаат свои мали проекти во домашна продукција. Особено кога им е здодевно и кога сакаат да се забавуваат на единствениот начин кој го знаат – да прават театар, макар и сами за себе, макар и дома.

Фото: PS visualart, Приватна архива

loading...