Скопската хуманитарка испрати на одмор и 6 жени заболени од рак

Маргарета Куртиќ која на социјалните мрежи фигурира како Маргарет Курт е хуманитарката која заедно со Христина, Јасмина, Јасна и Петре, преку група на социјалната мрежа „Фејсбук“ веќе три години по ред организира летувања за семејства што не можат да си го дозволат ова, а годинава се погрижиле и за други категории луѓе, како што е случајот и со овие жени кои се борат со канцер.

0
3584

Знаеме дека здравиот човек има милион желби, а болниот само една-да оздрави. Сепак, кога сме немоќни и не можеме да направиме ништо за да им помогнеме да оздрават, можеме барем да им ги разубавиме деновите и да им овозможиме да се одморат на некое убаво место. Така некако веројатно размислувала и госпоѓа Маргаретa Куртиќ, за која слушнав неодамна од мојата другарка Сања.

Ми рече: „Ќе одам една недела на одмор во Ханиоти, со пет жени кои боледуваат од рак на дојка преку Маргарет Курт и ФБ страната ‘Бесплатно сместување Македонија и превозници со големо срце’. Имаше уште две места, се пријавив и ќе одиме. Некои од жените ги знам, а со некои не се познавам лично, ама комуницираме преку ФБ групите за поддршка“.

Ми беше чудно името, а другарка ми не знаеше дали ѝ е тоа вистинското име на оваа добротворка или не, но беше среќна затоа што ќе оди и тоа ми беше доволно.

Станува збор за добротворите кои веќе три години по ред испраќаат на летување социјално загрозени семејства, семејства за кои одењето на одмор досега било само сон.

Маргарета Куртиќ која на социјалните мрежи фигурира како Маргарет Курт е хуманитарката која заедно со Христина, Јасмина, Јасна и Петре, преку група на социјалната мрежа „Фејсбук“ организираат летувања за семејства што не можат да си ги дозволат, а успеваат да обезбедат и донации за вадење пасоши, патничко осигурување, оброци, …

Ја побарав и ја прашав како почнало сето ова, ја прашав за семејствата и за децата кои досега ги испратиле на одмор, како и за ова последното кое беше повод за моето јавување – бесплатното летување во Ханиоти, за шест  жени со канцер. Еве што ни раскажа Маргарета:

Оваа година на одмор пративме семејства од разни категории, сакавме да бидат вклучени сите, од различни градови, со различни потреби. Преку фејсбук групата „Бесплатно сместување Македонија и превозници со големо срце“ трета година по ред го правиме тоа, но овојпат се вклучија и туристичките агенции па така, освен во Македонија имавме можност да испратиме семејства и на море, а категориите кои ги пративме на одмор беа различни.

Испративме и две семејства во кои имавме член заболен од канцер. Едното семејство беше пратено благодарение на туристичката агенција „Скаут“, другото благодарение на „ЈК Травел“. Нивната радост не можам да ја опишам. Некој помислил на нив. И после сѐ што поминале и покрај сета борба некој им нуди бесплатен одмор.

Колку често помислуваме на оваа категорија на луѓе? Колку често сме им поддршка? Овие прашања беа причината да ги вклучиме ова лето и оваа категорија на луѓе. Тие повеќе не можат да се вратат на работата која ја вршеле пред тоа, лекарствата кои ги користеле, скапите терапии…, се причина што не можат ни да помислат на одмор… и кога некој друг ќе помисли на нив, тоа премногу им значи.

Да, шест жени кои биле заболени од канцер, кои поминале низ една борба, борба за живот – борба со канцерот, неодамна заминаа заедно на одмор во Грција. Дел од жените се познаваа, дел се запознаа и заедно заминаа на одмор благодарение на туристичката агенција „ЈК Травел“ и Сања Јовановска. Овие жени поминале низ хемотерапии, ја изгубиле косата, градата…. сѐ уште се борат и не се откажуваат… Жени кои и покрај сѐ што поминале повторно ќе ги видите насмеани. Не беше тешко да ги најдеме зашто тие се дружат и споделуваат искуства, си даваат меѓусебна поддршка преку фејсбук групи.

Не можам да ја опишам нивната реакција и радост дека ете, некој помислил на нив и дека сака да ги прати на еден заеднички одмор. Периодот кога беа пратени, во септември, најмногу одговараше за нивната здравствена состојба (тие не можат да поднесат многу топло, не можат да се качуваат по скали, не можат да носат тешко…), но сето тоа што го поминале и го минуваат ги прави силни.

Годинава се вклучија сите, со што и бројката на семејства испратени на одмор беше уште поголема. Беа вклучени хотели во Македонија, приватни сместувачи, туристички агенции, хуманите граѓани… беа вклучени сите со хумано срце.

Не баравме многу, туку по еден термин за одмор од термините што ги имаат туристичките агенции.

„ЈК Травел“ беше тука постојано со нас, секоја недела испраќавме по неколку семејства на одмор, на различни места во Грција. Во ова се вклучија и туристичките агенции „Go Travel“, „Турист Битола“, „Скаут“, „Идеал Травел“. Од превозници со големо срце го имаме „Галеб Охрид“ кој ни даде бесплатен превоз за 14 деца.

Најмногу семејства кои немаа пасоши го поминаа одморот во Охрид. Хотел „Десарет“, хотел „Интернационал“, пицерија „Луна“, „Вкусно“- Охрид, беа местата кои ни понудија бесплатна храна за лицата кои ги имавме пратено на одмор во Охрид.

Апартмани „Арт B&B“, Лидија Ќосева, апартмани „Кети“-Охрид, апартмани во Свети Стефан, сместување во Дојран, Тина, Кристина, …. Имавме и такви кои сакаа да бидат анонимни, кои не сакаа да ги спомнеме.

Ќе се извинам на сите кои не се спомнати, а помогнаа и беа дел од оваа акција“, вели Маргарета.

Таа и нејзините „соборци“ веќе добиле понуди и за зимување во Крушево, што значи дека не застануваат тука.

Сите помагаат на свој начин за да испратат повеќе семејства на одмор. Освен пораките со кои семејствата се пријавуваат и ги прашуваат за одмор, добиваат и пораки од луѓе кои сакаат да помогнат.

Дел од пораките гласат вака:

„Можам да платам за 3-4 пасоши, ако му треба на некој?“

„Маргарет здраво, сега се сетив, видов дека повеќе агенции се пријавиле за да дадат летување надвор од државава, доколку е потребно јас можам да уплатам за вадење на неколку пасоши не е проблем!“

„Ќе дадам пари за да извадите 6 пасоши, од мојата фамилија“….

А имаат и вакви пораки:

„Здраво. Јас сум од Охрид, немам објект за сместување ама со задоволство ќе најдам или ќе платам за да му овозможиме на некое семејство одмор во Охрид!“

„Јас немам ништо за издавање и сместување… но можам да платам едно летување за некое семејство.

„Ако нема потреба од повеќе пасоши, ќе ги дадам тие пари за да се купи нешто за дечињата за по пат, за таму…“

„Здраво, го видов постот за одморов. Што им е потребно на семејствата? Можам да помогнам некако? Реквизити, пешкири, костими за капење,…?“

„Извадивме пасоши, извадивме повратни автобуски карти за местата за кадешто не можевме да најдеме бесплатен превоз, добивме пешкири и разни реквизити….За одмор сакавме да бидат вклучени сите категории. Па така беа вклучени социјални семејства, самохрани родители, родители на деца со посебни потребни, многучлени семејства кои не можат ни да помислат на одмор, семејства со ниски примања, ученици….

Кандидати имаше премногу, дел од пријавените како семејства веќе и ги познававме бидејќи им помагаме веќе извесно време, дел беа семејства кои ги помагаат хуманитарни организации. Тука беа вклучени хуманитарните организации „Свети Спас“ од Драчево, „Утешител“ од Битола, „Стопли Срце“, „Хумана страна“….

Дел од семејствата сами ни пишуваа и не контактираа, за дел од семејствата ни пишуваа други. Целта беше да дојдеме до семејствата кои навистина имаат потреба од одмор. Не успеавме да ги испратиме сите семејства, но тоа не значи дека нема да бидат пратени во иднина. Предност им дадовме на семејствата кои минатите години не биле на одмор.

Покрај семејства, оваа година испративме на одмор и 13 деца заедно со нивниот наставник на одмор во Охрид. Ова беше голем предизвик, да ги пратиме на одмор и да им обезбедиме сместување, храна и превоз, но и да им го организираме одморот. Како дојдовме до овие деца?

Ја добив следнава порака. ‘Добровечер. Гледам и ги следам вашите активности и многу ме радува фактот што и во Македонија има вакво нешто. И сакав да ви кажам нешто што можеби за вас е чудно, но јас сум наставник и предавам во едно училиште во рурално место, во велешко село, а зборот ми е дека овде децата се многу изолирани и без можност да одат на одмор и такво нешто е само во нивните соништа. Знам дека ова не е во вашата програма, но ако евентуално имате некој ваков проект за во иднина да ги имате предвид и овие деца’.

Кога го прашав наставникот за семејства кои се социјално загрозени, предложи повеќе деца да се израдуваат. Наставникот се нафати доколку некој понуди сместување самиот да ги однесе овие деца на одмор и ја прифати одговорноста за нив. Целта беше да се израдуваат што повеќе деца. И да, успеавме да ги пратиме овие деца на одмор. На радоста ѝ немаше крај….“, раскажува Маргарета.

Сето ова некако ме потсети на оние фондации и хуманитарни здруженија кои постојат низ светот, а кои им ги исполнуваат желбите, па и последните желби на тешко болните деца и ја прашав дали можеби размислуваат и тие за ова, да се обидат да им ги исполнат евентуалните желби на болните дечиња.

„Желба ми е да не им исполнуваме последна желба, туку да им ја исполниме желбата да оздрават. Самата помисла на овие пациенти и нашата поддршка им дава сила во тие моменти да издржат и да бидат насмеани. Таква последна акција која ја организирав заедно со хуманите граѓани и здруженија беше посетата на Детската клиника во делот за онкологија, на почетокот од септември.

Додека другите деца се радуваа на новата учебна година, имаме деца кои не можат да појдат на училиште, деца кои се сместени на клиника, кои примаат хемотерапии, кои се борат за живот. Ги израдувавме со играчки, мечиња и училишен прибор. Ги посетивме заедно со Мики Маус, принцезата, пеперутката и членовите од Фамилија 5+. Насмевките и радоста која ја видовме кај нив ни ги наполни очите, но и ни го исполнија срцето. На овие деца им посакавме да излезат побрзо од тука и повеќе да не се вратат. Но покрај децата се радуваа и нивните родители. Нивните очи беа полни со солзи дека сепак има некој кој помислил на нив, кој им посакува побрзо оздравување и истрајност во борбата.

Еве и дел од пораките кои им ги испраќаат луѓето што благодарение на овие хумани луѓе, можеби првпат имале можност да заминат на одмор:

 

loading...