Скопски џентлмен го гледаше „Џентлмен“ на приватна проекција – со 47 дами

Ристо Соломанов е сопственик на фирма за продажба на филтри, масла и авто-делови и, како и многу други луѓе, голем филмофил. Но она по што е единствен, е тоа што еднаш годишно го соборува сопствениот рекорд и оди во кино сам, со сé поголем број на жени.

0
1226

Скопјанецот Ристо Соломанов е бизнисмен и семеен човек. Тој е сопственик на фирма за продажба на филтри, масла и авто-делови за сите типови на возила, се оженил со својата другарка Беба со која се заедно уште од средношколските денови и имаат три деца, 21-годишната Мила, 16-годишниот Никола и 12-годишната Јована.

Не е пејач, актер, или не дај боже политичар. Сосема обичен човек и, како и многу други, голем филмофил. Она по што е единствен не е ништо од погоре наведеното. Единствен е по тоа што од својата омилена забава, одењето во кино еднаш во неделата, тој направил оригинален настан. Откако си одредил еден ден во неделата и вторник станал денот кога ‘и да врне и да вее и бура да коси’, Ристо Соломанов оди во кино, и откако поради редовноста се здобил со привилегирана црна картичка од „Синеплекс“, а потоа ги собрал и своите први 20 илјади поени и добил 10 бесплатни билети, господин Ристо решил да покани на кино 10 дами. Меѓу нив, секако, и неговата сопруга Беба и ќерката Мила.

Ристо Соломанов со 10 дами

Откако добив 20.000 поени и добив 10 бесплатни билети, решив да поканам 10 дами. Бидејќи имаше опција со најава да ти дозволат приватна проекција во кино-сала, ги поканив сопругата, нејзините колешки, снаата итн, и сите заедно отидовме и го гледавме на приватна проекција римејкот на „Бен Хур“. Тогаш си поставив за цел да собирам сé повеќе поени и да ги дуплирам бесплатните билети со цел следниот пат да поканам 20 жени.

Со 20 дами

Ова беше малку потешко бидејќи тоа веќе не беше прв круг на роднини и пријателки, туку и некои малку подалечни кои, се разбира, имаа и прашања од типот ‘што ти текна да ме викаш во кино’, ‘а на кој филм’, ‘зошто баш тогаш’ и слично, но се собравме. Го гледавме римејкот на „Блејд ранер“. И првиот и вториот пат направивме заедничка фотографија, исто како и третиот и четвртиот пат со тоа што, третиот пат, за канењето на 30 жени, немаше никаков проблем, бидејќи бев веќе изграден ‘бренд’. Последниов пат веќе фаќаа врски за да дојдат во кино со мене“, се шегува Ристе.

Со 31 дама

И така, минатиот викенд, поточно, на 12.февруари, Ристе отишол во кино со 47 дами (На фотографијата има само 44 бидејќи три немале време за фотографирање). Имено, до 40 стасал толку лесно што си рекол, ‘ај да пробам со повеќе за да си направам база за 50-ката, а и за да ми биде полесно за 60-ката’.

Овојпат, домаќините од „Синеплекс“ на кои им е сето ова многу забавно, го почастиле со 20 кутии пуканки.

Јас купив уште 20 и настанот беше одлично покриен со пуканки“, се шегува Ристе.

Инаку, проекциите се во кино-сала за 80 луѓе, а Ристе секогаш седи на истото место, обично во 4-5 ред, на првите две места покрај скалите.

За следниот пат, кога се надева дека ќе може да отиде во кино со 60 жени, бидејќи 50 веќе не се никаков предизвик, од „Синеплекс“ му понудиле да не чека толку долго за да собере доволно поени, туку да си покани колку сака придружнички и да си дојде кога сака.

Ама Ристе вели дека така не е интересно и дека би било незаслужено.

На шега додава дека можеби и ќе прифати доколку успее да го стори ова во некој потопол месец за да не му бидат сите фотографии за спомен од овие кино-посети, со жени облечени до гуша.

Инаку, господин Соломанов нема некоја особена причина поради која почнал со оваа забавна практика на собирање поени за да однесе во кино што повеќе жени, освен таа што никогаш не му било интересно излегувањето со машко друштво.

Јас сакам да излегувам и секогаш сум организирал повеќе луѓе кои меѓусебе и не се познавале за заеднички излети или за едноставни градски дружби со кафе, но никогаш не ми било интересно да одам на машки дружби со пиво или ракија, туку сум излегувал семејно или пак сум си одел во кино сам и со други филмољупци. Искрено, мислам дека ако решев да носам мажи во кино, никогаш немаше да ги соберам толку. Инаку, сопругата доаѓа со мене на овие посебни кино-посети, но вообичаено не. Таа повеќе сака да оди на концерти. Сакам и јас, ама многу е веројатно мене насред концерт да ме заболат нозете или половината, па да ѝ ја расипам забавата. Затоа, таа си оди на концерти, а јас си собирам поени за на кино“, завршува Ристе.

И навистина е вистински џентлмен. На средбата дојде со кесичка макаронси – за колешките од нашата редакција.

loading...