Скратено работно време по породилното, користат по десетина жени од компаниите-иницијатори

Иницијативата за дополнителни три месеци скратено работно време после породилното, која ја почна „Витаминка“, а потоа се придружија и компаниите „Макпрогрес“, „Европа“ и „Фитофарм“, досега ја користат само мајките. Дали оваа можност можат да ја користат и новопечените татковци?

0
445

Неодамна, на иницијатива на компанијата „Витаминка“ новопечените мајки вработени во оваа компанија добија можност за дополнителни три месеци скатено работно време по завршувањето на породилното боледување. На иницијативата ѝ се приклучија и компаниите „Европа“, „Макпрогрес“ и „Фитофарм“.

Моментално, од 350 жени кои работат во Витаминка, десетина се на породилно отсуство. Истите по враќањето на работното место, со донесувањето на оваа одлука, ќе можат да ја искористат можноста три месеци да работат со скратеноработно време, а со сите можности кои ги нуди компанијата.

„Ова ќе им овозможи на вработените полесно влегување во професионалните обврски и во деловното окружување“, вели Наташа Стојковска, директорка на набавка и логистика во Витаминка.

Марика Караџова, генерален директор на АД Европа вели дека во нивната компанија во моментот на породилно отсуство се околу 10 работнички, а дополнително на породилно треба да одат уште 5 кои по враќањето на работа ќе може да ја искористат можноста за скратено работно време.

Вработените кои се вратени на работа и го имаат искористено породилното отсуство, веќе го искористуваат правото за скратено работно време во период од 3 месеци“, вели Караџова.

Во „Макпрогрес“ пак, од вкупно 337 жени во моментот на породилно отсуство се 9 мајки.

Компанијата Макпрогрес брои 580 вработени и со тоа претставува најголем работодавач од прехранбената индустрија во источниот дел на Македонија. Од вкупно 337 жени во моментот 9 мајки се на породилно отсуство, а три мајки веќе почнаа да ја користат оваа бенефиција да работат со скратено работно време (половина од полното работно време), а притоа да им се исплаќа целосен личен доход и да ги уживаат сите други привилегии како да работат со полно работно време“, вели Александар Цветанов, генерален директор на „Макпрогрес“ доо Виница.

На прашањето дали оваа можност можат да ја искористат мажите-вработени во овие компании кои неодамна станале татковци, а породиното отсуство на нивните сопруги завршило и тие немаат можност за дополнителни три месеци скратено работно време, од Витаминка велат дека нивната одлука се однесува на сите вработени, кои користат породилно отсуство, без оглед дали станува збор за мајка или татко. Од Макпрогрес велат дека иницијативата првично е наменета за млади мајки и се надеваат дека со овој чекор ќе придонесат за подобрување наопштата перцепција на фукцијата на мајката и жената во нашето општество.

Од Европа велат дека досега немале ваков случај во компанијата, но дека доколку некој од вработените се обрати и побара да го искористи правото за скратено работно време, ваквото барање ќе биде внимателно разгледано.

Инаку, идејата за оваа Иницијатива која потекна од „Витаминка“, вели Стојковска, е резултат на трајната заложба во Витаминка за континуирано подобрување на условите за работа на своите вработени.

Одборот на директори ја прифати идејата и едногласно ја изгласа. Мотивот за ваквиот чекор се крие во општата филозофија што како компанија ја имаме долги години, односно дека вработените се суштината на секоја работна средина и затоа неопходна е грижа за тие да го имаат задоволството од работата што им овозможува исполнетост и материјална сигурност. Конкретната активност е поттикната и произлезена од повеќе аспекти. Пред сѐ, овој период е посебно тежок и предизвикувачки за родителот, после подолго време враќање кон работните обврски. Покрај нивната општа благосостојба, целта ни беше и олеснување на овој тежок и предизвикувачки период“, вели Стојковска.

Генералниот директор на АД „Европа“, Марика Караџова вели дека секоја идеја која придонесува за унапредување на правата на работниците во нивната компанија, е добро прифатена од менаџментот.

Мора да се напомене фактот дека АД Европа е општествено одговорна компанија која води грижа за своите вработени. Имаме 400 вработени, од кои најмалку 300 се жени на различна годишна возраст. Не треба да заборавиме дека работниците кои се задоволни од работното место на кое работат и од условите што ги нуди компанијата се мотивирани да придонесат за што поуспешно работење на самата компанија. Резултатите на работењето на АД Европа го потврдуваат истото“, вели Караџова.

Одлуката да се придружат на оваа иницијатива во Макпрогрес била донесена на менаџерски состанок, бидејќи, како што вели генералниот директор Цветанов, „вработените се нашата најголема вредност и грижата за нив, нивната едукација и обезбедувањето на најдобри услови за работа се нешто што претставува императив во нашето работење.

Секоја добра практика треба да се примени. Заложбите на компанијата се вработените да имаат можност за напредок, за градење кариера во нивното родно место, а притоа да имаат бенефиции како во некои од најразвиените западноевропски земји“, вели Цветанов.

Од „Витаминка“ го поздравуваат тоа што и другите компании ја препознале ефективноста и бенефитот од овој чекор и што започна бран на прифаќање и имплементирање на истото решение.

Станува збор за повеќестраната корист за вработените и за родителите, помага полесно да се привикнат на новите обврски во родителството, но и да се вклучат во работниот процес без стресови и жртви. Едноставно, овозможува постигнување рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот живот, а секој работодавач сака кога вработениот е задоволен и семејно исполнет“, вели госпоѓа Наташа Стојковска.

Сепак, овој чекор на компаниите нема врска со иницијативите за менување на законот и продолжување на породилното отсуство.

Должината на породилното отсуство секако е важно прашање за разгледување на институционално ниво, но со оваа одлука ние се фокусираме само на нашите вработени и нивното општо задоволство, како родители, семејни луѓе, професионалци, вработени во Витаминка. Дали другите компании ќе продолжат со она што од компаниска одлука прерасна во иницијатива, не можамe да кажемe, но сепак сметамe дека тоа е добра работа“, вели Стојковска.

Според Марика Караџова од Европа, разгледувањето на законско решение за продолжување на породилното отсуство е комплексно прашање.

Ова зависи од многу различни фактори. средствата кои државата ќе може да ги оддели за оваа намена, а секако и дека треба да се води грижа од една страна за заштита на правата на работниците, но и за интересите на работодавците. АД Европа во секој случај би поддржала законско решение кое би било во интерес на сите заинтересирани страни, а никогаш не е на одмет да се поддржи и промовира инцијатива која произлегува од компаниите како работодавци, а е во насока на унапредување на правата на работниците“, вели таа.

Според господин Цветанов од „Макпрогрес“ приклучувањето кон оваа иницијатива значи афирмација на семејните вредности.

Ова ни е показател дека сме го направиле вистинскиот чекор за стимулирање на позитивни општествени промени. Можеби не можеме да влијаеме за донесување на законска регулатива но можеме уште попосветено да се залагаме да бидеме пример и инспирација со своето работење и грижата за вработените и во иднина, вели Цветанов.

Фото: Unsplash

loading...