Славица Наков: Мојот живот во моментов е 300 на саат

Со Алек сме во брак речиси 5 години и за тоа време нашето семејство се прошири за уште двајца членови, Петар има 4 години, а Андреа речиси 3. Вработена сум и активно играм кошарка. Практично, паузите од кошарката траеја многу кратко, бидејќи само 5 месеци по раѓањето и на Петар и на Андреа, јас бев назад на терен. И искрено, одлично се чувствував.

0
964

Професионална кошаркарка, дипломиран криминалист, повеќе од 7 години ваботена во претставништвото на холандската фирма „React“ која се занимава со заштита на интелектуална сопственост на брендови на глобално ниво, сопруга на новинар и мајка на две деца.

Со Славица Наков, порано Димовска, или како што ја викаат најблиските – Цаци, зборувавме за нејзините почетоци во кошарката, за раѓањето на децата, за доењето, за спортската, но и за нејзината кариера во фирмата во која работи веќе 7 години, за семејните обврски, семејниот живот, тренинзите, натпреварите, иднината. Признава дека не ѝ е лесно, но најважно е, вели, тоа што е исполнета и што сѐ што прави, прави со голема љубов.

За почетоците и кариерата

Моите почетоци во кошарката беа случајни, во моето училиште Кошаркарскиот клуб „Младинец“ отвори школа за кошарка и мојата постара сестра беше буквално приморана да ме земе со себе на првиот тренинг. Имав само 9 години, меѓутоа оваа игра ме маѓепса. Од школата на „Младинец“, на 13-годишна возраст станав дел од првата екипа и до ден денес, после 20 години тешко ми паѓа помислата да се одделам од кошаркарските терени.

Мојата кариера одеше во нагорна линија благодарејќи на мојот огромен труд и желба (стојам зад тврдењето 10% талент, а 90% работа), огромната поддршка од моето семејство и довербата која ја имав од мојот тренер Свето. Со тимот на „Младинец“ успеавме да освоивме неколку младински трофеи и најголемиот успех на тимот – освојување на првенството во првата женска кошаркарска лига во 2010.година.

Моите коцки така се наредија и на 19 години добив понуда и шанса да ја продолжам кариерата во Грција кадешто настапував две сезони за тимот „Триглиа“, во првата грчка лига. Од таму се преселив на Исланд кадешто по три сезони и ја завршив мојата интернационална кариера, кратка, но збогатена со многу трофеи и признанија. Условите за тренинг и третманот што го имав како кошаркарка надвор од нашата земја не може да се прераскаже, јас тоа го доживеав.

Се вратив во Македонија и кариерата ја продолжив во „Вигор“, најтрофејниот клуб во нашата земја со кој освоивме двојна круна во 2012. година.

 

Со кратки паузи поради моите две бремености настапував за екипата на МНА „Кожувчанка“, а последниве две години ги бранам боите на Кошаркарскиот клуб „Вардар“. Низ годините имам настапувано и за кадетскиот, младинскиот и сениорскиот тим на македонската репрезентација.

Една од причините што се вратив во Македонија беше да го довршам факултетот бидејќи, од женска кошарка, иако може, меѓутоа многу е тешко да се направат пари и за после завршувањето на кариерата. Студирав на Полициската академија во Скопје при универзитетот „Св.Климент Охридски“ од Битола и по професија сум дипломиран криминалист. Повеќе од 7 години работам во претставништвото на холандската фирма „React“ која се занимава со заштита на интелектуална сопственост на брендови на глобално ниво.

Поддршка од семејството и колегите

Мојот живот во моментов е 300 на саат. Не е лесно, морам да признаам, меѓутоа исполнета сум и тоа што го правам го правам со голема љубов. Поддршката и помошта што ја добивам, првично од сопругот Александар, потоа и од нашите родители, ми овозможува успешно да маневрирам на сите полиња.

Исто така, имам прекрасни колеги и нивната поддршка многу ми значи. Ме слушаат додека објаснувам како сум поминала на натпревар, додека се жалам дека нешто ме боли или раскажувам случки за децата, а од мојата менаџерка Ели секогаш наидувам на разбирање кога имам потреба за слободен ден, без оглед дали станува збор за настап за репрезентација, за натпревар или за семејни обврски…Но секако, не дозволувам останатите обврски да влијаат на квалитетот на мојата работа.

И морам да ги спомнам моите соиграчки и тренери кои што успеваат да ме сфатат кога не можам да присуствувам на тренинг и од кои секогаш добивам максимална поддршка за време на натпреварите.

Бракот и семејството

Инаку, со Алек сме во брак речиси 5 години и за тоа време нашето семејство се прошири за уште два членови, Петар има 4 години, а ќеркичката Андреа речиси 3. И двајцата одат во градинка, што според мене е прекрасна институција во која децата се дружат, си играат, учат, се стекнуваат со секојдневни навики… Меѓутоа, особено на почетокот и во зимските периоди, често се разболуваат, а затоа се тука бабите и дедовците.

Паузите од кошарката траеја многу кратко, само 5 месеци по раѓањето и на Петар и на Андреа, јас бев назад на терен. И искрено, одлично се чувствував.

Кога станува збор за породувањата, првото, со Петар, беше со царски рез, не по моја желба, меѓутоа среќна сум што сѐ помина во најдобар ред.

Кога останав по вторпат бремена докторите ми кажаа дека повторно ќе се породам со царски рез бидејќи се работеше за разлика од 20 месеци. Но само на еден час пред породувањето ме известија дека ќе се пораѓам природно бидејќи бебето е одлично поставено. И сега, кога некој ќе ме праша што е подобро… искрено, за мене немаше некоја голема разлика, битно е бебињата да се добро, а болката поминува и брзо се заборава.

Петар го доев точно до 1 година. Кога останав бремена со Андреа, докторите ме советуваа дека е најдобро така, а Андреа ја доев до 18 месеци. Сметам дека мајчиното млеко е незаменливо и иако тренирав, не престанав со доењето. Освен хранливата вредност на млекото, доењето е и чин на блискост меѓу бебето и мајката.

А дали и колку е тешко да се биде мајка на две деца, вработена и успешен спортист, најверојатно, како што кажав, не е лесно, меѓутоа пак мислам дека е тоа индивидуална перцепција, се случува да сум уморна и многу уморна но, не чувствувам дека ми е тешко.

Сепак е тоа мој избор.

Распределбата на обврските по дома – секој своите

Јас сум личност: „можам се“, а Алек се води по мотото „не мора јас, ако има некој друг” и затоа добро се вклопуваме.

Затоа пак, Алек можам да го прогласам за татко на годината. Секогаш има некоја најинтересна идеја како да ги анимира децата и да се забавуваме дома.

Позитивната атмосферата и енергијата во домот се најбитни.

Професионално, поддршката е обострана. Секој успех е посладок кога оние што ги сакаш се со тебе, и се радуваат со тебе. А секој пораз полесно се надминува.

Се трудам да го поддржам максимално во работата и доколку е возможно, на било каков начин и да помогнам. Верувам во неговите способности и се радувам на неговиот успех.

Секако, и јас ја добивам неговата поддршка, со Петар и Андреа се присутни и ме бодрат речиси на секоја утакмица и тоа ме прави да се чувствувам најисполнето.

Иако многумина сметаат дека кога ќе се родат децата, романтиката умира, јас не мислам така. Според мене, децата не се никогаш пречка за да постојат романтични моменти.

Се случува и непланирано да си направиме романтична вечера која јас ќе ја приготвам, а Алек ќе одбере некое добро вино. Меѓута сметам дека и двајцата по природа повеќе сме авантуристи, отколку романтичари и често за викенди знаеме да ги спремиме децата и да отидеме непланирано на некоја интересна локација, и фамилијарно да уживаме.

Тренинзи на деца

Од неодамна почнав да тренирам кошарка со деца. Првпат со тренинзи на деца почнав додека бев во странство, имав повеќе слободно време, а тоа ме исполнуваше. Прекрасно е чувството кога ќе видите дека децата се среќни кога ќе научат нешто ново… Оваа сезона од „Вардар“ ми понудија да ја тренирам женската младинска екипа и со задоволство прифатив. Секако, тоа е нешто ново за мене, тренерската работа е тешка и одговорна професија која треба да се учи и постојано да се надградува. Во иднина сакам да посетувам и семинари за тренери со цел да добијам и тренерска лиценца. Во моментов имаме и нови, помлади девојчиња кои се приклучуваат на екипата и се надевам дека во периодов што претстои екипата на „Вардар“ ќе направи база и за млади талентирани девојчиња како што е тоа моментално случајот со машките. Од редовите на „Вардар“ излегуваат деца кои својата кариера ја продолжуваат во странство што е огромен успех за една екипа.

За иднината и натамошните планови

По природа не сум човек кој однапред планира, повеќе оставам на моменталната ситуација.

За активно играње и натпреварување не сум размислувала, меѓутоа самото тело дава сигнали, во професионалниот спорт се работи за голем напор на кој е изложен организмот низ годините.

Меѓутоа, премногу ја сакам кошарката и од таа причина почнувам да се впуштам во тренерските води, за да можам и понатаму да придонесувам на некој начин за развој на женската кошарка, која за жал, се движи во надолна линија низ годиниве.

Сѐ помалку девојчиња пројавуваат желба за овој спорт, а и реално, условите што можеме да им ги понудиме на тие деца се на многу ниско ниво.

Секако, на прво место ќе биде моето семејство, како растат децата и нивните потреби ќе растат, школо, дополнителни активности…

Затоа ќе оставам работите спонтано да се одвиваат, па ќе видиме што ќе ни донесе новиот ден…

 

 

 

 

loading...