Справување со предизвиците во исхраната и спиењето кај децата со аутизам

Д-р Јасмина Трошанска, дефектолог и претседател на здружението за унапредување на квалитетот на животот на лицата со аутистичен спектар на нарушување „Сина Светулка“, во едно интервју за нашиот портал им порача на родителите: „Запомнете, тоа е дете, ваше дете, а потоа дете со попреченост. Само доколку се опуштите и сета своја љубов ја насочите кон своето дете тоа може да напредува“.

0
106

На 31.мај во организација на Здружението за унапредување на квалитетот на животот на лицата со аутистичен спектар на нарушување „Сина Светулка“ од Скопје ќе се одржи семинарот: Справување со предизвиците во исхраната и спиењето кај децата со аутизам.
На семинарот ќе бидат обработени следните теми: Влијанието на сетилата врз прибирливоста во исхраната; Воведување на нови вкусови; Глад, ситост и PICA; Интолеранција на храна и здрава исхрана; Рутина на спиење; Фактори кои влијаат на појава на нарушено спиење; Справување со нарушување во спиењето.
Предавач на семинарот е Д-р Јасмина Трошанска, дефектолог со 16.годишно теоретско и практично искуство во работата со деца со аутистичен спектар на нарушување. Таа има завршено ѝ курс по Монтесори педагогија за деца на возраст од 3-6 години. Во текот на својата работа има посетувано обуки за современите евалуирани третмани на деца со аутистичен спектар на нарушување: ABA, PECS, TEACCH, Brain Gym и Сензорна интеграција. Исто така, има посетувано и учествувано со сопствени трудови на голем број на конференции во земјата и странство. Се појавува како автор и коавтор на 14 трудови кои се издадени во Македонија и во странство. Од 2010.година активно работи на два европски проекти, држи обуки, учествува на трибини, телевизиски емисии, пишува во медиумите и се бори за подигнување на свесноста за аутизмот во општеството. Претседател е на здружението за унапредување на квалитетот на животот на лицата со аутистичен спектар на нарушување „Сина Светулка“ – Скопје.

Пред две години на конференцијата за родителството на 21.век Трошанска зборуваше за начините за поддршка на децата со посебни потреби и за тоа како да ги охрабриме родителите да го најдат полесниот пат за нивната улога како родител. Тогаш во интервју за порталот „Мајка и дете“, на прашањето која е причината што се поголем број на деца денеска имаат нарушување од овој вид и дали постоеле вакви нарушувања и порано, но тогаш не сме знаеле за аутизам или се тие производ на современиот живот, Трошанска ни рече:

Аутизмот за првпат во историјата го опишале Leo Kanner во 1943 година и Hans Asperger во 1944 година. Тие работеле независно еден од друг и опишале зачудувачки спротивни гледишта за истата состојба, во тој период, создавајќи ги теориите за Kanner-овиот аутизам и Asperger-овиот синдром. Терминот аутизам го позајмиле од швајцарскиот психијатар Eugene Bleuler и потекнува од грчкиот збор ауто (αὐτός) што значи сам. Eugene Bleuler за првпат го употребил терминот аутизам во 1910 година при дефинирање на симптомите на шизофренија. Значи аутизмот постоел, но не бил дефиниран или пак бил различно дефиниран. Во 70. години на минатиот век во САД се отворило првото училиште за деца со аутизам и работа според TEACCH методот. Во тој период сите наставници, кои денес се пензионери биле обучени да препознаат и да работат со деца со аутизам. А кај нас, во тој период се будела свесноста за лицата со посебни потреби воопшто и се отварале првите институции. За аутизам започна да се зборува интензивно од 2011 година кога за прв пат се обележа 2 Април, светскиот ден за свесноста за аутизам од страна на Македонското научно здружение за аутизам. Бројката се уште ќе расте бидејќи високофункционалните деца и лица со аутизам кај нас се уште не се дијагностицираат, а тие постојат помеѓу нас.

Таа не ја поддржува ниту теоријата дека во голем број случаи причина за аутизам кај децата се вакцините.

„Ако добро истражите ќе видите дека таа теорија е отфрлена. Заради таквите теории дека причината се вакцините, цревни паразити, метали, глутен итн. се развиваат бизниси од кои навистина страдаат родителите на децата. Тие често се измамени и децата ги третираат со скапи „лекарства“ кои немаат никаков или имаат лош ефект врз здравјето на детето. Доколку младите родители се загрижени за вакцинирањето на своето дете јас препорачувам да се исконсултираат со имунолог, бидејќи тој е стручен и може да им ги одговори сите прашања и да им препорача да го вакцинираат или да не го вакцинираат детето.

Трошанска вели дека за жал, кај нас не постои систем на поддршка на родители. Но дека е добро што веќе постојат родителски организации каде родителите можат да побараат поддршка од друг родител-некој кој веќе го изодел патот.

Нејзината порака до овие родители е следнава:

„Важно е да зборувате со својот партнер, со семејството и сите луѓе кои ви значат и да ја споделите тагата. Барајте позитивни луѓе, позитивни настани, одвојте време за себе за да бидете позитивни како родители-само така позитивно ќе влијаете врз детето. Не мислете на иднината далеку, мислете ден за ден, така нема да ја пропуштите сегашноста, обвинувајќи го минатото и стравувајќи од иднината.

Научете се да се справите со чувството на огорченост и лутина. Тие чувства се неизбежни кога родителите ќе сфатат дека мораат да ги ревидираат своите надежи и соништа кои ги имале за своите деца. Многу е важно да ја признаете лутината и да се ослободите од неа. Кога ќе бидете спремни да се справите со своите негативни чувства ќе бидете спремни за соочување со нови предизвици.

Бидете позитивни, бидете во реалноста и прифатете го животот. Некои работи можат да се променат а некои не можат да се променат. Ако бидеме позитивни ќе можеме да го промениме тоа што може да се промени.

Избегнувајте самосожалување. Самосожалување,  сожалување од страна на другите, бидејќи сожалувањето на детето со посебни потреби е всушност попреченост. Сочувство е вистинскиот збор, емпатија, а не сожалување.

Размислете како ќе се однесувате со луѓето околу, оние кои ве загледуваат, оние кои ќе ве прашуваат во врска со детето. Разберете  ги, тие можеби не знаат како да ви пристапат. Можеби се пречувствителни.

Продолжете со секојдневните активности колку што можете понормално.

Запомнете, тоа е ваше дете. Прво е дете, а потоа дете со попреченост. Дајте му ја сета љубов затоа што е дете. Само доколку се опуштите и сета своја љубов ја насочите кон своето дете тоа може да напредува“.

Фото: Unsplash

loading...