Среќен ден леваци!

Види го каков е лев целиот! Левак еден, пази малку, лев си целиот! Познато ви е ова? Епа ако и вие сте дел од оние 15 проценти леваци во светот, нека ви е среќен вашиот ден - 13 август! А дали ќе бидеме леваци или деснаци, експертите велат дека се одредува уште во пренаталниот период

0
283

Ако им припаѓате на оние 15% од светската популација кои пишуваат со левата рака, ако користите апарати, ножици, и сите други предмети што се прилагодени на мнозинството луѓе со доминантна десна рака, денес отворено и гласно искажете го своето мислење за тоа. Затоа што денес е ваш ден!

Денес е Светски ден на левата рака и ви кажувам за тоа.
Секоја тринаесетта личност на планетата не пишува со десната рака, а левите луѓе се бореа за својот ден – 13 август.

Некогаш анатемисани како смотани и невешти, луѓето кои денес пишуваат и го прават најголемиот дел од својата работа со левата рака, за среќа, повеќе никој не се обидува да ги натера да пишуваат со десната рака, напротив, се обидуваат да ги разберат и да сфатат како е тоа да се живее како левак во „десен“ свет. Во последните 100 години, бројот на левораките е речиси четири пати поголем, такашто сега околу 13 проценти од населението пишува со левата рака.

Експертите веруваат дека леворакоста, односно десноракоста, се одредуваат уште во пренаталниот период, затоа што се знае дека во семејствата кои имаат барем еден леворак родител, 10 до 12 пати почесто се раѓаат левораки деца. Децата ја покажуваат својата определеност многу рано, без оглед дали се деснаци или леваци, но има и случаи кога таа склоност кај некои деца се забележува и подоцна. Ако левата половина од мозокот е поразвиена, личноста е деснак, а ако е поразвиена десната страна на мозокот, таа е левак.
Десната половина од мозокот ги обработува информациите интуитивно, веднаш, со многу емоции, креативно. „Обична“ личност нема проблем кога станува збор за утврдување која е неговата десна рака, додека за лево лице не е многу едноставно. Тешкотиите во просторната ориентација во животот и на хартијата се исто така вообичаени одлики на левите луѓе. Веројатноста да се појави пишување како во огледало е над 80% кај леваците на возраст од 5 до 7 години, а притоа, познато е дека Леонардо да Винчи пишувал како во огледало и од лево кон десно.

Во забавните текстови во многу списанија се наведуваат славни личности кои се леваци, а списокот обично започнува токму со Леонардо да Винчи, Микеланџело, Бетовен, Бах, Чарли Чаплин, но и Цезар, Александар Велики, Наполеон, Ајнштајн или Максвел. Леворак беше исто така и еден од најголемите гитаристи во историјата на рокенролот – Џими Хендрикс, кој во 1968.година, на Вудток, ја отсвирил американската химна со левата рака. Еден од светски познатите луѓе кои се леваци е шпанскиот тениски ас Рафаел Надал, кој со својот успех потврдува дека левите луѓе имаат свое место во спортот. А дека леваците можат да станат милијардери докажува основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс. Познати леваци се и актерката Скарлет Јохансон, пејачката Лејди Гага и американскиот претседател Барак Обама.

Научниците секојдневно се занимаваат со причините за настанокот и со испитувањето на психолошките карактеристики – како функционираат мозокот и моториката на леваците. Во таа појава се вклучени и индустријата и трговијата – направени се ножици за леваци и многу други инструменти.

Леваците некако ги надминуваат тешкотиите со кои се соочуваат дома – ставање кафе од ѓезве, отворање лименка или сечење со ножици. Тие имаат поголеми проблеми на работа, кадешто честопати се соочени со предмети направени за деснаци.

Порано имало многу предрасуди за луѓето што пишуват со лева рака и воопшто терминот левак постојано се користел, па и се уште се користи во негативен контекст.

Затоа, треба да имате на ум дека леваците живеат во светот кој е целосно прилагоден за деснаците, опкружени се со технологија и со направи за лицата што ја користат десната рака, но се навистина исклучителни во некои работи.

Теоријата вели дека тие се приморани да ги користат двете страни на мозокот многу почесто, па меѓу оние со коефициент на интелигенција над 140 повеќето се леваци.

Со оглед на тоа што само 15 % од светската популација се леваци, може да се каже дека се ретки, но тоа не значи дека ќе изумрат. Истражувачите објаснуваат дека леваците се шампиони во преживување. Добра вест за осамените дами што бараат партнер левак е што има повеќе мажи отколку жени леваци. Леваците се поуспешни и побогати., добри се во мултитаскинг. Имено, нивниот мозок мора да работи побрзо. Затоа им е полесно да ги сортираат многуте неорганизирани информации. Подобри се и во играњето видеоигри. Тие се и уметнички души, иновативни и креативни. Бидејќи повеќе ја користат десната страна од мозокот, која се користи за активности за кои се потребни имагинација, емоции и креативност, тие се подобри уметници и подобро се снаоѓаат со странските јазици. Или е доволно само да кажеме дека Леонардо да Винчи и Микеланџело биле леваци?

Среќен ви ден леваци!

Имате ли вие во семејството левак?

loading...