Татко за пример

Џорџ (Гоце) Георгиевски е Македонец роден во Австралија, а светот го запозна по неговиот блог Schoollunchbox кој има повеќе од 50 илјади следбеници. Во контакт е со познатиот Џејми Оливер кој е воодушевен од она што го прави и според најавите, веќе во мај планира да го посети во Австралија.

0
254

Џорџ, кој се претставува себеси и како Гоце Геoргиевски, е роден во Австралија, кадешто неговите родители дошле во далечната 1968.година, но не ја заборавиле.

„Во 1969 година се родила мојата сестра, потоа, во 1973.година, и јас. Татко ми ме научи да читам и да пишувам на македонски, а мајки ми ме научи да готвам македонски јадења“, вели Џорџ со кој зборував веднаш откако влезе во својот дом во Австралија по 24-часовниот пат назад, од Манчестер, Велика Британија кадешто одржал предавање, презентација и обука за сите заинтересирани родители кои сакаат од него да научат како да им подготвуваат на своите деца здрава и хранливи оброци. Токму тоа е она по што Џорџ Георгиевски стана познат ширум светот, имено, по неговиот блог Schoollunch box, како и по неговите профили на Инстаграм и Фејсбук кадешто има повеќе од 50 илјади следбеници од целиот свет.

IMG_0284-photo

За него веќе слушнале ширум светот, па меѓудругите и познатиот Џејми Оливер од кој за Божик добил книга со рецепти и со негова посвета и кој едвај чека да го запознае.

„Се надевам дека ова ќе се случи многу скоро, барем такви се актуелните планови па Џејми треба да дојде во мај во Австралија, но дали ќе се реализира, не знам. Во секој случај, ние сме во контакт и тој е еден од моите поддржувачи и следбеници на социјалните мрежи. Жал ми е што тој не успеа во обидот да го смени начинот на исхрана на децата во градинките и во училиштата. Ова што јас го правам е да ги сменам родителите и нивниот однос кон исхраната на нивните деца и мојата мисија е да инспирирам колку што е можно повеќе луѓе да научат како да ги хранат своите деца, што да им подготвуваат за ручек, вечера и за ужина за да ги добијат сите потребни витамини и минерали и да пораснат во здрави и среќни луѓе. Сега, на ова мое патување во Манчестер кадешто ме поканија да одржам презентација, ги обучував родителите како да им подготвуваат здрава храна на своите деца, а веќе следниот месец, повторно одам во Англија, поточно во Лондон и во Шкотска, па се надевам дека ќе можам да дојдам и во Македонија и да ги видам моите роднини. Имам покана и за Чикаго и уште некои места во САД, и тоа ми е најголемо задоволство, тоа што станав инспирација за другите родители.

Најголемо задоволство ми е кога родителите ќе ми испратат фотографии од храната што им ја подготвуваат на своите деца, и кога ќе ми кажат дека со инспиративната храна што им ја подготвувам на моите ќерки сум им го сменил и нивниот живот, па нивните деца се сега многу подобри ученици, помирни се, и што е најважно, поздрави. Многу би сакал да го направам истото и за моите Македонци, за македонските родители, но досега никој не ме поканил да дојдам во Македонија да одржам презентација и обука за родителите, иако стојам на располагање. Мора да кажам дека иако сум роден во Австралија, срцето ми е полно кога доаѓам во Македонија и за неа би направил сѐ. Па колку и да сум среќен поради тоа што патувам во сите австралиски градови, па еве и во Англија, а наскоро и во САД, најмило ќе ми биде да можам да го сторам истото и во Скопје, во Битола или во Охрид и да ги подучам и македонските родители, да им покажам дека не е скапо и дека е лесно да им подготвуваат здрави оброци на своите деца.

Image may contain: food

Се радувам кога гледам Македонци како Милчо Манчевски, кој ја претставува Македонија во најдобро светло низ целиот свет. И јас секаде кадешто одам кажувам дека сум Македонец роден во Австралија и им велам дека знам да пишувам и зборувам македонски, затоа што на тоа ме научил татко ми, а знам и да готвам македонски јадења затоа што на тоа ме научила мајка ми.

Image may contain: 4 people, people smiling

Моите деца ги подучувам за Македонија, исто и мојата сопруга Марина, која е по потекло од Македонија, им пуштам песни од Тоше Проески, им раскажувам за Македонија и тие едвај чекаат да ја посетат оваа земја за која слушаат откако се родени“, раскажува Џорџ на неговиот симпатичен македонски јазик со австралиски акцент и додава:

„Моето правило кога им подготвувам ланч-пакети на моите чупиња е правилото 3 плус 2. Тоа се 5 работи што секој ден ги ставам во нивните ланч-пакети, 3 зеленчуци и 2 овошја преку кои ги добиваат сите потребни витамини и нутритивни вредности за тој ден“.

Негова желба е да има своја градина во која ќе одгледува барем основни намирници како што се на пример, доматите, но засега за ова нема доволно време.

Image may contain: food

„За среќа, последниве неколку години во Австралија престанаа со прскање на храната, па кога купувам од пазар знам дека производите се здрави и органски, а кога купувам од маркетите тогаш внимавам оние намирници кои се јадат цели да бидат органски а другите кои се лупат, како морковите и компирите на пример, можат да бидат и од поефтините бидејќи секако се лупат. Ги подучувам родителите дека е подобро да купат намирници па дури и ако се тие прскани, па да ги измијат дома убаво со алкохолен оцет и со топла вода, отколку да им даваат нездрава и готова храна со многу шеќер“, вели тој.

Инаку, неговите ќерки осумгодишната Анела и шестгодишната Киара понекогаш бараат и нездрави намирници, одат на родендени кај другарчиња кадешто се служи таква храна, и тој не им забранува да земат, но секогаш патем и ги подучува што му прави таквата храна на нивниот организам.

„Не треба да им се забранува ништо затоа што со тоа ќе се постигне спротивен ефект, но треба да се подучуваат постојано и што е најважно, родителите да се придржуваат кон секојдневно подготвување на здрави и вкусни оброци за нив.

Тоа сакам да ги научам родителите и затоа го обожавам ова мое хоби, на кое би му се посветил целосно, но мора од нешто и да се живее, а ова не е нешто што носи пари. Но не е сѐ во парите. Кога слетав во Англија, веднаш отидов да купам намирници и отидов на работилницата и иако бев мртов уморен после 24-часовен пат, веднаш почнав со обуките, а кога родителите почнаа да ми приоѓаат и да ми кажуваат дека со тоа што го правам за своите девојчиња сум им го сменил и животот на нивните деца, заборавив на заморот. Во Австралија постојано патувам низ градовите кадешто ја ширам мојата мисија и ги обучувам родителите како да ги хранат своите деца, па навистина многу се радувам кога гледам дека тоа функционира. Ете и во училиштето кадешто учат моите ќерки, сите деца почнаа да носат ланч-пакети какви што им подготвувам јас ним“, завршува Џорџ.

До скоро видување во Македонија!

Драгица Христова