Тинејџерката Евa Петровска ниже пливачки успеси и ужива во ова, како риба во вода

Ова 16.годишно девојче е најголемиот пливачки талент во Македонија, а таа самата тврди дека за тоа не е толку заслужен талентот, колку нејзината напорна работа и упорност. Иако има многу успеси, најмногу се гордее со својот настап на Централноевропското првенство, на кое освои две бронзени медали за Македонија, а зад аголот ѝ се смешка и учество на Летните олимписки игри во Токио. За да се случи тоа, вели, го дава максимумот на секојдневните тренинзи и вистински ужива, баш како риба во вода

0
245

Шеснаесетгодишната пливачка Ева Петровска неодамна постави нов апсолутен државен рекорд на 400 метри слободно на меѓународниот натпревар „13 ноември“, што се одржа во базенот „Карпош“. Таа исплива време од четири минути, 15 секунди и 84 стотинки и го презеде рекордот на поранешната олимпијка Симона Маринова и стана најсериозниот кандидат меѓу македонските пливачи за настап на Олимписките игри во Токио, во 2021.година.

Ева е мило и насмеано девојче кое почнало да плива, како и повеќето деца, по иницијатива на родителите, но како малкумина од нив, по натпреварот на кој ги освоила своите први медали, решила да го сфати пливањето како нешто повеќе од хоби и да открие колкав е нејзиниот потенцијал.

Таа е втора година во гимназијата СУГС „Орце Николов“ и како и сите нејзини врсници, ја живее актуелната состојба на пандемија со ковид-19 и се соочува со новиот начин на настава – онлајн.

„Од една страна многу полесно се снаоѓам на овој начин, бидејќи располагам со  повеќе време за учење и секако, за тренинзи, но од друга страна, многу ми фали дружбата која ја имавме додека одевме на училиште“, признава Ева.

И во тоа не се разликува од своите врсници, но се разликува по нешто друго. Ева има јасна визија за својата, односно, за иднината на својата пливачка кариера.

Скромна е, па сите свои успеси ги припишува на својата напорна работа, додека талентот, вели, може само минимално да придонесе за резултатите.

„Единствениот пат до успехот е преку упорноста и желбата на спортистот, а талентот може само минимално да придонесе за резултатите. За првпат изминатата година добив коментар од мојот сегашен тренер, Дирк Ланге, по потекло Германец, во врска со мојот талент. Ова навистина ме поттикна уште посериозно да ја сфатам иднината на мојата пливачка кариера.

Во текот на неделата имам 10 тренинзи, кои се движат од час и половина до два.

Мојот тренер моментално одржува тренинзи во Грац, Австрија, кадешто јас го посетувам секој месец. За време на моите тренинзи во Скопје пак, под надзор сум на тренерот Мартин Стефановски, во чиј клуб членувам. Со Дирк започнав да тренирам во летото 2019. година, на доста професионален начин, различно од она што досега сум го искусила со моите поранешни тренери. Многу ми се допадна неговиот пристап, затоа сметам дека ова е и најдобрата промена која ја имам направено за мојата пливачка кариера“, искрена е Ева.

Дека сепак не е сѐ мед и млеко зборува фактот што, да се живее како професионален спортист на 16 години, бара безброј жртви, од едно обично излегување со пријателите, до пропуштање на фамилијарните одмори.

„Иако има одредени жртви, ниту еднаш не сум се почувствувала дека пропуштам нешто, бидејќи знам дека моите успеси ме радуваат повеќе од било што, па затоа и вреди да се прават тие жртви. Секогаш издвојувам барем кратко време од денот за дружба со пријателите. Најблиските пријатели ми се надвор од базенот и навистина сметам дека тоа позитивно влијае на моето расположение и моето пливање. На некој начин тоа ми овозможува барем во тој дел од денот да не размислувам за секундите и километрите и на тој начин да се опуштам“, вели Ева.

Секако, најголемата поддршка ѝ е семејството, кое е особено гордо на нејзините достигнувања и прави сѐ што е потребно за да ѝ помогне на патот кон успехот.

„Морам да ги споменам и моите најблиски пријатели, кои секаде ме фалат поради моите успеси и немаат пропуштено ниту едно мое натпреварување“, вели ова девојче кое изгледа токму така – како некој кој е омилен меѓу врсниците.

Иако и самата се гордее со сите свои успеси, од посебно значење ѝ е настапот на Централноевропското првенство, на кое освоила две бронзени медали за Македонија.

Трета од десно, прва од лево

„Навистина огромен напор вложив за тие две медали и бев под доста голем притисок, бидејќи тоа и се очекуваше од мене. Досега имам испливано неколку маратони од 2.5 км, а имам и препливано маратон од 10 км. Искрено, не ми претставува огромно задоволство пливањето во отворени води, па затоа ќе си се задржам на базенското пливање“, објаснува Ева.

Нејзиното учество на Летните олимписки игри во Токио следната година, сѐ уште не е дефинитивно, но шансите тоа да се случи, се огромни.

„Мојата задача е да го давам мојот максимум за време на секојдневните тренинзи, а доколку го исполнам тоа, ќе резултира со добри времиња на натпреварите. Во секој случај, не си создавам никаков притисок, само уживам во процесот.

Моментално, моите тренинзи се одвиваат на базенот „Борис Трајковски“, кадешто условите за тренирање се одлични. Освен што за време на празниците во зима, базените не се во функција, па треба да патуваме со цел да ја реализираме годишната програма, немам друга замерка во однос на условите.

Добивам поддршка од спортски институции, но финанската поддршка која е секако потребна,  не е и доволна за успех и за добар резултат. Според мене, пресудни се мотивацијата и желбата“, вели Ева на која токму тие воопшто не ѝ недостасуваат.

Поради пандемијата има одредени промени во тренинзите, но работите полека се враќаат во нормала, па Ева вели дека се чувствува безбедно за време на тренинзите.

Таа, за разлика од врсниците, има добро познавање од нутриционизмот затоа што како и секој спортист треба да внимава на режимот на исхрана и да внесува храна која ќе ѝ биде добар извор на енергија.

„Практикувам да внесувам храна која со текот на времето сум сфатила дека ми годи и ми претставува добар извор на енергија. Доста се разбирам во нутриционизам, уште многу одамна бев заинтересирана за нутритивните вредности на храната. Точно знам што треба да внесувам за да можам да ги исполнам предизвиците кои доаѓаат со секој мој тренинг“, ни раскажува Ева и признава дека освен таа самата, никој во нејзината околина не ѝ прави притисок. „Тој притисок кој си го правам самата на себе, најчесто позитивно влијае на моите резултати. Со текот на времето, по многу порази и разочарувања, научив како да се справувам со послаби резултати. Секогаш гледам да извлечам нешто позитивно од секоја моја лошо испливана трка, а негативното го користам како дополнителна мотивација и како една лекција за тоа што не треба да направам на следната трка“, вели оваа млада мудрица.

Нејзиниот следен поголем предизвик се јуниорските натпреварувања за 2021 година, кадешто Ева сака да се покаже во најдобро светло, како и да види каде се наоѓа во светски и европски ранг до 17 години.

 

loading...