Трудници, пливајте!

За разлика од одењето, пливањето не ги оптоварува мускулите и зглобовите, туку ги релаксира. Движењето на рацете и нозете ја забрзува циркулацијата, го спречува задржувањето на течностите, ги ублажува болките во грбот и во карлицата, но и утринската мачнина, го зајакнува тонусот на мускулите...

0
193

Со вакви жештини и голема влажност на воздухот ретко која трудница има волја и снага за физичка активност која е многу важна за кондицијата, за полесно породување, но и за здравјето на мајката и бебето.

Кога на ова ќе се додадат и оние 10-20 килограми добиени во бременоста, вежбањето паѓа на дното од листата на приоритети. Но затоа е тука пливањето, а тоа е исто така вежба, но неспоредливо полесна и позабавна од сите други, а има бројни бенефити за идните мајки.

За разлика од одењето, пливањето не ги оптоварува мускулите и зглобовите, туку ги релаксира. Движењето на рацете и нозете во вода ја забрзува циркулацијата, го спречува задржувањето на течностите, а со самото тоа го превенира и настанувањето на отоци кои се многу чести во бременоста. Освен тоа, пливањето ги ублажува болките во грбот и во карлицата, но и утринската мачнина, особено ако водата не е многу топла. Докажано е дека движењето низ вода го зајакнува тонусот на мускулите кои им е на жените особено важен во последната фаза од природното породување.

Иако е пливањето најбезбедната физичка активност, на трудниците им се советува да бидат внимателни. Најважно е водата да не е многу ладна, но секако мора да е чиста. Доколку сте на море или на езеро, пливајте рано наутро, додека покрај брегот и на брегот нема премногу луѓе, бирајте чисти и уредени плажи. Доколку се одлучивте за базен, распрашајте се колку често се менува и се хлорира водата.

Секогаш влегувајте внимателно за да не се лизнете, што во бременоста, особено поодминатата бременост, не е реткост. Големиот стомак умее да ја поремети рамнотежата, па подобро придржувајте се за нешто или за некого.

Ако не сте во форма, пливајте полека, со умерено темпо и дишете правилно, без задржување на здивот.

Најважно е бебето да добива доволно кислород, па од тие причини се избегнува нуркањето. Ако веќе морате, нурнете само толку колку да ви помине желбата, затоа што на бебето не му годи многу наглата промена на притисокот.

Иако за повеќето луѓе важи правилот да не влегуваат во вода со полн стомак, тоа не се однесува на трудниците. Вашиот стомак е повеќе од полн.

Шега на страна, не пливајте ако сте гладни и жедни, но не го правете тоа веднаш по оброкот. Еден час е доволно за да се активира варењето, но само ако не сте претерале со јадењето или ако не сте јаделе тешка храна.

Сѐ друго е во ред. Намачкајте се со крем за сончање и уживајте. Пливајте барем 30 минути, со паузи за краток одмор, доколку ви се потребни, или едноставно легнете на грб и пуштете водата да ве ниша. Брзо ќе сфатите колку тоа ви годи и вам и на вашето бебе.

loading...