Уред за следење на здравјето на детето – претерување или помош?

Колку навистина претеруваме кога станува збор за грижата за децата? Толку што на пазарот се појави уред кој на родителите ќе може да им користи да го следат здравјето на своето дете во домот. Претерано или потребно?

0
195

Напредните технологии од ден во ден ги поместуваат границите и беше прашање на ден кога некој ќе дојде на идеја да измисли нешто како овој уред кој им ја олеснува грижата за децата на сите оние родители-паничари, а сите знаеме дека родителите се најпрофитабилна целна група.

Според написите во многу светски медиуми, стандардните беби монитори кои ни помагаат да го слушнеме бебето од друга рпсторија би требало да заминат во историјата затоа што овој нов уред овозможува освен плачењето на бебето, да ги следите и неговите витални знаци.

Боди како гаџет

Мимо мониторот е гаџет кој е пришиен на бебешкото боди и ги пренесува сите важни информации за здравјето на бебето и виталните знаци. Посебни сензори и микрофони ги пренесуваат информациите за температурата на бебето, положбата во која спие во креветчето и за неговите движења директно до вашиот смартфон, а со помош на bluetooth слушалки можете да ги слушнете и звуците.

Иако на прв поглед ова можеби ви се чини како многу корисно помагало, пред да посакате да го купите запрашајте се дали ќе ви донесе повеќе грижи отколку корист и дали ќе ве преобрази во анксиозен родител кој панично го гледа својот смартфон додека бебето спокојно спие?

Мир или анксиозност

Стручњаците нагласуваат дека не е лесно да се биде родител и дека грижата за децата понекогаш е навистина исцрпувачка, но тие не гледаат решение во високата технологија. Иако за повеќето родители би претставувало олеснување да знаат во која положба спие бебето заради синдромот на ненадејна смрт на новороднечињата и дали во креветчето постои нешто што би било потенцијална опасност, треба да знаете дека ваквите уреди не се комплетно испитани.

Единствениот доказ за нивната делотворност доаѓа од студиите платени од страна на компаниите кои го произведуваат, а тоа, ќе се согласите, не е многу валиден доказ.

Стручњаците велат дека ваков уред би можел да ја зголеми анксиозноста на родителите и да доведе до бројни непроспиени ноќи додека чекаат да се случи нешто лошо.

Од друга страна, многу е возможно дека со време анксиозноста на родителите би можела директно да влијае и на детето.

Каква порака ние всушност му испраќаме на детето со тоа што го приклучуваме на ваков уред? Дека светот не е безбедно место и дека опасности демнат од сите агли. Да, тоа е дефинитивно сигурно, но ако претеруваме со сопствениот страв го учиме детето дека ризикот никако и никогаш не е опција со што на некој начин го ограничуваме да го запознае и да го истражи светот што може да има лошо влијание на емоционалниот развој.

Друга страна од медалот

Како и кај сѐ во светот постојат спротивставени мислења и искуства кои одат во прилог на овој уред. Имено, многу мајки чии деца имале проблеми со здравјето тврдат дека Мимо им бил од голема корист и дека е тоа цена за приватноста коија тие секако би ја платиле. Постојат и мајки кои тврдат дека без оглед на користа која ја носи овој уред, тој не влева толку доверба која би ги спречила да стануваат ноќе и да го проверуваат детето.

Ако навистина мислите дека овој уред ќе ве смири и ќе ви донесе олеснување тогаш секако треба да го набавите, но сите родители не се исти и Мимо нема кај секој родител да предизвика иста реакција, но за среќа, имаме право на избор.

loading...