Хромозомот Y исчезнува. Што значи тоа за мажите?

Генетичкото инженерство наскоро би можело да ја замени улогата на Y-хромозомот, што ќе им овозможи зачнување на неплодните мажи или на двојки жени.

0
512
Хромозомот Y можеби навистина е симбол на машкоста, но во последно време станува јасно дека тој е слаб и непостојан.
И покрај тоа што го носи SRY-генот – „главниот прекинувач“ кој определува дали кај ембрионот ќе се формираат тестиси, односно дали тој ќе се развие во маж (XY) или во жена (XX) – хромозомот Y содржи и мал број други гени и е единствениот хромозом што не е неопходен за живот. На крајот на краиштата, жените сосема добро се снаоѓаат и без него.
Значи, Y-хромозомот не само што не е клучен за одржување на организмот туку доживува и забрзана дегенерација. Додека жените поседуваат два нормални X-хромозоми, мажите имаат еден силен X-хромозом и еден закржлавен Y-хромозом. 

Доколку ваквата стапка на дегенерација на Y-хромозомот продолжи, овој малечок дел од ДНК-молекулот ќе исчезне во следните 4,6 милиони години. Иако на прв поглед изгледа дека овој период е многу долг, треба да се има предвид дека е вонредно краток во споредба со 3,5 милијарди години, колку што постои животот на Земјата.

Но, Y-хромозомот не изгледал отсекогаш така. Ако го вратиме часовникот наназад, во периодот пред 166 милиони години, кога настанале првите цицачи, ќе видиме дека тогаш на негово место постоел таканаречен „прото-Y-хромозом“, кој имал еднаква должина како X-хромозомот и содржел исти гени.

Впрочем, тој има еден голем недостаток. За разлика од другите хромозоми, кои во секоја наша клетка се наоѓаат во вид на две копии, Y-хромозомот постои само во еден примерок и се пренесува од татковците на синовите.

Тоа значи дека Y-хромозомите не подлежат на генска рекомбинација – размена на гени меѓу паровите хромозоми при создавањето на секоја нова генерација, која служи за елиминирање на потенцијално опасни генски мутации.

Лишени од сите позитивни аспекти што ги носи рекомбинацијата, гените на Y-хромозомот со текот на времето почнале да се деформираат, а некои и сосема исчезнале од геномот.

И покрај тоа, неодамнешните истражувања покажаа дека Y-хромозомот развил некакви ефикасни механизми за „сопирање“ на овие процеси, намалувајќи ја стапката на губење на гените, па дури и нивно целосно сопирање.

На пример, една неодамнешна студија што ја извеле дански научници, а е објавена во списанието „PLoS Genetics“, открива дека Y-хромозом е подложен на голема структурална рекомбинација која овозможува амплификација (умножување) на гените на тој хромозом, со што се поттикнува здравата спермална функција и се намалува стапката на губење на гените.

Студијата исто така покажала дека Y-хромозомот развива необични структури наречени „генски палиндроми“ кои ги штитат гените од натамошна дегенерација. Генските палиндроми претставуваат делови од ДНК кои се читаат исто во двата правци, како што е случај со некои зборови, како „кајак“.

Научната јавност е поделена во однос на прашањето за опстанокот на Y-хромозомот. Научниците кои сметаат дека ќе опстане, како главен аргумент за тоа наведуваат дека неговите одбранбени механизми се вонредно ефикасни и „добро си ја вршат работата“. Од друга страна, другиот дел од стручните лица сметаат дека иднината на Y-хромозомот „виси на конец“, а конецот е пред кинење. Дебатата сè уште трае.

Сепак, дури и да исчезне овој хромозом кај луѓето, тоа не значи дека воедно ќе исчезнат и мажите. Кај нив, едноставно, „главниот прекинувач“ – SRY-генот се префрлил на друг хромозом, што значи дека постојниот Y-хромозом не е неопходен при размножувањето.

Сепак, тоа значи дека и кај тој нов хромозом, чија улога е да го одреди полот на човекот, може повторно да дојде до процес на дегенерација поради истото отсуство на рекомбинација, која претходно му се случила на Y-хромозомот.

Иднина без мажи?

Иако Y-хромозомот е неопходен за нормална човечка репродукција, интересно е дека многу гени што тој ги носи не би морале да бидат присутни доколку се користат помошни репродуктивни техники.

Тоа значи дека генетичкото инженерство наскоро би можело да ја замени улогата на Y-хромозомот, што ќе им овозможи зачнување на неплодните мажи или парови жени.

Исчезнувањето на Y-хромозомот секако дека е интересна и „жешка“ тема на полето на генетскиот инженеринг, но нема причина за грижи. Сè уште не се знае дали навистина ќе исчезне, а дури и во тој случај, размножувањето и натаму не ќе може да се случува без мажите.

loading...