Хроно исхраната е идеална за трудници

Доколку се придржувате на сите оние општи правила на комбинација на храна и не си правите чести излети со слатки задоволства килограмите ќе си бидат плус онолку колку што треба. А хроното е идеален начин на исхрана доколку трудницата имала претходно проблеми со тежината, вели нутриционистката Александра Пренџова.

0
1480

Александра Пренџова е дипломиран нутриционист и работи во Центарот за внатрешни болести „СРЦЕ“, кои се единствени во Македонија со франшиза за примена на хроно исхраната. Во СРЦЕ е од самиот почеток на ХРОНО исхраната во Македонија, пред 4 години.

Оттогаш и самата го практикува овој начин на исхрана, а им го препорачува и на другите. Сега, во текот на бременоста, продолжува со истиот, но со една мала измена: уште една ужинка плус!

Која е работата на нутриционистот во вашата матична куќа, Центарот за внатрешни болести „Срце“?

„Срце“ постои веќе 15 години, а пред четири години центарот се прошири со овој начин на исхрана па некако почетокот беше заеднички, како за тимот, така и за клиентите, но еве веќе мислам дека успешно ја градиме нашата хроно приказна и сме препознатливи кај луѓето по квалитетот и услугата што ја нудиме како центар. Секој ден се среќаваме со различни типови на луѓе, кои имаат различни проблеми, меѓудругото, вишокот килограми е проблем кој најчесто го среќаваме, како кај жените, така и кај мажите и верувајте, задоволство е кога знаеш дека си му помогнал некому и дека си дел од неговиот успех и среќа. Тестот на интолеранција на храна е она што го работиме ние, нутриционистите, во Срце, и на база на резултатите од него и во консултација со нашите лекари специјалисти во однос на лабораторијата и општата здравствена состојба, изготвуваме за клиентот режим на исхрана, кој ќе одговара за личноста за која се изработува.

Кога почнавте да практикувате хроно исхрана…како се запознавте со овој начин на исхрана и зошто првично започнавте да ја практикувате?

Да бидам искрена со хроно се запознав кога почнав да работам во центарот. И се вљубив во овој начин на исхрана уште на прв поглед. Веднаш сакав да го пробам она што треба да го работам, но не само поради тоа што е работа, туку и поради тоа што ми се допадна како функционира. Најмногу што ме освојува е тоа што нема броење калории и количина на намирници, јадеш буквално колку што ти се јаде, секако, од храната што е добра да се јаде. Секое правило во хроно е поткрепено со медицински докази и научни факти, што всушност пркоси на се она што сме го знаеле претходно, на пример, да се јаде овошје наутро, итн. Во хроно исхраната овошјето се јаде попладне. И денес исто си практикувам хроно, како и дел од тимот тука.

Сега сте бремени, кој месец сте и дали и за време на бременоста го практикувате овој начин на исхрана, дали има некакви разлики помеѓу нормалната хроно исхрана и хроно исхраната во бременоста?

Бременоста сама по себе е една посебно убава состојба за секоја трудница, добро, ако ги исклучиме првите месеци кога знаат да се јават мачнини, повраќање, итн, кај одредени трудници. За среќа, јас немав ништо од тоа, никакви тегоби и еве веќе навлегувам во трето тримесечие од бременоста, секако со хроно исхрана. Ништо посебно не беше потребно да сменам, она што и секако си го јадев претходно според правила на хроното, комбинациите и времето на конзумирање на намирниците ги внимавам, со тоа што кај трудниците има простор да се воведе уште една ужинка плус, од предвидената една. Всушност, оние кои го знаат и го живеат хроно како стил и начин на исхрана знаат дека навистина нема некои ограничувања, освен секако она што треба сите да го исклучиме или да го минимизираме: белите брашна, слатките и грицките. И навистина е супер, се чувствувам одлично!

Колку килограми качивте досега и дали сте успешни во контролирањето на тежината?

Со тежината немав проблем и претходно, така да бременоста ја дочекав со простор и да ставам некое килце плус од оние предвидените за бременост. Засега килограмите се плус онолку колку што треба да бидат, се превидува по 1,5-2 кг на месец, по првиот семестар, со што оптимално би било да се качат 8 до 12 килограми за време на целата бременост. Секако, голем дел од тие килограми одат на плодот, и не треба да не загрижува тоа што бројката на вагата оди нагоре, но сепак мора да се внимава да не се претера.

Не сакам да ја сфаќам премногу строго бременоста, особено затоа што немам никакви медицински ограничувања и болести (мислам на претходно покачен шеќер, притисок и телесна маса), такашто знам да си се почестам и да направам некој „грев“, но веднаш потоа гледам да балансирам.

Пешачењето е тоа што ме држи во форма, сега кога не смеам да вежбам аеробик- она што го вежбав претходно. Мислам дека мора да се прави баланс и да се движиме колку може повеќе. Практикувам дневно брзо пешање околу 30 минути минимум и кога наоѓам време плус правам вежби и дома. Клучот на успешно регулирана тежина е во балансот.

Дали овој начин на исхрана има некакво дејство на проблемите со кои стандардно се соочуваат трудниците (киселини, опстипација, покачен шеќер, покачен крвен притисок?

Доколку сте на хроно, и го практикувате, мислам на комбинациите на храна, како на пример, месо со скроб не, итн, ќе знаете дека киселини нема, а доколку ги имало – се исчезнати. Секој оброк треба да е избалансиран, да ги содржи сите неопходни материи кои ќе го задоволат оптимумот на нутриенси во нашето тело. Хроно е идеална исхрана за трудници и општо, за луѓе со покачен шеќер, бидејќи исхраната го штеди нашиот панкреас преку внес на храни што имаат бавни јаглехидрати. Покачен крвен притисок ретко има кај трудници со нормална телесна маса, а за оние кои имаат заедно со вишок килограми од претходно, хроното е супер начин да се справат со тоа.. Опстипацијата при бременост е проблем со кој трудниците често се сретнуваат, па тука препорака би било да се внесува што повеќе влакна, преку интегрални житарки, мешунки,  овошје, зеленчук, движење и мноогу вода.

Дали со овој начин на исхрана може да се контролира качувањето на килограми во бременоста?

Секако дека може. Доколку се придржувате на сите оние општи правила на комбинација на храна и не си правите чести излети со слатки задоволства килограмите ќе си бидат плус онолку колку што треба. А хроното е идеален начин на исхрана доколку трудницата имала претходно проблеми со тежината, односно останала бремена со вишок килограми, па тој вишок успешно може да го контролира со хроно, дури и во бременост!

Знаете има трудници што во бременост сметаат дека не треба од никаква храна да се воздржуваат, дека можат да јадат што ќе им се посака и тука многу лесно може да загубите рамнотежа. Среќа, денес меѓу нас има се повеќе информирани луѓе, кои се грижат за своето здравје и внимаваат на исхраната, практикувајќи здрав начин на живот, па бременоста не им е ништо поразлично од секојдневниот начин на живот.

Има ли потреба од вообичаените суплементи кои ги земаат трудниците доколку практикуваат хроно исхрана?

Ниското серумско железо е она што е  најчест проблем кај трудниците. И поради тоа најчесто се пристапува кон суплементација со железо. Сепак, природен извор на железо може да се добие од јајцата од препелица, семе од коприва, изнутрици, какао, месо, итн. Такашто, доколку исхраната е добро балансирана, со застапеност на сите потребни макро и микронутриенти, доколку се внесува повеќе разновидна храна богата со протеини, а сиромашна со празни калории, транс масти и прости шеќери за било кој начин на исхрана нема потреба од суплементи. Сепак постојат одредени состојби каде поради различни причини трудницата е потребно да се суплементира. И за тоа најдобро би било да се направи консултација со лекарот кој ја води бременоста.

Дали додека се дои, треба да се смени нешто во исхраната?

Разновидната и балансирана исхрана е исклучително важна и за доилките и за нивните најмили. Новите мајки треба да бидат силни и издржливи и последно што треба да им паѓа на ум е држењето рестриктивна диета за намалување на тежината. Всушност, доилките треба да внесуваат дополнително одредена количина калории дневно за да обезбедат доволно количество квалитетно мајчино млеко за своите бебиња. Не постојат универзални правила поврзани со исхраната за време на доењето, но сепак има некои општи препораки за храна и пијалаци со кои треба да бидеме повнимателни, како алкохолот, кафето, зачинетата храна итн. Некои препораки за исхрана исклучуваат од исхраната брокули, карфиол и други зеленчуци од фамилијата зелки поради гасови кај бебето, но сепак тоа е премногу индивидуално. Многу е важно да се спомене дека одредена храна како кикирики, јајца, соја, итн, може да предизвика алергиска реакција кај бебето, иако стигнува до него во мали количества преку млекото. За успешно доење најдобро е да се консумира разновидна и умерена исхрана, да се земаат редовни оброци и задолжително да се внесуваат доволно течности (3 литри дневно).

Имате ли некаква бројка, колки трудници се советуваат со вас во врска со хроно исхраната, што ги советувате?

За жал, најчесто трудници кои немаат проблем со тежината не се советуваат со нутриционист што би требало да јадат а што не во текот на ова прекрасно патување. Во нашата држава, се доаѓа на доктор или нутриционист веќе кога има настанат проблем и кога личноста што го има не може да го реши сама, а имала обиди најчесто со совети што ќе се најдат на интернет. Ова не се однесува само на трудниците, туку општо на целата популација. Мал е бројот на луѓе кои си прават контролни прегледи без одредена причина или пак бараат совет за исхрана без конкретен проблем. Сепак, кога се работи за бременост, има работи кои трудницата треба да ги има предвид и треба да ѝ се посочат, со цел најдобар и оптимален раст на плодот како и здрава и витална мама.

Имате ли од оние ненадејни труднички желби за одреден вид на храна кој не е дозволен во хроно исхраната, што преземате во врска со нив? 

Јас сум тип на личност што сака да си проба од се и сум гурман по природа, така да секако дека имам желба за одреден тип на храна, и морам да признаам во бременоста тоа е најчесто благото. Меѓутоа, се трудам да бидам максимално дисциплинирана и принципиелна, па гледам да го направам „гревот“ во време кога е најбезболно. На пример, доколку ми се јаде да речеме некоја торта, гледам да ја изедам во периодот кога е време за ужина според хроно исхраната, а тоа е од 17-19 часот попладне. И така балансирам. Секако, количината спасува доста килограми плус на вага. Наместо цело чоколадо или цело парче торта може да се изеде еден ред чоколадо или малку торта, а најдобро е доколку може да се замени со здрава алтернатива како темно чоколадо или некој здрав десерт. Самоконтролата мора или барем треба да ја имаме.

Драгица Христова

loading...