Хуморот помага во ситуации на зголемен стрес

„Не изненадува кога во последниот период гледаме како Италијаните пеат колективно на терасите од своите домови, но пеењето дефинитивно помага во намалување на стресот и тензијата. Исто како и хуморот, затоа смејте се колку можете“, порачува психотерапевтката Надица Скепароска-Петковска

0
535

Нашата соговорничка Надица Скепароска-Петковска е магистер по клиничка психологија, психотерапевтка специјализант по Трансакциска Анализа. Основач на советувалиштето „Мозаик“ и советник во Прв семеен центар на град Скопје.

„Мозаик“ функционира веќе пет години, како центар за психотерапија и советување. Работат со возрасни, семејства и деца, а со оглед на актуелната состојба со коронавирусот, сега работат со намалено темпо, односно со 40% од претходниот обем на работа, преку онлајн сесии.

Според Трансакциска Анализа (ТА), вели Скепароска-Петковска, во ситуации кога стресот е на високо ниво, кога сме лишени од остварување на одредени  потреби, како социјализација и излегување, започнуваме да се однесуваме нерационално. Според ТА, енергијата оди во его-состојба на Дете и преку таа его-состојба се справуваме со секојдневието. Прочитајте го во продолжение целото интервју со психотерапевтката Скепароска-Петковска.

За што ви се обраќаат сега, во актуелната состојба на пандемија со коронавирусот најчесто, дали бараат совети за тоа како да се однесуваат во оваа состојба на самоизолација, дали веќе се соочувате со поголем број на анксиозни состојби кај луѓето, депресија и слично?

Голем дел од психотераписките сесии се продолжување на процесот кој бил започнат пред појавата на пандемијата. Кај тие клиенти се забележуваат промени во функционирањето и доживувањето, како последица на зголеменото ниво на стрес. Стресот доаѓа од неизвесноста со која се соочуваме во однос на пандемијата, различните информации кои доаѓаат до нас, како и појава на егзистенцијални стравови. Одреден број на клиенти се обраќаат за прв пат со симптоми на анксиозност и изразени стравови. Воопшто, луѓето се справуваат со настанатата ситуација на различни начини. Дел од клиентите имаат добро изградени адаптациони механизми да се справат со високото ниво на стрес и изменета динамика на живеење. Дел од клиентите кои најчесто имаат симптоми на социјална анксиозност и фобии, се чуствуваат ослободено од притисокот, односно социјалното дистанцирање го гледаат како предност и во изолацијата наоѓаат мир. Некои клиенти имаат депресивно расположение, некои имаат симптоми на пост-трауматско растројство.

Дел од клиентите кои најчесто имаат симптоми на социјална анксиозност и фобии, се чуствуваат ослободено од притисокот, односно социјалното дистанцирање го гледаат како предност и во изолацијата наоѓаат мир.

Какви се вашите препораки за граѓаните во овие услови, како да се справуваат со стресот и со стравот?

За почеток, треба да се сетиме кои активности ни помагале во минатото кога сме биле во слични ситуации на зголемен страв. Секој од нас има на располагање различни активности и опции како се справувал/а со стресот во минатото. Препорачливо е да се држиме до рутините колку можеме, со оглед на променетата динамика на живот. Да се обидеме да ги адаптираме активностите кои не опуштаат во секојдневието денес.

Живееме во време на наплив на информации и поради тоа важно е да селектираме колку можеме. Ќе го потврдам тоа што и властите апелираат- да се читаат проверени и точни информации и да се чита во ограничен опсег.

Хуморот исто така помага во ситуации на зголемено ниво на стрес, смејте се колку можете. Не изненадува што во последниот период видовме како Италијаните пеат колективно на терасите од своите домови, пеењето дефинитивно помага во намалување на стресот и тензијата.

Многу се зборува и за можноста од зголемување на бројот на разводи по овој период, што мислите вие за оваа тема?

Не е исклучена можноста од промени во семејната динамика, бидејќи како што кажав погоре секој од нас се носи со оваа ситуација на специфичен начин. Изолацијата значи поминување поголем дел од времето дома, што за некого е можност за зближување и продлабочување на врската, а за некого може да значи презаситување и потреба за дистанцирање. Кога ќе додадете на тоа страв и неизвесност, како и зголемено ниво на стрес, може да дојде до чести кавги, нетрпеливост и иритабилност.

Дали имате сознанија дека е евентуално зголемен и бројот на случаи на семејно насилство?

Точни податоци немам во однос на зголемен број на случаи на семејно насилство. Во пракса, Прв Семеен центар на град Скопје, каде сум ангажирана како психотерапевт и советник, продолжи со својата работа, односно пружање подршка на жртвите на семејно насилство во вид на е-терапија. Бројот на баратели на услуги засега е ист. Можно е да се актуелизира и расте бројката на случаи на насилство поради високото ниво на стрес во одредени семејства, нетрпеливоста, зголемената употреба на алкохол и чести конфликтни ситуации.

Какви се вашите инструкции во однос на децата, колку треба да се информирани за ситуацијата во зависност од нивната возраст?

Сметам дека е важно децата да бидат информирани за пандемијата и променетиот начин на живеење. Важно е да бидеме искрени со нив и да се обидеме соодветно на возраста да им објасниме што се случува во светот и кај нас. Честопати децата поставуваат прашања од типот: „зошто не можеме да одиме во паркот?„. Исклучително важно е да се даде одговор на детските прашања, адаптирано според возраста. Одредени образовни програми вклучуваат едукативен дел во однос на вирусите, бактериите и заштита и превенција. Тоа истото можеме да го сториме и дома. На пример, соодветно за 5 годишна возраст може да биде да се нацртаат вирусите и бактериите, да се објасни како се пренесуваат и како се разболуваме. Да се објасни колку е важно да се мијат рацете, да не се допираме на уста, нос и очи. Постојат и едукативни видеа каде на јазик разбирлив за децата е објаснето за Корона вирусот.

Честопати децата поставуваат прашања од типот: „зошто не можеме да одиме во паркот?„. Исклучително важно е да се даде одговор на детските прашања, адаптирано според возраста.

Како вие лично се справувате со новонастанатата состојба?  

Јас оваа пандемија ја нареков „време на учење“. Учиме трпение, истрајност, смиреност. Учиме нови вештини и го активираме неформалното учење. Во мојот случај поголемиот дел од времето го поминувам дома со ќерките, ја учам одново важноста на играта и безгрижноста која децата ја имаат. Учам од нив. Цртам, бојам и готвиме заедно. Во слободно време читам, вежбам јога дури поредовно од претходно. Читам информации во врска со пандемијата и следам што се случува кај нас, вообичаено еднаш во текот на денот. Работата ми помага да научам како поединците се справуваат со оваа нова состојба на нашето време.

loading...