Шеесетиот роденден на најпознатата кукла на светот – Барби, ќе се слави и во Скопје

Скопјанката Ана Секуловска е единствената колекционерка на Барбики  во градот, а веројатно и во државава, па и во регионот. Нејзината колекција содржи вкупно 66 одлично зачувани Барбики во својата оригинална амбалажа. Сите големи и мали љубители на „Барби“ ќе имаат можност да ја видат оваа колекција и да го прослават роденденот на „средовечната“ Барби на 9.Март, во „Колектив галерија“ на скопскиот плоштад.

0
364

Интернационалнот ден на Барби – 9.Март, ќе биде одбележан во „Колектив галерија“ во Скопје, со почеток во 18 часот, со изложба на 66 кукли од колекцијата на триесетгодишната Ана Секуловска, а ќе се проектираат и видеа за најпознатата кукла на светот.
Накусо, сите големи и мали љубители на „Барби“ ќе имаат можност да се дружат, да се забавуваат и да научат нешто повеќе за својата омилена играчка од детството.

„Имам вкупно 66 барбики, меѓу кои и само еден Кен (момчето на Барби). Првата барбика што ја добив е сирена, на која ѝ се менува бојата на косата кога ќе се измие со ладна или со топла вода. Оваа Барбика ја добив кога имав 5 години (во 1994. Година) и ми ја донесе татко ми од службен пат.

Како почнав со собирање на Барбики!?

Па, некако стана традиција секогаш кога татко ми ќе одеше на службен пат или пак кога мајка ми одеше на некое патување, ми носеа по една или две барбики. Никогаш немав побарано од нив да ми донесат Барбика, ама секогаш очекував да ме „изненадат“ со една“, објаснува Ана.

Инаку, Барбиките од нејзината колекција се во одлична состојба и спакувани во своите оригинални пакувања. Ја прашавме како ѝ успеало да ги зачува во ваква состојба со оглед на тоа што ги собира од пет години, возраст на која повеќето деца знаат да ги искубат, ишишаат, па дури и да ги раздвојат на делови.

„Кога ќе добиев нова Барбика, ја отпакував, ќе си поиграв малку со неа и пак ја ставав во оригиналната кутија, заедно со сите додатоци кои доаѓаа со неа. Едноставно, така ме научија родителите, дека после играње со куклата, треба да ја вратам на место и тоа и ми стана навика. Се сеќавам дека кога ќе ми дојдеа другарки или братучетки на гости и сакаа да си играат со барбиките, внимателно ги следев да не ми уништат или да не ми искршат некоја. Сепак, сите се купени и чувани со љубов и сакав да ги зачувам засекогаш, цели и убави.

Ако некогаш имам ќерка, секако дека ќе ѝ ја предадам колекцијата, и ќе ја надополнувам, доколку има желба за тоа. И да, ќе ја учам дека треба со Барбиките да си игра внимателно и грижливо, да не ги уништува и после играње да ги враќа на место. Се надевам дека ќе ме слуша.

Инаку, Ана е по професија економист, а од јуни минатата година е и мажена жена, па по селидбата во новиот дом 66-те Барбики ја наследиле нејзината соба во родителскиот дом.

„Како возрасна немам добиено ниту една Барбика, ниту од сопругот, ниту од другарките. Ете им идеја за подарок за мојот следен роденден“, вели Ана.

Најпознатата кукла на светот Барби е „родена“ во далечната 1959. година како производ на компанијата Мател. Нејзиното целосно име е Барбара Милисент Робертс, а името го добила според детето на нејзината креаторка Рут Хендлер. Барби е еден од најпродаваните производи во индустријата за играчки. Оваа кукла е толку популарна што на секоја секунда се продаваат по 3 Барби кукли некаде во светот. Годинава полни цели 60 години.

Фото: Pixabey

loading...