Што е мултиоргански воспалителен синдром? Се јавува кај заразените деца, ги напаѓа сите делови на телото

Откако во Загреб преку ноќ, од последици од инфекција со корона вирусот почина 11-годишно момче, сите, а особено родителите, се прашуваат како да ги препознаат знаците на тој мултиоргански воспалителен синдром кој се појавува кај некои деца и адолесценти, како претеран имунолошки одговор на телото

0
833

Единаесетгодишното момче кое преку ноќ почина на Клиниката за инфективни болести д-р. Фран Михаљевиќ во Загреб од последиците од инфекцијата со корона вирусот, е најмладото починато лице во Хрватска. Неофицијално, момчето не страдало од други болести, но дошло до ретка компликација. Тоа имало мултиоргански воспалителен синдром кој се јавува како прекумерен имунолошки одговор на телото.

За првпат оваа пролет, лекарите кај деца и адолесценти, како резултат на ковид инфекција, започнале да го забележуваат таканаречениот „мултиоргански воспалителен синдром“, кој може да нападне кој било дел од телото. Досега се пријавени неколку такви случаи.

Како што објаснил проф.др. Горан Тешовиќ, раководител на Одделот за инфективни болести на деца на Клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михаљевиќ“ за еден хрватски портал , овој синдром ги погаѓа децата на возраст под 19 години, кои биле целосно здрави пред да се заразат со ковид-19. Ретко може да се појави кај луѓе постари од 19 години, а најстариот пациент во Хрватска со овој синдром има 22 години.

„Синдромот за кој зборуваме е имунолошки посредуван и се јавува неколку дена или недели по инфекцијата со вирусот. Варира од сосема лесна клиничка слика до сериозна, што може да предизвика пад на крвниот притисок и шок. Може да влијае на кој било органски систем во телото, белите дробови, бубрезите, црниот дроб, васкуларниот или централниот нервен систем, да предизвика проблеми со згрутчување“, вели проф.др. Тешовиќ, додавајќи дека овој синдром трае неколку дена и може да биде потенцијално смртоносен ако не се препознае на време.

Иако постојат некои разлики, тој е сличен на претходно познатиот Кавасаки синдром, болест која е карактеристична за децата и се манифестира со осип, треска, зголемени лимфни јазли и понекогаш воспаление на срцето и зглобовите. Но, мултиорганскиот воспалителен синдром предизвикан од ковид сè уште е нешто ново, што лекарите првпат го забележале кога започнала епидемијата. Затоа, вели проф.др. Тешовиќ, не е можно да се дадат веродостојни предвидувања за тоа дали остава трајни последици. Се третира со имуномодуларна терапија (на пример, имуноглобулини и кортикостероиди).

Овие појави секако се доказ дека не постои гаранција дека ковидот кај децата и адолесцентите не може да предизвика сериозни проблеми и компликации. Многумина сè уште погрешно веруваат дека ковидот е болест што е опасна само за повозрасните лица.

Во меѓувреме се јави и една мајка од Истра чие дете е едно од ретките во Хрватска кое го имало овој синдром и кое сè уште ги чувствува последиците од него. Мајката неволно се сеќава на траумата што ја доживеале, неизвесноста, стравот, борбата за живот на нејзиното дете, кое ќе продолжи редовно да оди на двомесечни прегледи во болницата во Риека. Таа со своето искуство сака да им помогне на родителите да обрнат внимание на симптомите што се јавуваат во овој случај, да го слушаат својот инстинкт и да сторат сè за да се спречат фатални последици.

„Информирајќи се преку Интернет, видов деца во САД кои изгледаа слично на моето дете и кога ги прочитав симптомите, си реков ајде да го направиме тој тест за антитела, иако моето дете беше двапати негативно на тестот за коронавирус. Лекарите на крајот ме послушаа, направија тест за антитела и тоа е единствениот начин да се најде мултиинфламаторниот синдром. Дури тогаш тие знаеја како да се однесуваат кон моето дете“, вели таа.

Додава дека е точно дека синдромот „кавасаки“, кој е познат во медицината со години, има слични симптоми на тој синдром, но не е иста работа и има разлики. Лекарите го знаат тоа. За среќа, лекувањето е слично, со имуноглобулин. Им препорачувам како мајка на сите што се сомневаат, кои поминуваат низ нешто слично на она низ што поминавме ние, ако се сомневаат, да реагираат. Живееме во ковид време. Најлесно е да се направи тој тест, па ако е негативен – одлично! Меѓутоа, ако тестот за антитела е позитивен, а детето претходно било негативно на ковид, само тогаш има точна дијагноза, која, како што вели, за жал, е сè уште „енигма“.
Таа се потсетува на сите симптоми на своето дете кое со денови минувало низ вистинска агонија, но денес, за среќа, е со својата мајка и со браќата. Сè уште има последици, но тие се незначителни во споредба со борбата за голиот живот низ кој поминувавме.

„Симптомите се: екстремно висока температура до 40 Целзиусови степени, која трае неколку дена без некоја објаснива причина. Многумина ми рекоа дека може да е алергија, но јас знаев дека моето дете не е алергично. Ако детето добие црвенило, необичен осип по телото, ако повраќа без некоја посебна причина, има невообичаено треперење, не спие, не реагира на дразби, не може да ја свитка главата кон колената и има сува уста. Прстите на рацете и нозете се малку отечени, има црвенило на ноктите. Така започна сè. Тогаш ситуацијата се влошува и детето едноставно снеможува, не може да пие течности, не јаде, не комуницира и станува „мртво тело”. Ова е веќе моментот кога родителот со детето веќе треба да бидат во болница“, се потсетува таа на симптомите на нејзиното дете и им препорачува на сите што се во слична ситуација да контактираат со лекарите и да имаат доверба во нив, но и да го следат својот инстинкт и да одат до крај.

„И за лекарите и за мене тоа беше прва средба со овој синдром, но јас инсистирав на тест за антитела. Сигурна сум дека лекарите сега реагираат поинаку, бидејќи веќе имаат некој на кого ги виделе симптомите. Тие симптоми се збунувачки и тоа е вистината. Прво потсетуваат на обичен вирус. Но, бидејќи состојбата на детето се влошува, симптомите потсетуваат на гореспоменатото кавасаки. Ако има симптоми како кај моето дете, треба да се направи тест за антитела. Јас не сум лекар, но ова не треба да се сфаќа несериозно затоа што е најголемата стапица“, вели таа.

Денес нејзиното дете е релативно добро, а неодамна било и на првата контрола. Неговите резултати се добри. Ќе оди на редовни прегледи на секои два месеци, но неговата мајка забележува дека е сè уште слаб. Брзо се заморува, особено откако започнал со училиштето. Не смее да вежба или било како физички да се преоптоварува. Момчето сè уште има повремена несоница и како што забележува мајката, на ушите навечер му се појавува црвенило. Таа вели дека не е загрижена за тоа и дека има доверба во лекарите.

Фото: ХРТ, преземено од ТУКА.

loading...