Што значи недостатокот на татковска фигура во животот на децата?

Ако сте мајка во еднородителско семејство или самохрана мајка, веројатно сте свесни дека во одреден период од животот на своите деца ќе се сретнете со прашања за таткото.

0
416

Децата се многу ранливи и во ситуации кога од нивниот живот отсуствува таткото, често заклучуваат дека се тие причина за отсутноста на родителот. Колку и да е тешко да се одговори на сите негови прашања, најдобро што можете да направите за себе и за нив е однапред да се подготвите и да размислите за што што, кога и како ќе им кажете.

Чести прашања на децата за татковците (кои ги нема)

Многу е веројатно дека прашања за татковците ќе испливаат на површина кога децата ќе тргнат во градинка и ќе добијат одредена перцепција за семејните односи, па очекувајте дека ќе ве прашаат:
Каде е татко ми? Зошто тој не живее со нас? Дали ќе се врати? Кога ќе го запознаам? Дали му недостасувам? Зошто другите деца имаат татко, а јас немам?

Како што знаете и сами, не постои едноставен одговор кој ќе ги задоволи, туку по извесно време овие прашања ќе се повторат. Дозволете им секогаш кога ќе почувствуваат потреба, одново да ви ги поставуваат овие прашања.

Однапред подгответе ги одговорите

Пред да дојдат децата во години кога ќе го почувствуваат најсилно недостатокот на таткото во својот живот, можете однапред да подготвите одговори и објаснувања кои би требало да ја содржат вистинската причина за вашата разделба.

Иако одговорите нема да нудат решение за ситуацијата, можат да помогнат децата да сфатат дека тие не го предизвикале отсуството на таткото во својот живот.

Недостаток на самодоверба и потиснување на емоциите

Децата кои растат само со еден родител често имаат проблем со самодовербата или со чувството на срам и се прашуваат дали на родителот кој не е со нив му е генерално подобро без нив. Ако забележите дека со годините овие проблеми растат, битно е на децата да им понудите опција за помош во вид на психолог или да ги поттикнете на дружење со други возрасни лица кои сакаат деца, на кои им веруваат и кои со афирмативни и позитивни праки ќе придонесат за нивниот развој.

Исто така, децата во еднородителските семејства понекогаш не знаат како да ги изразат своите чувства и полесно им е да ги потиснат длабоко во себе и така да се „скријат“ од светот. Ако децата почнат да се оттуѓуваат од вас, би било добро да им повторувате колку ги сакате и колку сте горди на нив. Кога конечно ќе одлучат да ви се отворат, бидете подготвени да ги сослушате без осудување или наметнување на сопственото мислење.

Држете се до вистината и прилагодете ја на возраста на децата

Најлошо што можете да направите е да им зборувате на децата сѐ најлошо за поранешниот партнер. Наместо да им кажете дека е тој одвратна личност, подобро е на децата јасно да им кажете што довело до тоа тој да не учествува во нивното одгледување. Ако на децата не им понудите објаснување, тие самите ќе дојдат до одреден заклучок кои може врз нив да има сериозни психички последици.

Затоа, вашата улога е да им ја кажете вистината, но во исто време да бидете внимателни со своите одговори за да не создадете дополнителен јаз помеѓу децата и таткото (ако во иднина дојде до било каков контакт помеѓу нив). Секако, секогаш имајте на ум дека сите објаснувања мора да бидат прилагодени на возраста на децата, но вистината треба да биде ваша главна водилка.

Не ги кријте од децата убавите сеќавања

Иако растењето без татко е ситуација која никогаш не е лесно да се објасни, важно е со децата да ги сподлеите убавите и позитивни сеќавања кои сте ги проживеале со нивниот татко. Токму тие делови од спомени ќе станат нешто за што децата подоцна ќе се фаќаат за во иднина да имаат подобра претстава за тоа каква личност е нивниот татко – нешто за што ќе размислуваат интензивно со годините кога ќе почнат поблизу да се запознаваат и самите себе.

Ако е можно направете листа од поранешни настани кои ќе ги споменете во заедничките разговори и така на децата ќе им помогнете полесно да согледаат одредени карактеристики кои ги делат со таткото и кои ги поврзуваат со него. Не заборавајте во секој разговор да повторите дека без оглед на сѐ секогаш ќе бидете со нив и дека вашата љубов е безусловна.

Одлуки за повторна средба

Понекогаш, нешто подоцна во животот, оние татковци кои сами одлучиле да се повлечат, сфаќаат колку погрешиле и посакаат да го изградат повторно изгубениот однос со своите деца кои ги напуштиле. Некогаш сѐ останува само на желба, но во случаите кога постои искрена желба да го надоместат изгубеното, може да дојде до зацелување на душевните рани на децата. На вас е да препознаете дали е вашиот партнер навистина подготвен да влезе во животот на вашето дете (и да остане во него) и побарајте стручен совет за полесно да ги дочекате промените кои следуваат.

loading...