Што не е во ред со тинејџерскиот мозок? (2 дел)

Начинот на живот во современиот свет е таков што децата немаат речиси никакво искуство во задачите кои ги чекаат кога ќе пораснат. Повеќето денешни деца никогаш нема да испробаат дури ни најосновни вештини како што се готвењето или грижата за другите. Единствените обврски кои ги имаат се оние училишните, а тие имаат малку врска со вистинскиот живот.

0
107

Денешните тинејџери претставуваат генерација која е веројатно најшколувана и најинформирана во историјата на човековиот вид. Знаат дека пушењето му штети на здравјето, знаат дека алкохолот и воланот се смртоносна комбинација, знаат дека децата не ги носи штркот туку незаштитените сексуални односи. Одлично знаат што и како треба, а сепак за секунда ќе направат се како што не треба. Свесни се дека со своите постапки и со однесувањето во овој период себеси си отвараат и си затвараат многу врати кои водат во подобар живот, а во состојба се да ги треснат со нога. Зошто почнуваат да прават се наопаку токму тогаш кога би требало да почнат да се однесуваат позрело?

(Продолжение)

Нема учење без грешење

Другиот клучен систем во нашите мозоци е во врска со контролата. Неговата улога е во канализирање и контролирање на сета таа енергија која стасува од првиот систем. Тука стапува на сцена надчелниот кортекс кој го презема водството над другите делови на мозокот, особено над деловите кои ги контролираат емоциите и мотивацијата. Така функционира процесот на донесување на одлуки, кој е неопходен услов за долгорочно планирање и одложување на задоволствата.

Овој систем во голема мерка се потпира на учењето. Во текот на растењето на детето, тој станува се поделотворен како што детето стекнува повеќе искуства. Учиме, такашто се обидуваме, грешиме и повторно се обидуваме додека не успееме.

Стажирање од седмата година

А кога се учите да бидете возрасен, тогаш е важно да учите на грешките на време, за да не ги правите тогаш кога повеќе не смеете да си ги дозволите. Токму тоа е начинот на кој созревале децата во друштвото на ловците собирачи.

Сите оние вештини кои им се потребни во зрелата возраст, децата почнувале да ги стекнуваат во раната возраст. Така имале повеќе можности да се обидуваат, да грешат и да учат на сопствените грешки.

На возраст во која денешните млади се уште не почнуваат да се фаќаат во костец со првите животни лекции, децата на ловците собирачи веќе станувале стручњаци за планирање и за своите идни друштвени улоги. Со други зборови, додека денешните деца почнуваат да стажираат со 27, во примитивните општества почнувале со 7 години.

Девојчињата од рано детство вежбале грижа за децата, чувајќи ги своите браќа и сестри и преземајќи ја одговорноста за нив. Секако, и момчињата и девојчињата се вежбале за лов од мали нозе ракувајќи со оружје. И момчињата и девојчињата своите идни животни задачи ги усовршувале под надзор на возрасните, затоа што ги вежбале на време, пред да почнат да им удираат во глава пубертетските хормони.

Кога пубертетот ќе стигнел, биле подготвени да тргнат кон вистинските вредности во надворешниот свет, но со вештините и контролата кои ги стекнале на време.

 Гас без менувач и кочници

Денеска, односот помеѓу овие два система во мозокот драстично се сменил. Пубертетот и склоноста кон преземање на ризици доаѓаат порано, а подготовките за животните искушенија почнуваат подоцна.

Начинот на живот во современиот свет е таков што децата немаат речиси никакво искуство во задачите кои ги чекаат кога ќе пораснат. Повеќето денешни деца никогаш нема да испробаат дури ни најосновни вештини како што се готвењето или грижата за другите. Единствените обврски кои ги имаат се оние училишните, а тие имаат малку врска со вистинскиот живот.

Современите родители се повеќе го одложуваат моментот кога нивните деца ќе имаат можност да се соочат со вистински цели во вистинскиот свет, а токму на ваквите искуства децата го градат системот на контрола. Развојниот психолог Роналд Дал од калифорнискиот универзитет Беркли овој расчекор го опишува со следната метафора:

Денешните адолесценти научуваат да додадат гас многу пред да научат да менуваат брзини и да кочат.

Новиот поглед на мозокот на тинејџерите го става во фокус честопати занемарениот фактор кој е толку неопходен за правилно созревање, а тоа е искуството кое го обликува нашиот мозок. Иако ние навистина многу им должиме на своите гени и на вродените особини, токму една од најважните особини на мозокот неговата осетливост на искуства.

Помалку теорија, повеќе пракса

Ова сознание може да биде многу охрабрувачко за сите оние кои современата адолесценција ја сметаат за нерешлив проблем. Флексибилноста на мозокот кој се развива дава можност на него да се влијае така за тинејџерскиот период да не претставува ризична фаза позната како „спасувај се кој може“.

Она што би требалко да се менува, е пристап на границите на зрелост за разлилчни животни искуства. Наместо големи резови, би требало во воспитувањето на младите да се инсистира на постепено но постојано освојување на вештини и слободи. Домашни работи, планирање, располагање со пари, грижа за другите членови на семејството, заработување џепарлак, снаоѓање во нови непознати ситуации, сето тоа е она во што децата би требало да се испробуваат на време многу порано отколку што е вообичаено.

Вклучувањето на децата во реалниот живот е навистина многу потешко денес, кога начинот на живот во современите градови го оневозможува детето од мали нозе да им помага на родителите во нивната работа, како што правеле со милениуми децата на земјоделците или на занаетчиите.

Тоа не значи дека не треба да се обидеме да ја смениме востановената пракса на модерното растење кое се сведува на коктел од училишни обврски и забава, и која со дебел ѕид ги штити децата од животот се додека, во налет на тинејџерско лудило, не го пробијат самите тој ѕид со глава.

 

 

loading...