Јавна расправа за предлог-законските измени за воведување заедничко родителство по развод

Цврста заложба на Иницијативата за заедничко родителство по развод која заедно со Меѓаши е иницијатор на измените во законот за семејство кои ќе бидат разгледувани на собраниска комисија на 6.ноември, е заедничкото родителство да важи по сила на закон, независно дали родителите можат да постигнат меѓусебен договор

0
378

На 6.ноември (среда), Комисијата за труд и социјална политика свикува јавна расправа на тема:Предлог-законски измени за воведување на заедничко родителство по развод“ организирана во соработка со  Иницијативата за заедничко родителство по развод – „Иницијатива“ и Првата детска амбасада „Меѓаши“.

Ова е втора комисиска расправа на оваа тема, после онаа која се одржа во мај, минатата година, на барање на Иницијативата.

Нивниот предлог е наместо сегашниот застарен еднородителски систем со кој државата во голема мерка го исклучува едниот родител од животот на децата по разводот, да се воведе заедничко родителство по развод преку следните две главни промени:

Воведување одредба дека двајцата родители независно од брачниот статус остануваат еднакво одговорни за своите деца и заедно ги донесуваат главните одлуки кои се од интерес на детето (образование, здравство итн.)

Регулирање на видувањата на децата со родителот со кој не живеат (бидејќи на децата мора да им се определи една адреса на живеење) на следниот начин:
a) Воведување на право на минимум загарантирано време од 120 дена годишно за родителот со кој не живее детето.
б) Секаде каде што е можно (кога родителите живеат блиску и нема да се наруши нормалниот тек на активности на детето) да се воведе принципот 50-50, односно гледање на децата во еднакви временски интервали со двајцата родители, како принцип кој е научно докажан како најдобар за децата од разведени бракови.

Овие одредби треба да бидат почетна основа при донесувањето на одлуки за контакт на детето со родителите.

Исклучок од овие одредби би имало кога:

– Едниот родител не сака или не може да спроведува заедничко родителство

– Добиеното право на заедничко родителство не се користи од страна на едниот родител

– Детето е мало (до 2 годишна возраст) и билошки е поврзано со мајката. Во тој случај, заедничкото родителство би се воведувало постепено, додека детето не дојде на 5-6 годишна возраст.

– Едниот родител е докажано во судска пракса дека е неподобен (осуден за семејно насилство, зависник, душевно болен итн.)

Цврста заложба на Иницијативата е заедничкото родителство да важи по сила на закон,  односно независно дали родителите можат да постигнат меѓусебен договор (со помош на медијаторски центри или самостојно).  Какви и да се меѓусебните односи на родителите и нивната свесност, на децата од разведени бракови мора законски да им се гарантира избалансиран или еднаков контакт со родителите (освен во исклучителните случаи наведени погоре).

Фото: Unsplash

loading...