Јелена Холцер: Ве молам не ги спречувајте децата да плачат

Кога е тажна за нешто, нејзиниот татко ѝ вели дека само „бебињата плачат“, дека нејзините причини за плачење се глупави, дека поради плачење никој нема да сака да се дружи со неа

0
138

Основачот на Школата за родители, педагогот Јелена Холцер, објавила многу поучна приказна на својот профил. Зборуваме и пишуваме многу често за важноста да не ги ограничуваме децата во изразувањето на нивните емоции, но никогаш не сме успеале да го објасниме тоа на овој начин. Го пренесуваме текстот на Јелена во целост.

Знам дека на сите ни е доста од темнина и од тешки приказни. Затоа, се обидувам да го направам светло и весело она што го споделувам со вас. Но, не може секогаш да биде така. Зборувам со Лена (6 години). Знам дека е многу емотивна, но кога е тажна за нешто, нејзиниот татко ѝ вели дека само „бебињата плачат“, дека нејзините причини за плачење се глупави, дека поради плачење никој нема да сака да се дружи со неа… Затоа Лена научи да не покажува емоции и несвесно развила механизам дека нешто често ја боли. Јас ѝ велам:
– Мајка ти ми рече дека вчера повторно те болела главата.
– Да, многу ме болеше главата.
– и таа болка, ако имаше боја, која мислиш дека ќе беше? Која е првата боја на која се сеќаваш кога ќе помислиш колку те болела главата?
– црвена
– и дали таа црвена боја имаше некаква форма?
– изгледаше малку како слон само без сурла
– Добро. И, дали тој црвен слон имаше глас? Можеби ти кажа нешто?
– Да, од каде знаеш?
– Знам дека тие работи се секогаш зборливи. А што ти рече тој?
– нешто како дека треба да бидам силна и да го слушам… и како нешто да ме кара… и вика и здодевен е
– и каде точно се наоѓаше во твоето тело тој црвен слон што зборуваше со тебе?
– тој не беше внатре, во телото, туку тука, како да седеше овде (ми покажува на градите, дека ѝ седел на нејзините гради)
– Можеби не се сетив да те прашам сè, што според тебе е најинтересно за тој слон?
– Мислам тоа што е невидлив
Го прашав таткото на Лена, а ве прашувам и вас: како би ви било вам, на возрасните, наместо да плачете кога ви се плаче – да носите секаде со себе невидлив црвен слон кој ви седи на градите и ве кара? И, кога околината ќе забележи дека нешто не е во ред, наместо да признаете дека ви е тешко, мора да измислите дека имате главоболка? Зошто ви го кажувам сето ова? Ве молиме, не им забранувајте на децата да ги покажуваат своите емоции“.

Фото: Freepik

loading...