Ќе го памтиме ова време кога децата не смеат да се допрат, а ние не смееме да пружиме рака

Пред извесно време во Србија една наставничка била казнета бидејќи за време на одморот двајца ученици се поздравиле со оној младешки поздрав прифатен ширум светот, а познат како „Да пукне“ или „Дај ми пет“. Ако ова се оддолжи новите генерации за овој начин на поздравување, како и за ракувањето, ќе можат да слушнат само на часовите по историја. Дотогаш, на располагање се новокомпонираните поздрави со лакти и со нозе или само збунет, телешки поглед кој прашува: 'што сега'?!

0
119

Како и да е, казната која била 20 отсто од платата, во септември, октомври и во ноември, брзо ѝ ја надокнадиле колегите кои за само неколку часа на нејзината сметка уплатиле 39 илјади динари, што било повеќе од доволно за да се покрие трошокот за казната.

За ‘случката’ таа вели: „Учениците беа во дворот, носеа маски и држеа дистанца, но се случи двајца ученици од шесто одделение да си пријдат и да направат „ да пукне“. Јас ги опоменав да не се приближуваат, но тие не ме послушаа. Во тој момент наиде директорката и јас излегов виновна што дошло до физички контакт меѓу децата“.

Да не знае човек кого повеќе да жали, дали децата кои очигледно не можеле да се воздржат бидејќи биле среќни затоа што се гледаат, или наставничката која мора како сокол да ги демне сите тие деца во училишниот двор кои за време на одморот смеат да се гледаат само од 2 метри растојание. А замислете како е кај нас, како децата од прво, второ и трето одделение ќе го сфатат ова, дека не смеат да си го пипнат другарчето или не дај Боже, да го гушнат.

А можеби на помалите им е полесно, бидејќи, сметаат психолозите, се полесно прилагодливи. На пример, мене ми е многу тешко да се прилагодам на сето ова. Можеби затоа што ретко излегувам, па наспроти политичарите кои се секојдневно во контакт со луѓе па изгледаат како од раѓање да се поздравуваат со лактовите (впрочем ‘лактањето’ и онака најмногу им лежи), јас во оние ретки прилики кога ќе се сретнам со некого, по првичниот шок дека секој отскокнува два чекори наназад, станувам свесна за мојот благо телешки поглед кој како да вели: ‘што сега, да се лактаме, да се шутнеме со нога или како Кинезите, да си се поздравиме сами со себе (со левата ќе си ја стиснеш десната рака, вирусот си останува кај тебе, а бидејќи насмевката што патем ја упатуваш, поради маската не се ни гледа, може и благо да се поклониш). И така, додека јас се мислам, средбата веќе завршила.

Најстрашно е ако сте на погреб и наместо да се утешите цврсто стегајќи ги во прегратка најблиските на покојникот, вие само се потчукнувате со лактовите.

Како и да е, навиката да се поздравиш со некого ракувајќи се или пак, доколку е некој поблизок, прегрнувајќи се и бакнувајќи се во образ, е толку длабоко вкоренета, што барем во западната култура луѓето се збунети кога тој ритуален чин изостанува.

Најлесно им е на оние кои го почитуваат Исламот, па ракувањето и секој друг контакт со жените, и така не се вообичаени. Затоа, можеби периодов е најпаметно да си се забулам, ем нема да морам да носам маска и да правам стави-вади, туку ќе си бидам нон-стоп заштитена, ем нема никој од мене да очекува ниту ракување, ниту ногување, а најмалку гушкање и бакнување.

Инаку, популарна теорија за потеклото на ракувањето вели дека тоа почнало како гест на мирот. Држејќи се за рацете, луѓето покажувале дека не држеле оружје, а ракувањето било начин да се осигурат дека немаат ништо скриено во ракавот. Низ античкиот свет ракувањето се појавува на вазни, надгробни плочи и камени плочи во сцените на свадбите, додека боговите прават зделки, кога младите воини заминуваат во војна и за време на пристигнувањето на мртвите во задгробниот живот.

Во Америка голема е веројатноста ракувањето да било воведено од христијанската група „Куејкерс“ во 18 век. Во нивните напори да ги избегнат хиерархијата и социјалниот ранг, тие откриле дека ракувањето е подемократска форма на поздравување од дотогаш вообичаеното поклонување или вадење на капата.

И бакнувањето како поздрав има богата историја. Било вклучено во раното христијанство и користено во верски церемонии. Денес, брзиот бакнеж во образот, на француски познат како „ла бис“, е стандарден поздрав низ целиот свет. Се претпоставува дека зборот потекнува од Римјаните, кои имаат различен термин за секој вид бакнеж, а учтивата верзија на бакнежот ја нарекуваат „басиум“. Во Париз два бакнежи во образите е чест поздрав, а во некои делови од Франција често е и поздравувањето со три бакнежи. Поздравот со бакнежи на образите стана вообичаен и во други делови од светот, па и кај нас.

Се смета дека за време на чумата во 14 век „ла бис“ можеби престанал, но повторно заживеал 400 години подоцна, по Француската револуција. Во 2009 година „ла бис“ бил привремено паузиран поради свинскиот грип. На крајот од февруари францускиот министер за здравство ги советувал луѓето да не го користат овој поздрав поради зголемувањето на бројот на заразени со коронавирусот.

Во книгата „Не гледај, не допирај“ бихевиоралниот научник Вал Куртис од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина вели дека една можна причина за појавата на бакнувањето и ракувањето како форми на поздрав е луѓето да покажат дека имаат доволно доверба во другата личност.

Во истражување од 1929 година медицинската сестра Лејла Гивен напишала статија во американското списание „Нрсинг“ жалејќи за изгубените поздрави што не вклучувале допирање. Таа предупредила дека рацете се преносители на бактерии и ги наведува раните истражувања што покажуваат дека со ракувањето лесно се шират бактерии. Како заклучок, таа им порачала на Американците да го усвојат кинескиот обичај на ракување со сопствените раце.

„Барем нашите бактерии тогаш остануваат дома“, напишала таа.

Сега ни останува да се прилагодиме и кога сето ова ќе помине да ги потсетиме најмалите (кои лесно можат да заборават на ‘пред корона периодот’ кога родителите ги учеа да подадат некому рака) на старите добри начини на поздравување – со рака, прегратка, со бакнеж. Оти, замислете на што ќе личи поздравувањето на следните генерации во спротивно.

Ако состојбава со пандемијата многу се оддолжи новите генерации за старите начини на поздравување ќе можат да слушнат само на часовите по историја или да прочитаат на ‘гугл’. Дотогаш, на располагање се само новокомпонираните поздрави со лакти и со нозе кои навистина изгледаат толку грдо што дури и поздравот ‘Кај си бе брат’ проследен со широка прегратка, ми е поприфатлив од нив. Се разбира, кога ќе помине опасноста од коронава.

Како и дали се поздравувате вие периодов?

Фото: Pixabay

 

loading...