Дајте им на децата да редат сложувалки

Сложувалките се добри за развојот на детскиот мозок, затоа што го подобруваат логичкото мислење, ја подобруваат концентрацијата, визуелната перцепцијa, потпомогаат во подобрувањето на око-рака координацијата, помагаат во развој на говорот, и му помагаат на детето да ја развие способноста за решавање на одреден проблем. Но како да одберете соодветна сложувалка за вашето дете?

651

Голем дел од децата обожаваат да редат сложувалки. Тоа е добро затоа што редењето сложувалки има многу придобивки.

Сложувалките се добри за развојот на детскиот мозок, затоа што го подобруваат логичкото мислење, ја подобруваат концентрацијата, визуелната перцепцијa, потпомогаат во подобрувањето на око-рака координацијата, помагаат во развој на говорот, и му помагаат на детето да ја развие способноста за решавање на одреден проблем.

Кога се одбира соодветна сложувалка, потребно е да се запазат неколку параметри како што се возраста на детето, неговата интелектуална способност и манипулативната спретност.

Возраста на детето, треба да ни покаже каква сложувалка треба да одбереме.

Секое дете, кое е над двеиполгодишна возраст, би било способно да нареди сложувалка, доколку таа е соодветно одбрана. На оваа возраст децата можат да спојат една слика, која е поделена на два дела. Откако детето ќе почне да ги реди сѐ побрзо сложувалките, тогаш се преминува на сложувалки кои се составени од повеќе делови. Најдобро е да се одбере сложувалка со некое животно, овошје, зеленчук, деца, играчки, омилени ликови од цртаните. Тие сложувалки не треба да бидат натрупани со многу детали.

Во однос на интелектуалната способност, некои децата се слаби во ориентација и создавање на претстави, па можеби некое дете ќе има потешкотија при составување на сложувалката и некои од деловите може да ги става наопаку или на несоодветно место. Сето ова се подобрува преку повторување на активностите, но доколку се јави овој проблем почнете со редење на сложувалки кои имаат помалку делови и самите делчиња се поедноставно исечени.

Според манипулативната спретност, треба да се внимава на материјалот од кој е изработена сложувалката. Со помали деца, материјалот треба да е погруб за лесно да можат да го држат во рака. Такви се на пример дрвените сложувалки.

Ова е исто така многу важен параметар, затоа што доколку на детето му е тешко да манипулира со деловите од сложувалката, лесно ќе се исфрустрира и може понатаму да се јави одбивност за редење на сложувалка. Како детето расте и се развива може да се редат сложувалки кои се изработени од картон.

Елена Трајческа дипл. Специјален едукатор и рехабилитатор, Интеракција Плус, Скопје

Повеќе