Еве кој спорт да го одберете за детето, во зависност од неговата возраст

Децата можат да покажат природни склоности за одредени спортски активности, но неопходно е да се води сметка и за нивната возраст, зрелост и способности

698

Септември е традиционално месец на нови почетоци. Децата одат во градинка, започнува училиштето, а покрај тоа неопходно е да се избере и некоја активност. Родителите најчесто избираат спорт, но можеби не знаат каков тип на физичка активност е најсоодветна за нивното дете.

Децата можат да покажат природни склоности за одредени спортски активности, но неопходно е да се води сметка и за нивната возраст, зрелост и способности.

Деца од две до пет години
Малите деца во оваа возрасна група почнуваат да ги совладуваат основните движења, но тие се премногу мали за повеќето организирани спортови. Малите деца кои учествуваат во организирани спортови обично не стекнуваат никаква долгорочна предност во однос на идните спортски перформанси, наведуваат од клиниката Мајо.

За деца од оваа возрасна група, неструктурираната слободна игра е обично најдобриот избор. Тоа може да вклучува скокање, фрлање и фаќање, пливање, возење велосипед или трицикл, качување по справи во детските паркови.

Деца од шест до девет години
Како што стареат децата, нивната визија, распон на внимание, моторна координација и вештини, како што се фрлање на далечина, се подобруваат. Исто така, тие се поспособни да ги следат упатствата. Затоа, фудбал, бејзбол, трчање, гимнастика, пливање, тенис, боречки вештини, танцување, прескокнување јаже, пешачење, скијање, возење ролери или лизгање се сметаат за соодветни за оваа возрасна група.

Тренингот за сила може да започне со деца над седумгодишна возраст, но мора внимателно да се следи. Фокусот треба да биде на правилната техника и движењата.

Деца од десет до 12 години
На оваа возраст, повеќето деца имаат зрела визија и способност да ги разберат спортските стратегии. Тие обично се способни да играат сложени спортови, како што се фудбал, кошарка, хокеј и одбојка. Имајте на ум дека скоковите на растот предизвикан од пубертетот може привремено да влијае на координацијата и рамнотежата на детето.

Во кој спорт и да учествува вашето дете, осигурајте се дека има правилни техники и движења.

Контактни спортови
Пред да му дозволите на вашето дете да се занимава со контактни спортови, размислете за неговата возраст, зрелост и големина. Дали физичкиот контакт, агресијата и конкуренцијата се развојно соодветни за вашето дете? Дали ќе ужива?

Бидејќи децата влегуваат во пубертет на различни возрасти, може да има драматични физички разлики меѓу децата од ист пол – особено кај момчињата. Децата кои се натпреваруваат со други физички позрели може да бидат изложени на зголемен ризик од повреди.

Запрашајте се
Кога размислувате за спортот за вашето дете, поставете си неколку важни прашања: Колку детето ќе ужива во активноста, дали спортот го нагласува развојот на вештини соодветни за возраста и како да му помогнете на вашето дете да истражува различни можности и различни активности.

Совет од експерти е да се избегне рана специјализација во еден спорт. Фокусирањето на еден спорт може да го спречи вашето дете да ги тестира своите вештини и да доживее други забавни спортови. Спортската специјализација, исто така, може да доведе до стрес и исцрпеност.

Повеќе