10 СОВЕТИ ЗА ПРИВИКНУВАЊЕ НА НОКШИР

0
1770

Неизбежно е во текот на првата година од животот на бебето да се постави прашањето за употребата на нокшир и за ослободувањето од пелени. Меѓутоа, кога за родителите одвикнувањето од пелени станува најважна работа на светот, тоа е нивна најголема грешка. Седнувањето на децата на нокшир во вистински момент станува мисија на целото домаќинство и почнува трета светска војна. Еве неколку корисни совети за родителите оваа битка да ја претворат во релаксирана заедничка активност:

1. НЕ КРИЈТЕ ЈА СОДРЖИНАТА ОД ПЕЛЕНИТЕ ОД ДЕТЕТО

Грозно е, да. Но, ако вашето дете не види што излегува од него и колку тоа е нечисто, како ќе сфати дека не треба да го има тоа на својата кожа, односно на задникот. Тоа не значи дека валканата пелена треба да му ја ставите на детето под нос. Едноставно ставете ја пелената на некое видливо место, но да не е на дофат на љубопитните рачиња.

2. НИКОГАШ НЕ ОСТАВАЈТЕ ГО ДА СЕДИ СО ПОЛНА ПЕЛЕНА

Под тоа се мисли и на мокра пелена (од урина) и на полна со измет. Ако вашето дете се навикне да функционира со мокри пелени, потешко ќе развие аверзија кон тоа чувство на својата кожа. Од најраната доба детето треба да го навикнувате дека тоа не е пожелно и дека подобро ќе се чувствува во суви пелени.

3. РАЗГОВАРАЈТЕ ЗА СОДРЖИНАТА НА ПЕЛЕНИТЕ

Повторно доаѓаме до гнасниот дел, но многу е важно детето да ја научи разликата меѓу мокро и какано. Конечно, во еден момент вашето дете ќе мора да ја сфати разликата. Ако пелената е само мокра, кажете: „Гледај, изгледа имаме само мокра пелена“ и оставете ја за детето да може да ја види содржината. Истото повторете го и со покаканата пелена.

4. НЕ ПРАВЕТЕ МИСТЕРИЈА ОД БАЊАТА

Кога користите тоалет, објаснете му на детето зошто одите таму и што правите.

5. ВКЛУЧЕТЕ ГО ДЕТЕТО ВО ЧИСТЕЊЕТО

Кога ќе завршите со повивањето, дајте му ја на детето старата пелена в раце (нормално, ако не е премногу валкана) и дозволете му самото да ја фрли. Потоа заедно појдете во бањата и измијте ги рацете.

6. НОСЕТЕ ГО НА МЕСТА КАДЕ ШТО МОЖЕ ДА ВИДИ ТОАЛЕТНА ШКОЛКА ИЛИ НОКШИР

Правете го тоа дури и кога тоа значи да играте пред вратата од бањата. Важно е да ја гледа бањата. По некое време тоа самото ќе посака да седне на школката. Дозволете му да помине низ целата процедура на вршење нужда без оглед дали навистина ќе го направи тоа.

7. ЗБОРУВАЈТЕ МУ ЗА ЧУВСТВОТО ВО СТОМАКОТ

Од очигледни причини ќе ви биде тешко да го фатите вистинскиот момент кога вашето дете моча. Но, би требало лесно да го фатите моментот по какањето. Разговарајте со детето за чувството во стомакот, дали е напнат, боли ли. По некое време детето ќе ја сфати разликата за чувството од пред и по вршењето нужда.

8. НЕ ПРЕТПОСТАВУВАЈТЕ ДЕКА Е СПРЕМНО ПО САМО НЕКОЛКУ ПАТИ НУЖДА ВО НОКШИР

Не заборавајте дека одењето во тоалет значи дека детето прекинува со тоа што го правело дотогаш. На некои родители тоа не име по волја. Понекогаш и се лутат затоа што времето во бања се продолжило. Не заборавајте дека вашето дете морало да престане со играта или да се одрече од драгоцената играчка за да биде во тоалетот без играчки. Мора да размислувате како дете. Ќе треба многу практика пред детето да прифати дека тие две минути на нокширот не траат вечно и дека тоа што го правело до одењето во тоалет не е најважната мисија на светот.

9. ВНИМАВАЈТЕ НА НЕУСПЕХ

Секогаш како родител обидете се да му создавате на детето ситуации во кои ќе успева. Одлуката да однесете девојче во парк без пелени и не е добра идеја. Таа може да се занесе во играта и да се измочка во гаќи.

10. ПОЧЕКАЈТЕ САМОТО ДА ПРАША ЗА ТОАЛЕТ

Вашето дете само ќе одлучи кога ќе биде подготвено да се одвикне од пелените. Почекајте до тој момент и не оптоварувајте се мислејќи на другите деца што веќе успеале. По некој период неизбежно е пелените да станат минато и еден ден тоа ќе ви изгледа далечно како првата година од животот на бебето.

И уште една важна работа мора да запомнат родителите што го оставаат детето на чување. Успехот, веројатно, ќе биде ист ако детето се одвикнува од пелени дома или на друго место. Обично децата почнуваат со одвикнување дома. Не затоа што дадилката или негувателката лошо ја врши работата, туку затоа што детето со друга личност нема многу време да мисли на нокширот бидејќи се забавува. Дајте му на детето слобода во тој поглед. Пред сe, запомнете дека носењето пелени е дел од животот на детето, но тие моменти наскоро ќе исчезнат. Многу брзо ќе се запрашате како пораснатото дете се нашло во вашиот дом и што се случило со малото бебе. Време е да се отпуштите и да почнете да ги цените малите моменти од животот што ги делите.

loading...