Подгответе го детето за доживотно учење

Возрасниот мора да биде подготвен и способен за доживотно учење, како и овој бенефит да го пренесе на младите генерации.

0
705

Најважниот начин на остварување на националните цели на образованието на светско ниво се состои од примена на концептот на доживотното учење и развој во современото општество. Тоа се концепти кои се разработени во 70.-80. години од минатиот век во меѓународните организации кои се занимаваат со образовната политика, а во 90-те години се актуелизираат поради брзите општествени, технолошки и структурни промени во општествата и потребата од квалитетен кадар.

Современата доктрина на самообразование или како што денес се нарекува доживотно учење (lifelong learning) ги опфаќа и поврзува сите облици на организирано и неорганизирано (спонтано или природно) образование. Бидејќи образованието може да се стекне преку различни начини на учење, потребно е тие да бидат оптимално комбинирани. Тоа се постигнува со самоуправувано учење (selfdirected learning), кое не е нов облик на учење, туку се состои во тоа поединецот сам да одлучува кои облици на организирано учење ќе ги вклучи во текот на своето образование и на кој начин ќе ги комбинира.

Со самоуправуваното учење се вмрежуваат формалното и неформалното образование и така се подобрува нивната синергичност. Доживотното учење подразбира стекнување и осовременување на сите видови способности, интереси, знаења и квалификации од предучилишната возраст. Потенцирање на развојот на знаењата и способностите кои ќе овозможат прилагодување на општеството и активно учество во сите сфери на општествениот и економскиот живот, така што на тој начин може да се влијае на сопствената иднина.

Европа веќе долго време ја реализира својата идеја „Нова Европа“, „Европа на иднината“. Учењето во текот на целиот живот не е само облик на образование, туку мора да стане водечки елемент во контекст на усвојување на знаењата.

Возрасниот мора да биде подготвен и способен за доживотно учење, како и овој бенефит да го пренесе на младите генерации. Во предучилишниот период треба да се настојува да се гради и развива културата за доживотно учење кај малите деца. Децата треба да бидат поттикнати непрестано да трагаат по информации, да го развиваат интересот за нови нешта, да ги надоградуваат своите знаења и да ги применуваат во безброј различни ситуации креирајќи нови. Возрасниот на децата им ги отвора портите кон непознатото, ги охрабрува да не се откажуваат од потрагата на одговорите. Тој со својот личен пример и со креирање одредени стратегии ја развива оваа животна култура.

Оттука се потврдува актуелноста, значајноста и нужноста за имплементирање на културата за доживотно учење во секојдневниот живот и образовната стратегија уште во предучилишниот период. Тоа значи дека предучилишното воспитание и образование добиваат една нова европска димензија која дава јасна перспектива за доживотното учење како образовна стратегија.

м-р Соња Чаловска, педагог, директорка на градинка „Спирит“, Скопје

spirit

loading...