Финска не ги укинува класичните предмети, еве што ќе се случи

Она што им треба на младите Финци е поинтегрирано знаење и вештини за вистинските прашања во светот.

0
788

Деновиве медиумите пишуваа дека Финска ќе ги затвори класичните училишта и ќе ги укине предметите. Но, што од тоа е вистина?

Финскиот едукатор и наставник Паси Салберг, еден од водечките реформатори на училиштата и едукативните практики, визитинг професор во основното училиште за едукација во Харвард, објаснува што точно ќе се случи во Финска.

Тој е автор на книгата „Фински лекции: што може светот да научи од едукативните промени во Финска“, објавена во 2011 година. Еве што напиша тој:

„Финска планира да ги замени предметите како што се историја или англиски со пошироки ‘теми’ како дел од големата едукативна реформа. И покрај реформите, финските училишта ќе продолжат да предаваат математика, историја, уметност, музика и други предмети и во иднина.

Но, со новата основна реформа сите деца ќе учат преку пошироки теми, како на пример Европска унија, заедница, климатски промени или 100 години од независноста на Финска, преку мултидисциплинарни модули за јазиците, географијата, науката и економијата.

Важно е да се напоменат две основни особености на финскиот образовен систем за да се види вистинската слика. Прво, образовните власти се високо децентрализирани, тие им даваат значителна слобода на 320-те општини за да го уредат образованието според локалните услови. Властите издаваат закони и даваат рамки за тоа што треба да се предава во училиштата и како.

Второ, системот им овозможува на наставниците слобода да ги откријат најдобрите начини за добра настава за сите деца. Затоа, наставата варира од едно до друго училиште и најчесто е прилагодена на локалните потреби и ситуации.

Учење засновано на феномени

Следната голема реформа во Финска е новата Национална рамка за наставен план. Овој документ ги поставува целите на образованието, опишува принципи на учење и предавање, донесува водичи за специјална едукација, добросостојба, сервиси за поддршка и проценка на учениците. Концептот на учењето базирано на феномени е чекор понапред од предметите и чекор кон интердисциплинарни теми.

Интеграцијата на предметите и холистичкиот пристап кон предавањето и учењето не се нови во Финска. Од 1980 година финските училишта имаа експеримент со овој пристап и оттогаш ова е дел од културата на предавање во многу училишта во Финска. Оваа нова реформа ќе донесе промени за предметните наставници во средните училишта, кои повеќе работеле на нивните предмети отколку заедно со децата.

Училиштата ги избираат програмите

Според новините од оваа учебна година, основните училишта во кои учат деца од 7 до 16 години мора да имаат најмалку еден продолжен период од мултидисциплинарна настава и настава базирана на појави во нивната наставна програма. Колку ќе трае тој период треба да решат самите училишта.

Финските едукатори сметаат дека училиштата попрво треба да ги научат младите луѓе на тоа што ќе им биде потребно во животот отколку да добиваат највисоки оценки на тестовите. Она што им треба на младите Финци е поинтегрирано знаење и вештини за вистинските прашања во светот. Самите ученици се вклучени во креирање на наставата.

loading...