3 важни причини зошто на бебињата не им треба дубак

Освен што ќе има една работа помалку на која ќе потрошите пари, постојат и други важни причини зошто би требало да ја отфрлите одлуката да купите дубак за вашето бебе. Дали вие користевте или користите дубак за вашето дете?

0
125

Кога син ми беше малечок, речиси сите деца се ставаа во дубаци. Ние дома често го остававме син ми во оградичката во која имаше играчки и знаевме дека е таму безбеден додека ние да завршиме некоја работа. Понекогаш, во убавите денови, ја вадевме оградичката во дворот, а јас го ѕиркав низ прозорецот. Токму така тој ја имаше и првата блиска средба со маалскиот љубимец, песот Белка. Еден ден додека му подготвував јадење во кујната, ги здогледав низ прозорецот како се лижат меѓусебно. Беше тоа љубов на прв поглед, меѓу син ми и животните, па до ден денес е голем љубител на сите животни, дури и на гаврани и змии. Но темата на овој текст не е тоа, туку употребата на дубаци. Ние никогаш не стасавме ниту до ползење, ниту до седење и одење во дубак. Еден ден тој самиот се исправи на нозе и почна да претрчува од едниот до другиот крај на оградичката. Имаше само нешто повеќе од 9 месеци. Затоа и секогаш и на сите им ги препорачував оградичките. Не е дека децата постојано ќе сакаат да седат во нив, и не е тоа поентата, поентата е кога ќе ги оставите таму да поседат додека вие да им направите јадење или за да се напиете едно кафе на раат, ќе знаете дека се безбедни. Дубаците никогаш не ми изгледале како добро решение.

Сега, се повеќе, здравствените работници и експерти за безбедност не ги препорачуваат дубаците од следниве причини:

1. Дубакот нема да му помогне на вашето бебе да научи да оди

Дубакот не е многу корисен кога станува збор за учење на одењето. И не само тоа, туку можат да имаат сосема спротивен ефект. „Истражувањата покажаа дека бебињата кои користат дубаци – научуваат да одат околу еден месец подоцна од оние бебиња кои не користат дубаци“, објаснува педијатарот Дејвид Гелер, додавајќи дека бебињата учат да одатна тој начин што гледаат и сфаќаат како се движат нозете и стапалата”.

Ако дубакот напред има послужавник, бебето не може да види што се случува со долниот дел од телото и не може да ги добие потребните информации за својот моторен развој“.

2. Дубаците можат да го забават развојот

„Многу родители сметаат дека дубаците ќе им помогнат на нивните деца да научат да одат. Всушност, тие ќе го забават развојот на детето и ќе го одложат времето кога детето ќе почне да оди”, смета Американската академија за педијатрија. Пред да научат да одат, бебињата учат како да се тркалаат, да лазат и да си играат на подот. Ставањето на бебето во дубак пред да биде физички подготвено, може да го отежни и да го одложи одењето.

„Бебињата кои користат дубаци учат да ползат, да стојат и да одат подоцна отколку што би било инаку и покажуваат одложен развој на моториката со месеци откако ќе научат да одат“, објаснува педијатарот Алан Грин.
Зошто? Бидејќи на овој начин децата ги прескокнуваат клучните чекори во учењето да одат како што е тоа самостојното исправање. Со дубакот тие не треба да го прават ова за да се движат. Исто така, д-р. Грин додава дека, со оглед на тоа што дубаците им го олеснуваат движењето на бебињата низ собата – тие можат да ја намалат желбата на детето да оди.

3. Дубаците можат да предизвикаат и сериозни несреќи

Уште во 2004. година, Канада забрани продажба и купување на дубаци поради голем број несреќи во кои се вклучени бебиња на возраст од 5 до 14 месеци. Несреќите се една од најважните причини зошто здравствените организации не препорачуваат дубаци за бебињата, а се повеќе земји бараат ваква забрана.

„Детските дубаци се опасни затоа што им даваат на бебињата дополнителна брзина, дополнителна висина и пристап до многу опасности“, вели педијатарот Џеј Хокер. Повеќето повреди и несреќи се случуваат кога дубакот ќе се преврти, ќе падне по скали или ќе се судри во мебел или во печка.

Уште поопасно е кога родителот ќе го остави детето да управува само со дубакот без нивен надзор, но д-р Гелер истакнува дека дури и присуството на родителите не е гаранција за спречување на повредите. Имено, една студија објавена во списанието „Pediatrics“ покажала дека 78 проценти од детските несреќи со дубаците се случуваат во присуство на возрасните.
„Детето во дубак може да се движи над 90 см за една секунда, па дури и возрасните не можат да реагираат толку брзо“, смета Американската академија за педијатрија.

Што да направите наместо да користите дубак? Бебињата учат како да одат кога вежбаат самостојно. И, она што веќе го имате во вашиот дом, во секој случај обезбедува доволно основи за тренирање. „Дури и мебелот во домот е доволен за да ги охрабри децата да одат. Додека децата истражуваат и кружат од масата во дневната соба до каучот па до столот, тие учат како да одат сами. Само проверете дали е безбедна околината, а потоа оставете ги децата да го одработат својот дел“, објаснува педијатарот и автор на неколку бестселери, др. Џери Браун.

Ако сакате дубак во вашиот дом како играчка за вашето дете, размислете за тоа наместо дубак да му купите оградичка каде вашето бебе има безбедно место за седење, ползење и станување.

loading...