Библиотека на тркала

Кампањата на Фондацијата „Чекор по чекор“ има за цел да донесе ресурси за читање и учење во оддалечените, рурални места и училишта каде нема јавни библиотеки во близина.

0
58

„Библиотеката на тркала“ на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ ќе се придружи на 3 локации кои организацијата МакеДокс ова лето ги посетува со патувачкото кино во областа Порече околу Македонски Брод и тоа: на 20 јули во село Требино, 23 јули во село Брест и 25 јули во село Манастирец.  На сите овие локации, активностите за најмладите со „Библиотеката на тркала“ почнуваат во 18 часот, додека проекциите на документарни филмови под отворено небо, организирани од Македокс, започнуваат во 21 часот. Активностите се отворени и бесплатни за сите жители од регионот на Порече, но и за сите посетители и авантуристи кои сакаат да уживаат во прекрасните предели на Порече со културни и едукативни активности за сите генерации.

Целта на патувачкото кино на Македокс кое се организира од 2011 наваму е да се децентрализира фестивалот на документарни филмови кои традиционално го организираат на есен во Скопје. Патувачкото кино секое лето посетува различни региони од државата и нуди дел од документарните приказни на МакеДокс и во рурални средини во земјава.

Причината поради која Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ ја создаде „Библиотеката на тркала“ е идентична – да донесе ресурси за читање и учење во оддалечените, рурални места и училишта каде нема јавни иблиотеки во близина. Таа претставува специјално пренаменето возило полно сликовници, детски енциклопедии и математички активности за најмладите ученици. Од 2014 година, „Библиотеката на тркала“ има посетено 200 различни  локации во државата, а во активностите се вклучиле над 18000 учесници.

Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ што го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ – Македонија, има за цел да ја процени и подобри јазична и математичка писменост во почетните одделенија. Проектот се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука и сите основни училишта во Република Македонија.

 

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here