Биди фер – за детство без пречки!

0
80

Кампањата Биди фер – за детство без пречки која денеска беше претставена во Музејот за современи уметности се спроведува како дел од регионалниот проект „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и во Турција“, финансиран од ЕУ и кофинансиран од УНИЦЕФ.

Целта на кампањата е да ја мобилизира јавната свест и да обезбеди широка поддршка за правата и вклучувањето на децата со попреченост кои поради пречките во средината, општеството и ставовите, не можат да учествуваат во општеството на рамноправна основа со другите деца.

Целта на кампањата е да се подигне свеста за социјалниот модел на попреченост дефиниран во Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост.

Во рамките на претставувањето, децата со попреченост се дружеа со присутните и во соработка со центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ кој го подготви коктелот, ги послужуваа гостите.

Кампањата е во насока на поттикнување на јавноста да се идентификува со бариерите на кои секојдневно наидуваат децата со попреченост и опфаќа:

Видео-снимка со скриена камера во која се доловува како луѓето реагираат кога ги услужува аптекарски помошник што има Даунов синдром –  посочувајќи дека Даунововиот синдром не ги спречува младите да го остварат својот потенцијал – но, ставовите и однесувањето на луѓето може да бидат или охрабрувачки, или да претставуваат пречка.

Неколку видеа во кои се истражуваат предизвиците на движење низ градот кога се користи количка, истакнувајќи како физичките бариери може да го спречат детето да учествува.

Трет експеримент, каде на деца со и без попреченост им се дава можност да ја покажат способноста за играње „голбол“ – параолимписка дисциплина која ја играат спортисти со оштетен вид – покажувајќи како адаптираните средини го олеснуваат учеството.

Како дел од кампањата, изработена е и нова апликација за мобилни телефони, „Без пречки“, со цел да се информира и да се вклучи јавноста во мапирање на примерите за пристапност во земјата. Таа е достапна за корисниците на Ајфон или Aндроид и дава осврт на пристапни згради, пешачки патеки и премини, пристапен јавен транспорт, паркинг, детски игралишта и тоалети, пристапност и еднаков третман за лицата со оштетен слух.

Освен прикажувањето на видеата во националните медиуми, вклучувањето на социјалните медиуми и онлајн-часовите по знаковен јазик, насловната страница на дневниот весник „Вест“ денеска беше испечатена со Брајово писмо, а на сличен начин ова прашање ќе биде нагласено и во вестите на одредени телевизии.

На претставувањето на кампањата официјални обраќања имаа министерот за труд и социјала, Ибрахим Ибрахими, Никола Бертолини, раководител на Одделот за соработка при Делегацијата на ЕУ и Елспет Ериксон, заменик-претставник на УНИЦЕФ.

 

loading...