Да ускратуваш родител на дете е злосторство

Ниту сум насилник, ниту душевно болен, ниту имам било каква друга карактеристика која би ме направила лош родител или опасен за детето, а добив само 2 часа месечно со син ми и тоа во една иста игротека, без можност да се изнесе детето од игротеката, вели Петар Наумовски

0
2828

Петар Наумовски е инженер-конструктор во развојниот оддел на познати фирми од автомобилската индустрија во Германија кој по 10-годишно студирање и работа во странство во 2010.година се вратил во Македонија и се вработил како асистент на еден од приватните универзитети во областа на индустриското инженерство. Тука се запознал со сега веќе поранешната сопруга со која откако стапиле во брак заминале заедно во Германија кадешто и се родило нивното синче. Откако станало очигледно дека за детето е подобро да израсне со двајца родители кои не живеат заедно, отколку во конфликтна средина, сопружниците се развеле. Денеска Петар со своето сега 4-годишно дете се гледа само по 2 часа во месецот, секогаш во една иста игротека од која не смеат да излезат.

Вели дека иако неговата болка поради неможноста да остварува нормален контакт со своето дете е голема, многу повеќе го боли за детето.

„При секоја разделба е тажен бидејќи само што сме се сретнале, треба да се разделиме. Во 2 часа треба да се изнагушкаме, да се изнаиграме, да ми каже што знае и да праша нешто што го интересира.  Секој што има дете може да каже дали 2 часа се доволни за сето ова.  Како капак на се, детето секогаш ме моли да одиме да шетаме заедно, а јас треба да измислувам изговори зошто не смееме да излеземе од игротеката“, вели Петар.

Тој е член на Иницијативата за заедничко и одговорно родителство после развод и неодамна несакајќи стана причина за разгорување на страстите во врска со проблемите околу родителствувањето помеѓу Иницијативата во која членува и здружението „Една може“. За „Мајка и дете“ Петар ја раскажа својата приказна и големата болка која ја носи во себе поради тоа што му е скратено правото да биде со неговото дете.

Петар, неодамна здружението Една може отпочна „војна“ со Иницијативата за заедничко и одговорно родителство после развод, чиј член сте и вие, а се почна од сликите кои вие ги објавивте на ФБ страната на Иницијативата. Можете ли да ни кажете какви беа тие слики, што содржеа и зошто од страна на мајките од „Една може“ беа оценети како дискриминирачки?

Tие илустрации всушност покажуваа дека детето треба да е на прво место и дека потребите на децата треба да се третираат пред потребите на возрасните. Во повеќето илустрации се нагласува дека конфликтите на возрасните се штетни за децата и за тоа родителите треба да ги прекинат сите несогласувања и да му овозможат на детето да има безгрижно детство исполнето со среќа и насмевки, односно да ја поддржат нашата иницијатива  и сите заедно да работиме конструктивно за децата.

Навистина некои од сликите беа провокативни со цел да се прикаже со какви ситуации се судираме ние и нашите деца во сегашниот систем. Сепак, некои илустрации ми се провлекле со несоодветна терминологија што им даде можност на противниците на Заедничкото и одговорно родителство по развод да се обидат да ја извртат смислата на нашата Иницијатива, во смисол дека истата е дискриминирачка, против жените, против самохраните мајки итн. Гледајќи ги реакциите, особено откако поединци злонамерно ја наведоа јавноста како да ги толкува сликите, сфатив дека дел од јавноста можно е и да поверува во таквите извртени толкувања и со тоа да се дискредитираат сите хумани заложби и досегашни постигнувања на нашата Иницијатива. Затоа, почувствував одговорност и се извинив.

Тука треба да нагласам дека особено ме изненади и вознемири обидот да се направи хајка против нашата Иницијатива врз база на извртеното толкување на моите илустрации, занемарувајќи ги нашите реални заложби. Па така,  илустрации кои ние ги имавме отстрането од нашата група, некои дури и пред подолго време, некој ги имал зачувано со цел да ги презентира сега, обидувајќи се да ја сврти јавноста против нашата Иницијатива.

За среќа, гледајќи ја реакцијата на јавноста особено во текот на последниве неколку дена, гледаме дека всушност обидот за негативна реклама нас ни донесе позитивни поени и зголемен интерес за оваа проблематика.

По вашето јавно извинување до мајките, имаше ли некакви реакции од нив, дали тие го прифатија вашето објаснување?

Да, реакциите беа претежно позитивни и кон мене и кон Иницијативата. После објавата на мојот напис ми пристапија многу мајки и жени, сочувствувајќи со мене и воедно прифакајќи го моето извинување и дообјаснување.

Разбрав дека вашата поранешна сопруга е членка на Една може…Станува ли збор за лична „војна“ помеѓу вас двајцата?

Зборот војна е страшен збор, во зборот војна и победниците се поразени. Ова е термин кој не сакам да го слушнам никогаш, а најмалку кога оружјето и потенцијалната жртва е моето дете. Освен тоа, ние од разводот со поранешната сопруга до сега контактираме многу ретко а со тоа и можностите за конфликти и тензии изразито се редуцираат.

Секако дека и двајцата не засега времето кое ќе го поминуваме со детето, но никако нема да дозволам нашите лични проблеми да ги решаваме преку нашите иницијативи и организации кои се борат за системски решенија кои засегаат голема група на деца, а не само нашето дете.

Кажете ни ја вашата приказна, колку долго сте разведен, како дојде до тоа да биде донесена ваква одлука, да го гледате своето дете само 2 часа во месецот? Врз основа на што е донесена и како вие реагиравте и реагирате на тоа? Многумина за вакви одлуки коментираат дека сигурно имаат некоја основа, што мислите вие, има ли основа за ваква одлука во вашиот случај?

Јас после 10-годишно студирање и работење во странство решив да се вратам во сопствената држава. Така, во 2010 се вратив во Македонија кадешто работев како асистент на еден од приватните универзитети во областа на индустриско инженерство. Тука се запознавме со мајката на моето дете, решивме да склучиме брак и откако ги завршивме сите законски формалности,  заедно заминавме во Германија каде што и се роди моето дете. Сепак, нашиот заеднички живот не беше според позитивните очекувања кои секој ги има кога склучува брак.  Се повеќе стануваше очигледно дека за детето е подобро да израсне со двајца родители кои не живеат заедно, отколку во конфликтна средина ако продолжеше заедничкиот живот.

После завршувањето на бракоразводната постапка, најпрво почнавме со спогодба во соработка со Центарот за социјални работи (ЦСР) Скопје каде спогодбено ги одредивме термините и динамиката на видувања на детето со мене. За жал, поради непочитување на спогодбата од страна на мајката, и поради фактот што ЦСР не постапува по прекршување на спогодба, туку само по прекршување на решение, после само неколку месеци моравме да поминеме на решение за видување.

Решението од старт беше шокатно за мене – само 2 часа месечно со син ми и тоа во една иста игротека, без можност да се изнесе детето од игротеката. Веднаш почнав да поставувам прашања, да вложувам жалби и да барам измена на решението, но за жал сите институции само го потврдуваа ваквото небулозно решение на ЦСР, и тоа без посебно образложение.

Она што е погубно во мојот случај (а гледам дека има и многу исти или слични случаи) е што решението за видување е истото сега, кога детето има 4 години, како и кога беше бебе. И покрај многуте барања кои ги имам поднесено до ЦСР, не можам никако да добијам проширување на видувањата, без конретно образложение зошто е тоа така.

Нагласувам дека ниту сум насилник, ниту душевно болен, ниту имам било каква друга карактеристика која би ме направила лош родител или опасен за детето. Сепак, ЦСР не се должни да даваат било какви образложенија на своите одлуки и единствено гледам дека засега успешно си ја префрлаат вината со мајката за тоа зошто на детето му е ускратен другиот родител. Веројатно прашањето зошто се уште го гледам мојот син само два часа месечно треба да се постави во ЦСР.

Мора да нагласам дека иако мојата болка поради неможноста да остварувам нормален контакт со моето дете е голема, многу повеќе ме боли за детето. При секоја разделба е тажен бидејќи само што сме се сретнале, треба да се разделиме. Во 2 часа треба да се изнагушкаме, да се изнаиграме, да ми каже што знае и да праша нешто што го интересира.  Секој што има дете може да каже дали 2 часа се доволни за сето ова.  Како капак на се, детето секогаш ме моли да одиме да шетаме заедно, а јас треба да измислувам изговори зошто не смееме да излеземе од игротеката.

Затоа јас периодично на неколку месеци ќе продолжам да поднесувам барања до ЦСР со молба од името на детето да го остават подолго со мене, конечно да можам да го однесам кај мене, да го заспивам и да го будам, да си игра со мене без да гледаме на саатот. Тоа е за него, не е за мене или за друг, секогаш ги молам да се сожалат врз детето.

Според мене, да ускратуваш родител на дете е злосторство и морате да имате цврсти докази за да го направите тоа. Па сепак, ваквиот тип на институционално злосторство кај нас е доста чест.

Затоа и сум дел од Иницијативата за заедничко родителство. Доста ни беше да слушаме алиби и оправдувања за нерезонски слабите видувања со едниот родител, време е сите институции да се активираат и да соработуваат меѓусебно корегирајќи се да ги спречат овие злоупотреби. Наместо да се користи креативноста да се измислуваат изговори зошто деца не можат да бидат со своите родители,  истата таа креативност треба да се искористи во насока на поддршка на сите разведени родители кои побарале помош од нив. Предлогот за заедничко и одговорно родителство по развод е првиот нужен чекор кон таа цел.

Каков е вашиот однос со детето, дали чувствувате дека вашето дете се оддалечува од вас поради тоа што ретко ве гледа, дали сте имале можност да поминете со него викенд, одмор или слично?

Досега не сум поминал ниту викенд, ниту одмор со него, ниту некогаш син ми преспал кај мене. Не би сакал никој да го искуси тоа чувство на немоќ кога сакаш и можеш да бидеш со своето дете, а си спречен  од другиот родител и институциите без некоја посебна причина.

Еве да илустрирам колку ова што се случува е во „интерес на детето“. Бидејки и син ми како и јас има проблем со крајниците,  јас сакам да си го земам со мене на море барем два пати во годината, еднаш на лето и еднаш на зима. За жал, неговата мајка се спротивставува на тоа, па ЦСР следствено не дозволува да го однесам детето било каде.

И покрај сето ова, и покрај тоа што детето ме гледа толку малку и ретко, тој уште од кога беше бебе ме препознаваше и секогаш се гушкаше во мене. Исто е и сега. Природата е голема работа и никој не може против неа.

Опасноста од одалечување на детето од мене, при ваков режим на видување, е голема. Сепак, досега не сум воочил дека детето е оддалечено од мене и би сакал пред се за негово добро, тоа никогаш да не се случи. За цел живот, детето ќе има само една мајка и само мене како татко и треба да знае дека сме му на располагање секогаш кога ќе има потреба од нас низ животот.

Дали мислите дека врз вашето дете се врши влијание од страна на мајката и дека како последица од ова  тоа ве гледа со други очи, се плашите ли дека можете да ја изгубите неговата наклонетост и љубов, што правите за да не дојде до тоа?

Досега не сум осетил такво влијание и се надевам дека нема да има никогаш, не гледам причина на своето дете да му зборувате и всадувате негативни емоции за другиот родител. Мислам дека тоа е погубно и за родителот кој би го правел тоа и за детето. Мораме да внимаваме со децата и без разлика на нашите односи и поминати пријатни и непријатни мигови, да ги поштедиме децата од секакви негативни мисли за нивните родители.
Но и да дојде до тоа, и да има такво нешто, јас не сум моќен да ги спречам другите да прават такви злодела и штети, но ниту пак допуштам мене да ме променат нечии дејствија. Јас на моето дете никогаш нема да му кажам лош збор за неговата мајка, ниту пак ќе дозволам некој да ми ја скрати љубовта кон него.

Како изгледаат вашите двочасовни средби, што правите обично, како му објаснувате на детето зошто тоа трае толку кратко, какви се неговите реакции, коментари и слично?

Тешко е да се опише со зборови колку е тоа малку време. Син ми сака се да ми каже и покаже. Сака на секоја играчка да појде со мене и заедно да си играме. Секогаш е радосен на облеката која му ја носам па веднаш се преоблекува. Секогаш е среќен за играчките и веднаш ги распакува и си игра. Секогаш ме зема за рака да одиме да се шетаме, да ми покаже како ја поминува улицата,  но како што кажав, за жал, не смееме да ја напуштиме игротеката.

Не сметам дека ваквото гледање ограничено во простор и особено во време, е во интерес на детето. Двајцата сме затворени како во кафез, двајцата страдаме што сме толку кратко време заедно и се потешко ми е да му објаснувам зошто мора засега така да биде. Но, нема друг избор во моментов, ова е единствен начин како може да се гледаме. Алтернативата е да не се гледаме, што би било погубно за сите.

Дали вашето семејство, родители, браќа, сестри, имаат контакт со детето или не останува доволно време, каков е нивниот став, колку ве поддржуваат во вашата борба да си го остварите родителското право?

Ние секогаш одиме заедно бидејќи освен во тие два саати, и мојата најблиска фамилија нема кога да го гледа своето внуче. Син ми ги сака сите и со сите се гушка и си игра. Тој ни е прва принова во нашата фамилија, неописива е радоста што го имаме и никогаш ни на крај памет не сме помислувале дека постои вакво нешто, односно некој да го ограничува детето од фамилијата, од оние кои го сакаат и кои тој ги сака и од кои има потреба. Ова е нелогична и нејасна ситуација за сите нас, сепак досега се носиме со ситуацијата и постапуваме согласно сите препораки и се тоа во интерес за детето.

Тие ме поддржуваат и сите ние сметаме дека сите имаме загарантирано право да имаме нормален контакт со нашиот син и внук и се надеваме дека тоа ќе стане стварност.

Всушност, оваа Иницијатива за заедничко родителство е единствена надеж не само за мене, моето дете и пошироката фамилија, туку и за многу други семејства низ државата. Бројот на луѓе кои немаат нормален пристап до своите деца е фрапантно голем.

Кога би можеле да одлучувате, како вие би го решиле својот случај, дали би биле за заедничко и одговорно родителство или евентуално, би одбрале да е детето со вас а неговата мајка да го гледа два часа месечно?

При двајца родители кои сакаат, можат и се подобни да се грижат за детето, детето треба и мора да си живее со двајцата родители. На моето дете му е потребна мајка која ќе биде секогаш тука за него, која ќе се грижи за него и ќе биде негова поткрепа. Не гледам зошто би го доведувал своето дете во ситуација да страда гледајќи си ја мајката два часа месечно.

Општо земено, не гледам цел во тоа родителите да го отргнуваат другиот родител од животот на своето дете. И двајцата мораат да бидат конструктивни и да го стават детето на прво место. Да бидат среќни кога нивното дете ќе биде среќно.

Затоа, мојот одговор е ДА – заедничкото и одговорно родителство е најдоброто решение за децата чии родители се разведени. Се надевам дека ова што го кажав во скоро време ќе можам да го остварам и во пракса.

Како ја замислувате иднината во контекст на вашиот однос со детето?

Неговата иднина како и секој родител ја замислувам во позитивна конотација. Мислам дека тој е умно дете и ќе биде успешен човек. Сепак, ние сите мораме да му помагаме во препреките кои ќе му доагаат во животот. Тој нема други родители, нема други блиски. Затоа не смееме да се поништуваме меѓусебно, тоа би било погубно за него.
На крај да им посакам на сите дечиња да имаат само насмевки, да ги имаат своите родители секогаш кога ќе им потребаат. На родителите да им порачам да ги стават децата на прво место, да разберат дека децата не се на овој свет заради нашето его или суета, туку ние родителите сме тука за децата.

Сигурен сум дека заедно со државните органи, со мноштвото луѓе во Иницијативата и со сите институции кои не поддржуваат, ќе направиме промени во вистинска насока. Овој систем кој го имаме сега е назаден и има негативно влијаено на генерации деца и родители и е време да се смени. Во интерес на децата е да растат со двата родитела, а  во интерес на нас засегнатите родители и роднини е промените да се случат што побрзо бидејќи времето кое го пропуштаме со нашите деца никогаш нема да се врати.

Текст: Драгица Христова

loading...