Дали е себично да се има едно дете?

Родителите имаат свои причини, но и дилеми, дали ќе биде осамено, дали ќе го разгалиме и слично

0
1225

Кога ќе го родите првото дете, возбудата, среќата и усмереноста кон ова мало суштество го окупира целото семејство. Но како што минуваат месеците, почнуваат прашањата: „А кога ќе биде второто?“, „Кога ќе добие братче или сестриче?“ и слично. Коментарите на членовите на семејството и на пријателите дека би било добро детето да има братче или сестриче се се почести, а помеѓу редови како да ви порачуваат: Немојте да сте себични и дајте му на детето брат или сестра!

И родителите со време почнуваат да размислуваат кога и дали воопшто да имаат второ дете: Тие имаат свои дилеми околу тоа дали да останат на едно дете, дали тоа ќе биде осамено, дали ќе го разгалиме и слично.

На пример, во Англија 46 % од семејствата имаат едно дете, во Шпанија и Португалија 30%, трендот расте во САД и изнесува околу 22% на ниво на државата, додека во големите градови изнесува 30%. Кај нас во последните години е присутен трендот на раѓање две или повеќе деца по семејство што е делумно ефект од оној фамозен додаток за трето дете, но од друга страна се зголеми и бројот на семејства со едно дете. Најчестиот изговор на семејствата што имаат по едно дете е дека немаат време и пари за второ.

Покрај тоа постои и фактот дека жените денеска се образуваат и создаваат кариера па се подоцна се одлучуваат за мајчинство, а годините пак често носат со себе и потешкотии со зачнувањето. Жените се мажат се подоцна отколку што било тоа случај со претходните генерации, поради што има се повеќе случаи на неплодност и потешкотии при зачнувањето дури и за прво дете.

Оние кои одлучуваат да имаат само едно дете, кога тогаш ќе се запрашаат: „Дали сме навистина себични? Или сме реални?“

Пријателите, соседите, членовите на семејството, бабите и дедовците, па дури и потполни странци, нема да се воздртжат да го искажат своето мислење за вашиот репродуктивен живот и да го активираат тоа црвче на сомнеж дека на некој начин ќе му наштетите на своето единствено дете ако не му родите брат или сестра.

Сепак, останува фактот дека е многу стресно и тешко да се работи и да се чува дете, а да не споменуваме дека за многу мајки ова значело и отказ или намалување на платата. И никој не може да ви каже што е најдобро за вас и за вашето дете (единец)„ На крајот, секој самиот одлучува за својот живот, а наше е да поставуваме теми и дилеми за размислување.

[better-ads type='banner' banner='999' ]