Дали воспитувачите и наставниците навистина се непријатели на родителите?

Како да им се објасни на родителите, а да не се налутат, дека детето пред прво одделение воопшто не треба да знае да чита и да пишува.

0
571

И се фали една мајка на друга во градинката додека ги врзува врвките од патиките на нејзиниот син: „Знаеш, мојот син оваа есен ќе оди во прво одделение и веќе знае да чита и да пишува! Злато, дај на мама другата нога да ти ја врзам патиката. И знаеш, сам прочита десетици сликовници, го зачленив во детска библиотека. Злато, дај на мама рачето да ти го облечам палтото. И знаеш, сам ги избира сликовниците во библиотеката. Многу е напреден. Ајде малечок, дај мамичка да ти го закопча палтото“.

Типична слика на неодговорен родител. Како да им се објасни на родителите, а да не се налутат, дека детето пред прво одделение воопшто не треба да знае да чита и да пишува. Затоа и одат на училиште – за тоа таму да го научат. Како да им се објасни дека детето пред прво одделение мора да ги совлада, задолжително, елементарните животни вештини како што се: врзување врвки на чевлите, самостојно облекување и соблекување, закопчување на патентот, запетлување копчиња, правилно држење на моливот, самостојно подготвување на своите работи, пристојно однесување, итн. Сето тоа се обидуваат да ги научат воспитувачките во градинките. Велам се обидуваат, бидејќи често поедини родители ги „минираат“ во нивните обиди.

Кога ќе дојдат децата во прво одделение, наставничките се лутат поради неколку работи. Некои од децата не знаат сами да се облечат ниту соблечат. Не знаат каде им е училишниот прибор ниту за што служи. Голем дел од децата не знаат како да го држат моливот. Има и такви кои не знаат да се избришат после одењето во WC.

Некои од нив не знаат ниту да си го избришат носот, а на наставниците не им паѓа на памет да одат и низ одделението да ги бришат децата. Дел од децата пишуваат наопаку, на погрешна страна, прескокнуваат страни. Линиите кои ги означуваат редовите на страните од тетратките не им значат воопшто ништо.

Оние пак, кои „знаат“ да пишуваат повлекуваат движења одозгора надолу, наопаку, неправилно пишувајќи ги буквите, па кога наставничката се обидува да го поправи ученикот, доаѓа до збунетост и лутење од родителите кои не сфаќаат каде е грешката.

Наставниците се оние кои поминуваат часови и часови на нивниот дополнителен професионален развој поврзан со учење на децата како да пишуваат. Како да им се објасни на родителите, а да сфатат дека не се доволно едуцирани за да ги научат своите деца да пишуваат и да читаат? Како да им се објасни на родителите дека не треба да си играат наставници?

Ситуација: Наставничката носи 20 ученици надвор од училиштето, на настава во природа. Од 20 ученици, 10 од нив чекаат да им се врзат врвките на патиките, а 5 чекаат да им се запетла јакната. Додека наставничката ги среди сите, поминува наставниот час и ги враќа во училницата. Од тие 15 кои не знаат да се облечат, барем половина знаат да „пишуваат“.

Ситуација: Наставничките не можат да ги одвикнат од бебешкото зборување и користењето деминутиви кои се користат додека се три години, а не кога ќе започнат на училиште. „Мамичка ми рече дека не смеам да јадам паштетичка. Ми купи чоколатце и сокче. Смеам сега да го испапам?“

Родители, знаеме дека за вас вашите деца и кога ќе пораснат ќе бидат деца, но дали навистина мора да зборуваат вака? Но, важно „знаат да пишуваат“.

Ситуација: Детето нема домашна задача. Кога наставничката го прашува зошто нема донесено домашна задача вели дека неговата/нејзината мајка не му/ѝ ја ставила тетратката во чантата. Драги родители, не треба да го учите детето да чита и да пишува, треба да го научите на самостојност, да го научите сами да си ги спремаат работите. Не може и не смее „мама да биде крива“ затоа што детето нема домашно или потребниот училишен прибор.

Општото мислење на луѓето е дека градинките се место каде децата се носат да се чуваат додека родителите работат. Дали овие родители дека „тетките“ кои ги чуваат децата имаат завршено факултет за тоа?

Дали знаат дека овие „тетки“ учеле за нивните деца да ги научат основните животни вештини, да им ги социјализираат децата и да ги подготват за училиштето?

Често ги слушам колегите од градинка како се жалат дека родителите ги игнорираат нивните барања. Некои родители и се лутеле кога воспитувачките бараат од децата поголема самостојно, дека не сакаат да ги учат децата да пишуваат (бидејќи тоа не е работа на родителите), кога не сакаат родителите да им ги врзуваат чевлите и слично.

Воспитувачките добро знаат што децата треба да знаат пред да започнат да одат на училиште, но наидуваат на недоразбирање и недостаток на соработка од родителите.

Чудно е колку родителите ги потценуваат и омаловажуваат воспитувачите и наставниците. Сите ние имаме една цел: да го разубавиме детството на малите деца, да им го олесниме учењето на животните вештини и да им помогнеме да пораснат во чесни и образовни луѓе. Taжно е што некои родители и најдобро намерните предлози од наставниците и воспитувачите сметаат дека тие се против нивното дете или нивниот начин на воспитување на детето. Не постои „училиште за родителство“ кое треба да се помине пред да се стане родител. Прво се станува родител, а потоа се учи родителството. Во тоа воспитување на децата важна алка се и воспитувачите, наставниците и професорите. често се случува во прв ред просветните работници да треба да ги воспитуваат родителите, а децата воопшто не се проблем.

Како гласи онаа веќе малку излитена изрека „Децата се најголемото богатство“. Се надеваме дека родителите сепак еден ден ќе увидат дека ниту воспитувачите во градинките, ниту наставниците во училиштата не се нивни непријатели, туку сојузници кои се тука за децата. Нивните деца. Нашите деца.  

Фото: www.detinjarije.com

[better-ads type='banner' banner='999' ]