Дали зелената столица значи дека е бебето гладно?

Изјавата дека зелената столица е показател дека немате доволно млеко и дека е бебето гладно е само уште еден мит во долгата низа митови за доењето.

0
944

Повремената појава на зелена столица кај децата кои се доени, здрави, задоволни и добро напредуваат, не треба да ве загрижува. Но, доколку е столицата речиси секогаш зеленаа, а покрај тоа детето и слабо напредува можно е дека не испива доволно масно млеко кое доаѓа на крајот од подојувањето. Имено, на почетокот од доењето млекото е поводенасто и содржи повеќе лактоза (шеќер, кој во цревата ферментира и предизвикува грчеви, гасови и ретка, зелена столица) и малку калории па брзо се вари и детето е набргу повторно гладно. Воденестото млеко постепено, во текот на доењето станува помрсно (брзината зависи од тоа колку се полни дојките, колку силно цица бебето и колку поминало од претходното доење).

Овој проблем се јавува кога мајката има премногу млеко или силен рефлекс на отпуштање на млекото или кога детето прерано ќе се премести на другата дојка (после одредено време, според застаребите совети) пред да успее да го испие помрсното млеко. Дозволете му на детето самото да ја контролира должината на доењето. Важно е детето да ја испразни едната дојка пред да му се понуди другата.

Преголемата количина млеко која е вообичаена во првите денови и недели од доењето, најдобро ќе се регулираат единствено со слободно доење.

Уште една причина за честите зелени столици може да биде детската пречувствителност на одредена храна што ја изела мајката. Покрај зелена столица во тој случај може да се јави и крв во столицата, бљуцкање, осип, егзем и цела низа други симптоми. Често станува збор за пречувствителност на млечните протеини од кравјото млеко, вклучувајќи го и она од готовата храна. Резултати можат да се очекуваат дури после 2-4 недели, колку што е потребно за да се усфрлат протеините од кравјото млеко од организмот на мајката и детето.

Лекови што ги зема мајката (на пример, антибиотици, железо), голема количина зелени намирници (лиснат зеленчук или храна обоена со зелена прехранбена боја) или било која друга храна која на некој начин ја ремети апсорпцијата на хранливи материи во цревата исто така можат да бидат причина за повремено појавување на зелена столица кај доенчето.

Причините за зелена столица можат да се најдат и кај детето. Често единствен симптом на вироза е токму зелената столица која настанува како резултат од пореметувањето во варењето и апсорпцијата на храната. Зелените столици во овој случај не траат подолго од неколку дена.

Многу чести (12-16 дневно) зелени или кафеави столици со многу непријатен мирис кои можат да траат со недели се карактреристични за пролив кој заедно со температура и повраќање на почеток од болеста се јавуваат кај инфекцијата со ротавирус.

Бебињата што имаат жолтица можат да имаат темна или зеленкаста столица додека од организмот се исфрла билирубинот.

Уште една причина може да биде и никнувањето на запчиња, исто така и разни лекови, сирупи и чаеви можат да се причина за зелени столици.

Децата кои се хранат со млечна формула можат да имаат зелена столица поради железото што се додава во нив. По почнувањето на дохранувањето зелените столици можат да се јават кога детето ќе изеде поголема количина зелени намирници или храна која на некој начин му ја ремети рамнотежата во цревата.

loading...