Детето е гостин во твојот дом: нахрани го, воспитај го и пушти го!

Ова е текст за силувањето со родителска љубов. Овој впечатлив текст е од руски автор за руски портал и се однесува на тоа како несакајќи им го расипуваме животот на своите деца доведувајќи ги до несамостојност, неврози и непочитување на себеси и на другите.

0
1661
„Децата се светиња. За децата само најдоброто. Барем тие нека проживеат. Радост во куќата. Не грижи се сине, тато ќе направи за тебе сѐ,…“

Од некоја причина, постојаното слушање на овие зборови како песничка, ми здодеа. И како на родител, и како на поранешно дете, и како на иден дедо. Нели е доволно само да ги сакаме нашите деца? Не е ли време да се однесваме кон нив малку повеќе човечки?
Лично, не би го одбрал овој момент за да се родам. Има премногу љубов. Штом добиеш дтаум на раѓање, веднаш стануваш кукла. Мама, тато, бабите, дедовците, само чекале за да почнат преку тебе да ги задоволуваат своите комплекси и нагони. Те хранат додека не пукнеш. Ти носат детски масер. Ти облекуваат на сеопшто воодушевување, џинс и капут иако уште не знаешп ни да седиш. А ако си девојче, тогаш уште во втората година ти ги дупат ушите за да ти стават златни обетки, кои, коилку и да чинат, си зацртала да ти ги подари омилената тетка.
До третиот роденден повеќе нема место за играчките во детската соба, а до шестиот, ниту во викендичката. Од ден во ден, најпрвин те возат, а потоа те водат по продавници за детска облека, патем навраќате по ресторани и игротеки. Особено надарените мајки и баби спијат со децата до нивната десета година, се додека тоа не почне да наликува на педофилија.
А да, за малку ќе заборавев! Таблет! Детето задолжително мора да има таблет. Пожелно е и ајфон. Од третата година. Затоа што има Мика, мајка му му купила, а таа заработува помалку од нас. Дури и Тања од соседната група има, а таа живее со баба ѝ.
Пред училиште обично завршува „периодот на кукла“ и почнува „поправањето“. Тие прекрасни родители најпосле увидуваат дека нешто малку погрешно направиле. Детето има вишок на килограми, лош карактер и синдром на дефицит на внимание. Сега тие со истиот ентузијазам те водат по диетолози, педагози, психоневролози, само невролози и само психолози. Роднините грозничаво бараат некакво чудо кое ќе предизвила волшебно оздравување, а притоа да не се менува ништо во пристапот во воспитувањето на тоа дете. На тие во суштина езотериски активности се трошат куп пари, нерви и време. Резултатот е нула зарез нешто.
Кога залудноста на потрошените сили ќе стане очигледна, почнува следната фаза. Тогаш речиси сите тие прекрасни родители наеднаш почнуваат жестоко да ги мразат своите деца: „Ние за тебе сѐ, а ти…!“
Разликата е само во тоа што кај едни таа омраза се изразува како дефинитивна капитулација после која следува праќањето на тинејџерот во образовна институција од затворен тип (елитно англиско училиште, приватни училишта и колеџи), а другите во својата глава бесконечно го вртат филмот „ти си мојот крст“.
Кога ќе се помират со тоа дека „од овој нема да биде ништо“, родителите со „Ти си мојот крст на вратот“ продолжуваат од своето веќе потпораснато дете да прават личност. Го запишуваат на приватен факултет, ги подмитуваат професорите, ги покриваат сите тековни трошоци, му купуваат стан, автомобил, го вработуваат преку врски. Ако „Ти си мојот крст“ не е баш талентиран, оваа стратегија носи тешко сварливи плодови – добиваме психички осакатен, но прилично коректен граѓанин. Само што многу почесто тоа лекување на раните здобиени од навалата на родителска љубов, децата ја плаќаат на друг начин – со здравјето, животот, душата.
Култот на детето во нашата цивилизација настанал не толку одамна – пред 50-60 години. Тоа е една прилично вештачка појава исто како Дедо Мраз кој излегува од рекламното шише Кока-кола. Децата се најсилното оружје за забрзување на потрошувачката трка. Љубовта кон детето се става во погон уште во првиот круг. Потоа треба само да се вклучи мерачот…
Тоа секако не значи дека децата порано не биле сакани. Само што семејствата не биле „детецентрични“. Децата биле сакани, но од првите блесоци на свеста знаеле дека се еден мал дел од огромниот универзум кој се вика „нашето семејство“. Дека постојат постари кои треба да се почитуваат и дека постојат помлади за кои треба да се грижат, дека постои нешто наше во што се влеваме, вера што ја почитуваме.
Денеска пазарот сервира модел на семејство изградено околу детето. Тоа е очигледно губитничка стратегија која постои само за да изнуди пари од домаќинствата. Пазарот не сака солидно поставено семејство затоа што во тој случај тоа повечето од своите потреби би ги подмирувало самото, во своите рамки. Од гледиштето на пазарот, идеален татко не е оној кој го минува слободното време со детето, кој го води во парк, го вози на велосипед…идеален татко, од гледиштето на пазарот е оној кој нема слободно време затоа што цело време работи за да заработи за двочасовна посета на аквапарк или на игротека.
Знаете што? Можеме во овој текст глаголот „сакање“ да го замениме со било кој друг: игнорирање, равнодушност. Затоа што таквата родителска љубов е всушност само еден облик на егоизам. Незауздана мајка, татко работохоличар – сето тоа не е ништо друго освен игра на нагони. Што и да зборуваме ние за родителската должност и пожртвуваност, таквото татковство и мајчинство – се грубо насладување, нешто како љубовна разонода, една проста биологија.
Една убава индиска поговорка вели: „Детето е гостин во твојот дом: нахрани го, воспитај го и пушти го.“
Да го нахрани – може и будала; да се воспита – тоа е малку потешко; но да знаете детето уште од првите минути во неговиот живот по малку да го пуштате од себе – тоа е љубов.

Извор: 2MyFamily.ru /

loading...