Дивна Пешиќ: Живееме во Њу Џерси, но со децата зборуваме македонски, на кавадаречки дијалект

Македонската најдобра стрелачка живее во Америка и освен со сликарство не се занимава со ништо друго. Имено, таму породилното трае само 3 месеци, а таа не сака никој друг да ѝ ги чува децата додека се уште толку мали

0
12748

Деновиве добивме известување дека делото „Недопрена доверба“ (масло на платно) на Дивна Пешиќ Грозданов освоило прво место во категоријата „Абстракт“ на престижниот светски натпревар по уметност American Art Awards 2017, во конкуренција од илјадници уметници од 56 држави, а жирито е составено од претставници на 25 најдобри галерии и музеи ширум САД.

„Недопрена доверба“ (масло на платно)

Таа е македонската најдобра стрелачка со малокалибарска и воздушна пушка, со поставени 37 државни рекорди, со два златни медали од балканско првенство, 14-та во Европа, 15-та во светот, а два пати учествуваше и на Олимписките игри, во Сиднеј во 2000-та и во Атина, во 2004-тата година.

Со оглед на тоа што оваа македонска шампионка во стрелање и ликовен уметник, веќе неколку години живее во САД со својот сопруг Блаже Грозданов и двете деца, решивме да ја побараме и да ја прашаме како после богатата стрелачка кариера, а во екот на сликарската, се снаоѓа и во улогата на мајка, со оглед на тоа што, со стрелаштво се занимава од својата 6. година кога повеќе си играла со пушки отколку со кукли, почнала да слика на 13.годишна возраст, а како мајка се реализираше првпат на 34, а вторпат – на 36-годишна возраст.

Дивна е мајка на тригодишниот Стефан и едногодишниот Виктор, не работи никаде, но слика и е максимално ангажирана во нивното одгледување и воспитување.

На споменатиот натпревар конкурирала со неколку дела, и освен прво место во категоријата „Абстракт“, освоила и две втори места.

Дали во Америка се занимаваш само со сликарство или најде начин да продолжиш и со стрелаштвото?

Со стрелаштво се уште не сум почнала овде, иако имав понуди и за тренер и за член, но тоа не значи дека сум се откажала од оваа можност. Единствена причина е тоа што сега во прв план ми се децата и сите ангажмани околу нив, па времето ми е ограничено. Со оглед на обврските околу децата, најчесто сликам навечер, додека тие спијат, а инспирација за сликите ми е моето видување на животот, на она што ми се случува или што посакувам да ми се случи и да не ми се случи…

Помеѓу децата има само две години разлика, како се одлучи на второ дете толку брзо, немаше ли потреба малку да се „одмориш“?

Мојот животен сопатник и мојата вистинска љубов, Блаже, го пронајдов на 33 години, иако се знаевме од деца во Кавадарци и сме иста генерација, сепак судбината не спои во Њујорк, многу подоцна. Децата дојдоа спонтано, како производ на нашата љубов, па Стефан го родив на 34 години, Виктор на 36, и со оглед на возраста пресреќна сум што родив две здрави и прави деца и без потешкотии.
Стефан го доби името по свекор ми Стефан Грозданов, додека за Виктор така одлучивме заедно со сопругот, со оглед на тоа што татко ми е Благој, свекрвата Благица, а сопругот Блаже, некако не ни одеше да го крстиме и него така…премногу Блажевци и Баговци…па така го одбравме ова име, кое е интернационално.

Какви беа твоите породувања, дали се породи по природен пат?

Се породив природно, со епидурална. Првото породување траеше 24 часа, второто 12, но се помина во најдобар ред.

Како се храните, дали ги доеше и до кога?

Стефан го доев до 17 месеци, а Виктор додека не наполни една година. Но после шестиот месец и на двајцата им давав се што јадеме и ние. И двајцата се големи гурмани на мене и јадат се, од зелка, морков, цвекло салати, мазни печени пиперки, овошје, летни манџи, лазањи, пици, пастрмајлиш, телешки мускул, јариња, јагниња, морска риба, а најмногу сакаат октопод. Среќа што овде, во Америка (живееме веќе 4 години во Њу Џерси, Вудланд Парк), има многу свежи морски плодови и морска риба. Најчесто јас им готвам и ја обожаваат мојата кујна.

Дали кога дојде на свет Виктор, Стефан беше љубоморен и како се справувавте со тоа?

Стефан е многу добар постар брат и многу ми помага околу Виктор иако и тој е многу мал. Беше љубоморен само првите два месеци откако се роди Виктор, но потоа беше среќен со новата улога на постар брат, такашто одлично се сложуваат, си играат, се смеат, се тепаат по малку.

Кој ти помага со децата, како ви се поделени домашните обврски?

Ние сме сами во Америка, Блаже работи, а јас се грижам за децата. Во Македонија имавме семејни проблеми па неодамна морав да бидам таму, да се борам за правда и останавме 5 месеци со децата.

Дали одат ли во градинка, имаат ли другарчиња?

Во класична градинка не одат, туку, како што реков, јас се грижам за нив. Ги носам со мене секој ден на фитнес, а во склоп на фитнес салата има градинка кадешто си играат и се социјализираат со други деца. Тука породилното отсуство е само три месеци, а јас не сакам да ги чува некој друг додека се на оваа возраст и сакам да сум со нив додека се се уште мали.

Имавте ли проблеми со спиењето, дали тие спијат во посебни креветчиња или со вас?

Стефан спие во своја соба, а Виктор во нашата спална, но во посебно креветче. Фала богу помина периодот на доење кога се будеа на секој час и спиеја со и околу нас 🙂

Покажуваат ли афинитети кон цртање како мајка им, им дозволуваш ли, на пример, да шараат по ѕидовите?

Стефан црташе по ѕидовите уште на една година, а Виктор уште не се истакнал. Го учев Стефан дека не се црта по ѕид, туку на лист, но тој имаше став дека и моите слики се сите на ѕидовите и зошто тогаш не би биле и неговите. Сега кога потпорасна му е јасно и црта на лист.

На кој јазик зборуваат децата, учат ли англиски?

Стефан и Виктор зборуваат македонски, на кавадаречки дијалект :-). Стефан зборува и англиски во фитнесот со учителките и со децата, но повеќе разбира отколку што зборува. Сакам прво да го научат мајчиниот, македонскиот јазик, а англиски секако ќе научат.

Забележуваш ли разлики во воспитувањето на децата таму и кај нас?

Забележувам дека овде ги учат децата да бидат посамостојни од помала возраст и не им се толку притресени како што сме ние кај нас.

Што сакаш да ги научиш своите деца?

Кога ќе потпораснат ќе ги учам да бидат борци, да се научат да се борат во животот затоа што животот е една голема борба и ако не знаеш да се бориш. ќе те прегазат без око да им трепне. Ќе ги воспитувам како што и моите родители ме воспитувале мене, да бидам добар човек, чесен, праведен, добар пример во општеството, да инвестирам во себе, во знаењето, во спортот, во уметноста, во пријателите… ќе ги учам да го сакаат животот, да ја бараат вистинската љубов, да сакаат… Иако моето лично искуство во последните неколку месеци ме тера да бидам бесна на сите човечки мизерии и гнасни лаги затоа што постојат многу злобни луѓе, без никакви морални вредности, луѓе чиј животен стил им е да изнудуваат пари на нечесен начин затоа што единствената инвестиција во себе им е уличарското образование, сепак не би ги воспитувала моите деца да бидат поразлични од мене. Сакам да ги научам да ги препознаваат вистинските вредности во животот.

Кој е поголем авторитет, ти или сопругот, кого повеќе го слушаат и конечно, како се справуваш со тројца мажи дома?

Поголем авторитет е Блаже. Мора еден да биде „лошиот“. Децата мора да научат да имаат почит кон родителите, и тоа уште сега, додека се мали. Кога не ме слушаат, мора да има казна (Стефан оди на тајм-аут во ќош се додека не се извини), но мора да има и награди. Најважно е да им покажеш во пракса што всушност треба да прават и како да се однесуваат, да бидеш весел и расположен, да си играш детски игри и да пееш и кога не ти се пее…
Што се однесува до животот со тројца мажи, сепак, само еден е маж, другите се деца, а јас сум најразгалената меѓу нив 🙂

Текст: Драгица Христова

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here