„Додека си под мој покрив“ и други фрази на балканските родители

„Ако другите деца скокнат од мост, и ти ќе скокнеш?“ или „Додека живееш под мој покрив и го јадеш мојот леб!“... Секако, списокот е далеку подолг, а ние ќе издвоиме неколку.

0
491

Ако направиме листа од најтипични реченици кои родителите им ги кажуваат на своите деца, на неа веројатно би се нашле фрази како: „Ако другите деца скокнат од мост, и ти ќе скокнеш?“ или „Заврши факултет за да не ринташ цел живот како мене“.
Секако, списокот е далеку подолг, а ние ќе издвоиме неколку.

Додека живееш под мојот покрив и го јадеш мојот леб…

Ова е една од најпознатите реченици па нема потреба да ја објаснуваме.

Не сум јас Рокфелер (Мислиш дека парите паѓаат од небо/растат на дрво…)

Секако, оваа реченица се однесува на недостатокот од пари во домашниот буџет, а се потегнува во ситуации како што се преговорите за џепарлак или купување нови патики. Доаѓа во неколку варијанти од кои покрај спомнувањето на американскиот милијардер, најпозната е и онаа „не растат пари на дрво“.

„Еее, од кал ќе ме правите“.

Најчесто ја изговараат мајките, а има статус на класик помеѓу родителските фрази. Се користи во сите пригоди, а има и подеднакво култна варијанта број два – „Ах да умрам, па да видам што ќе правите?!“

Џигерот ми го изедовте

Ако ги прашате мајките, децата најмногу сакаат да јадат „џигери“.
На одреден начин ова е варијанта на претходната фраза, но упатува на тоа колку децата умеат да ги нервираат своите мајки. Подкатегории се и фразите: „Ќе ме закопате“, односно, „Во гроб ќе ме отерате“.

„Јас сум те родила, има да ме слушаш“

Звучи екстремно, но е толку вообичаено што на родителските закани од овој тип, децата од Балканот повеќе не реагираат.

Од следната недела – грав, премногу ве размазив

Заканите со грав се составен дел од драматургијата околу ручекот, сѐ додека сте „претплатени“ во кујната на мајка ви. Приказната најчесто звучи вака:

– Што има за ручек?
– Боранија од вчера. (Понекогаш пред одговорот, може да се чуе и фраза од типот: „Не се прашува што има за ручек, тука дали има нешто за ручек“)
– Не сум гладен, фала.
– Ааа, од следната недела готвам само грав, премногу ве размазив.

Јас ќе ти ги чувам парите од роденден

Десетина дена пред роденден, просечен тинејџер смета на прсти колку пари би можел евентуално да добие од бабата, дедото, тетката или вујкото. Десет евра погоре, дваесет евра подоле, со денови се прават пеколни планови како да се потрошат парите. Тогаш доаѓа мајката и го изговара она познатото: „Јас ќе ти ги чувам парите од роденденот“. Дали некој некогаш ги видел повторно?

Ќе ме запомниш ти мене, кога ќе дојдеме дома

Апсолутен класик применлив во сите ситуации. Дали сте отишле семејно на слава кај кумот или во супермаркетот во маало, кај забар, на лекар, кај тетката на колачи, кај баба и дедо во село… Секогаш е секаде исто.

Зошто не можеш да бидеш како другите деца (Како Маја/Ана/Никола/Марија можат, а ти не)

Затоа што туѓите деца се секогаш „подобри“. Секако, не се, но ова се користи како аргумент дека детето на соседите ја завршило годината со одличен успех, има две медалји по физика, тренира кошарка, свири клавие и зборува француски“. Секако, тоа дете е едно во милион, а можеби и сосетката малку се занела фалејќи си го детето.

Јас одев 10 километри по снег до училиште….

Ок, некои навистина пешачеле пред да се вдомат во некој друг, поголем град. Но тешко е да се избегне чувството дека баш сите оделе по 10 км по снег до училиштето.
Приказната најчесто звучи вака: Мајката/таткото бара нешто од детето. Одговорот е: „еве сега“ (но тоа никогаш не се случува) и „не можам, ме мрзи“.
– Што те мрзи? Срам да ти е. Кога јас бев на твои години, јас одев пеш 10 км до училиште во еден правец и тоа по снег до колена!

Ако сите деца скокнат од мост, и ти ќе скокнеш?

Широко распространета и препознатлива родителска фраза. Обично служи за да не му се одобри на детето нешто што сака.
– Мамо, може ли да останам подолго надвор? (може ли да одам во кино, на базен,…?)
– Не.
– Ама мамо, сите деца остануваат подолго од мене.
– Ако сите деца скокнат од мост, и ти ли ќе скокнеш?

Не ме интересира што имаш 30 години, додека живееш под мој покрив и го јадеш мојот леб!“

Како почнавме, така и завршуваме. Факт е дека неретко децата (иако се тогаш веќе возрасни луѓе) и на 30 (и повеќе години) живеат со родителите, па ваквите реченици се речиси секојдневна појава. Како што не им придававте премногу внимание кога имале 15, не го павете тоа ниту сега, на 30.

loading...