Дури и кусиот престој на малите деца во институција има долгорочни импликации

Многу деца никогаш не биле земени в раце, прегрнати или допрени. Кога ќе пораснат тие деца стануваат емотивни инвалиди. Затоа треба да се трудиме престојот на децата во институциите да биде што пократок, а третманот кон нив што подобар, рече министерката Мила Царовска на конференцијата „За секое дете, семејство“.

0
230

Човечкиот мозок е во изградба во текот на првите три години од животот. До петата година дететото формира мислење за тоа дали е сакано и посакувано, паметно или глупаво, убаво или грдо и дали за луѓето околу себе претставува радост или мака. За лошото влијание на институционалното згрижување на децата, односно, живеењето без семејна грижа (во дом за деца без родители), за недостатокот на лична интеракција со детето, за архитектурата на мозокот и детскиот развој, за алтернативните облици во згрижувачки семејства, за социјалната инклузија на децата со социјални, воспитни проблеми, за поддршката на родителите на децата со попреченост, се дел од темите за кои се зборува на денешната конференција „ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ, СЕМЕЈСТВО“ во организација на Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ.

Децата без родители и родителска грижа до тригодишна возраст кои се сместени во големи згрижувачки институции имаат помали шанси да се развијат нормално и психички и физички. Затоа Владата ќе се заложи до 2020 година да се стави крај на ваквото згрижување, односно негова замена со згрижување во згрижувачки и роднински семејства, односно форми најблиски до природното семејство.

„Раното детство е од најголема важност за развојот на децата. Овој период треба да го направиме најдобар бидејќи до 75 проценти од мозокот се развива до седмата година од нивниот живот и ако тука испуштиме да вложиме во нив, во развојот на интелигенцијата, тогаш сме пропуштиле многу и како општстветво, и како институции“, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на денешната Конференција „Семејство за секое дете“.

Кога ќе се исцрпат сите можности за грижа, рече таа, можеби некаква институција треба да постои за таму да бидат периодично сместени децата, со цел да им се излезе во пресрет и на родителите и на згрижувачките семејства.
Но, потенцира Царовска, ние треба да се трудиме престојот на децата таму да биде што пократок, а третманот кон нив што подобар.

Треба, додаде министерката, да направиме сè и да се работи и на помош и поддршка и превентивни механизми за зајакнување на биолошките семејства, но и на формирање мрежа на згрижувачки семејства. Институциите, пак, ќе прераснат во големи центри за поддршка на семејствата – згрижувачки, роднински или биолошки. Затоа ќе се развиваат и сервиси на локално ниво за да се заштити природното семејство и да му се даде поддршка да се избори и да не се откаже од своите деца.

Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс смета дека семејството за секое дете е примарен извор на учење пред возраст од три години кога, како што рече, се формираат поголемиот дел од когнитивните емоционални и социјални капацитети. Семејството, додаде тој, е извор на сигурност, идентитет, припаѓање и конечно на љубов.

Во институцијата, според него, тие не добиваат или добиваат малку внимание и љубов, се под емоционален токсичен стрес и тоа е она што го успорува нивниот развој.
Затоа, рече тој, треба да се соработува со здравствениот систем и социјалните служби за да се спречи откажувањето на родителите од децата, да се развијат други форми на згрижување, како згрижувачки семејства, но и да се интензивира чинот на посвојување, со оглед на тоа што, како што рече, во Македонија има 70 деца до три години кои чекаат да бидат посвоени, а има 200 заинтересирани родители да посвојат дете.

Исто така, за оние деца кои не можат да останат во биолошките семејства, или не можат да бидат посвоени или згрижени во згрижувачки семејства, треба да се развијат мали групни домови, кои се најблиска форма до природното семејство.

Дека сместувањето на децата воопшто, но особено на малите, има негативен ефект во нивниот развој, се согласува и евроамбасадорот Самуел Жбогар.
„Кога се работи за мали деца дури и краткотрајно сместување може да има долготрајни последици“, рече Жбогар.
Затоа, според него, треба да се направат напори да се прекине со праксата на институционално згрижување, за што како што рече ЕУ ќе ги поддржува Министерството, Владата и невладините организации да развијат алтернативната форма на згрижување.

Конференцијата е во организација на Министерството за труд и социјална политика заедно со УНИЦЕФ, и на неа околу 300 учесници дебатираат за начините за забрзување на оваа реформа.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here